Текстот е објавен на 21 септември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1046
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Поминаа повеќе од шест години откако новинари на веќе згаснатата А1 телевизија ја објавија аферата „Списоци“ пред предвремените парламентарни избори во 2011 година, кога ВМРО-ДПМНЕ повторно ја забетонира својата победа, а Никола Груевски по третпат стана премиер на државата. Аферата „Списоци“ ја откри целата мрежа како административци под притисок на тогашната власт прибираа по 15 до 30 гласови за ДПМНЕ.
Речиси сите од нив, кои се јавуваа од централата на партијата имаа списоци со имиња и презимиња на кои требаше да им се јават од штабот, да им дадат одредено ветување, а овие за возврат да им обезбедат гласачка машинерија. На тој начин години наназад функционираа работите, но и покрај тоа што аферата беше откриена истата пракса продолжи и во наредните неколку изборни циклуси.
Еден од актерите на оваа афера кој предизвика најмногу внимание, но и револт во јавноста беше раководителот на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Велес, Анде Марковски, чие име „Фокус“ го објави пред речиси седум години. Претходно, А1 телевизија, само неколку месеци пред нејзиното затворање, го објави телефонскиот разговор во кој можеше да се слушне како раководителот на ФЗО е изненаден што жената на која преку партијата и средувал ин витро оплодување не слушнала за никакви списоци и собирање гласови за партијата.
Тој негов „изненадувачки“ коментар, од друга страна, беше шокирачки за граѓаните, кои не можеа да си поверуваат на сопствените уши дека некој за глас за Груевски „средува“ ин витро оплодување, без никаква трошка сочувство.
Тоа ги изнесе на виделина сите дефекти во општеството, односно до каде сѐ човек може да оди за партијата или ако има некаква лична корист од тоа. Јавното обвинителство, во тој период отвори случај, но експресно го затвори, а за таа цел ДПМНЕ на чело со Груевски на плоштад направи спектакуларна прослава, нормално по „заслужената“ победа.
ОД ЧЛЕН НА НСДП СТАНА ВМРОВЕЦ САМО ДА ЈА ЗАДРЖИ ФОТЕЛЈАТА
И во наредните неколку изборни циклуси работите воопшто не се променија, сѐ до 2015 година кога одекнаа првите „бомби“ што ги објави тогашниот прв опозиционер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, каде што во прислушуваните разговори можеше да се слушне како се местеле изборите, како се штанцале лични карти, како се уценувале граѓаните да гласаат преку закани за откази од работа, па се до собирањето гласачка машинерија од државната администрација за изборниот ден. Оттогаш почна да слабее моќта на Груевски и неговата партија, а секако, како прва асоцијација за ин витро оплодување остана раководителот на подрачната единица на Фондот за здравство, кој според снимката беше спремен да најде и 130 гласачи, само партијата да се задржи на тронот.
По цели шест години откако „пукна“ аферата, Марковски се уште седи на раководителското столче во велешкиот Фонд за здравствено осигурување, каде што заседна како кадар на „вмровците“, иако претходно беше дел од НСДП, партијата на Тито Петковски. Тој со членовите на својата матична партија имал заеднички јазик се до 2008 година, откако две години претходно во 2006 година, Петковски на изборите коалицираше со Груевски. На првите предвремени парламентарни избори тиквата меѓу коалиционите партнери пукна откако НСДП одлучи да влезе во коалиција со тогаш најголемата опозициска партија СДСМ, тврдејќи дека „вмровците“ водат лоши политики и заборавиле на ветувањето дека ќе направат економски бум, што всушност беше и главниот адут со кој ги добија изборите.
Кога и официјално Груевски и Петковски ја прекинаа соработката, Марковски и го врти грбот на својата партија, па заедно со уште неколкумина други приврзаници преминува во ДПМНЕ, од каде што во следните неколку години е богато награден со уште неколку функции, а неговата кариера вртоглаво оди напред.
Од информациите што во моментот можеме да ги најдеме на интернет, а се поврзани со неговото име и презиме е и тоа дека Марковски дури два мандати е член на Собранието на општинската организација на Црвениот крст во Велес и тоа цели осум години. Првиот мандат му трае од 2008 до 2012 година, додека вториот мандат е од 2012 до 2016 година. Со само еден клик на веб страницата на Општинската организација може да се најдат сите потребни информации за него и за другите членови на организацијата.
„Фокус“ испрати неколку прашања до Фондот за здравство, со кој во моментот раководи Ден Дончев од каде ни потврдија дека Марковски се уште е раководител на подрачната единица на ФЗО во Велес, но од таму нагласија дека не сакаат да коментираат за неговите активности.
– Сегашното раководство не коментира причини или мотиви на претходните раководства – гласеше краткиот одговор од ФЗОМ.
Исто така, неколку прашања на имејл упативме и до Марковски – дали чувствува некаква морална одговорност откако целата македонска јавност го слушна дека ќе посредува за ин витро оплодување само ако се соберат гласови за Груевски на изборите во 2011 година, дали против него е покрената некаква кривична постапка и со оглед на тоа што е на истата раководна позиција како и пред шест години, дали и за овие избори ќе собира гласови за ДПМНЕ. Но, до затворањето на овој број од неделникот од него не добивме никаков одговор.
Дека и покрај тоа што се случи, против раководителот на подрачната единица во ФЗОМ не е покрената никаква кривична постапка потврдија и од Јавното обвинителство.
– Во однос на вашето прашање, ве известуваме дека во Основното јавно обвинителство во Велес воопшто не беше доставен материјал врз основа на кој би можело да се оформи предмет – се наведува во одговорот од ОЈО.
СЛУЧАЈОТ СЕ ВОДЕШЕ КАЈ ШВРГОВСКИ, СЕГАШНИОТ АДВОКАТ НА МИЈАЛКОВ
Инаку, на списокот што го објави А1 ТВ можеа да се најдат многубројни имиња на раководители на институции кои ги принудуваа своите вработени да најдат по 15 гласачи во својата најблиска околина со што ќе придонесат за голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Сето тоа го слушна македонската јавност, за што беше отворена и истрага која беше под раководната палка на тогашниот скопски обвинител Марко Зврлевски, но во улогата на републички обвинител во тоа време беше Љупчо Шврговски. Како што се отвори истрагата, така експресно се затвори, што не изненадува со оглед на тоа од која партија доаѓаа првите двајца обвинители. И на нив, како и на ВМРО-ДПМНЕ целта им беше да се добијат изборите.
Сепак, иако знаеме дека случајот е затворен уште пред шест години, свесно поставивме неколку прашања до Основното јавно обвинителство во врска со овој случај. Еве што ни одговорија:
– За наводите за кои поставувате прашања, во 2011 година во Основното јавно обвинителство Скопје беа отворени два предмета, и тоа еден за наводни барања од партијата ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на гласачи од страна на администрацијата и второто за наводни барања од партијата СДСМ за обезбедување на гласачи од страна на администрацијата. ОЈО по добиените податоци испита голем број на сведоци и прибра обемен релевантен материјал во двата предмета. Притоа, во двата предмета од страна на Обвинителството беше утврдено дека не се најдени елементи на сторени кривични дела, па следствено на тоа предметите се затворени во 2011 година – се наведува во одговорот на ОЈО.
Но, она што е најчудно во целата приказна е што на распит никогаш не беа повикани новинарките што ја објавија сторијата Сашка Цветковска и Наташа Стојановска, кои, исто така, ги водеа снимените разговори со „вмровците“, што е доволен доказ дека истрагата била водена така, што побрзо да се затвори.
Сето тоа не е чудно, со оглед на тоа што во последните десет години колку што ВМРО-ДПМНЕ беше на власт имавме можност да видиме како експресно се затвораат случаи што не се по нивна мерка, но затоа пак уште побрзо се отвораа случаи против неистомисленици, критички интелектуалци и новинари и „предавници“. Во меѓувреме, по брза постапка во притвор завршуваа невини луѓе, „согласно Уставот и законите“, иако тие закони важеа само за одредени луѓе.
По шест години оттогаш, истиот републички обвинител Шврговски кој со брзина на светлината го затвори случајот, сега е адвокат на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков во неколку случаи во кои е обвинет од страна на Специјалното јавно обвинителство. Додека, пак, Зврлевски, благодарение на својата послушност кон раководството на ДПМНЕ, за што можеше да се слушне и во „бомбите“, за кратко време го замени на местото републички јавен обвинител, кој според обвиненијата што ги покрена, ги скрои судбините на многу политички неистомисленици на поранешната власт. Пред речиси еден месец, по смената на власта Зврлевски беше разрешен од функцијата. Сепак, ќе остане запаметено дека тоа се двајцата обвинители кои во рок од десетина дена отворија и затворија случај на флагрантно кршење на законите и местење на изборите со докази кои новинарите им ги сервираа „на тацна“.
ФРЧЕА ТУЖБИ ОД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ПРОТИВ НОВИНАРИ, УРЕДНИЦИ И ПОЛИТИЧАРИ
Но, додека од една страна експресно се затвораа случаи, од друга страна Фондот за здравство во тој период под раководната палка на директорката Маја Парнарџиева – Змејкова „сардиса“ со тужби неколку новинари и политичари кои се дрзнаа јавно да говорат и да пишуваат дека ин витро оплодување се добива по партиска линија, односно ако си близок до тогашната владејачка гарнитура. Тужба доби и новинарката потписничка на овој текст како и уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова.
Во еден од текстовите за нашиот весник, револтирана мајка ја раскажа својата приказна, во која тврдеше дека не добила ин витро оплодување затоа што не е партиски определена и одбила да излезе на гласање.
– Во врска со темата „Ин витро“, во периодот 2011 година Фондот за здравствено осигурување има поднесено тужби против новинарките Ирена Мулачка и Јадранка Костова. Кога се декриминализира клеветата, граѓанската постапка против Мулачка не беше поведена. Фондот подоцна ја повлече и тужбата против Jадранка Костова – се наведува во одговорот од ФЗОМ.
Од тужба од Фондот за здравство не куртули ниту тогашниот лидер на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, кој во интервју за „Фокус“ тврдеше дека ин витро во државата добиваш само ако гласаш за „вмровците“.
– На наши активисти од едно кочанско село не им одобрија ин витро, само поради тоа што мажот беше активист кај нас, но им беше непријатно да зборуваат јавно за својата мака. Ова беше втор случај на уцени со ин витро. Веднаш штом го кажав тоа, добив тужба од Фондот за здравство – објаснува Ангелов.
Во тој период, наместо да ги испита наводите објавени во медиумите, Фондот за здравство веднаш покрена тужби, тврдејќи дека новинарите лажат. Според ФЗО, објавените текстови во медиумите биле невистини, зашто Фондот на секој можен начин им помагал на сите оние кои сакале да станат родители.
Што се однесува, пак, до раководителот на Фондот за здравство на Велес, Анде Марковски, кој и покрај смената на власта се уште е главен во оваа институција, мораме да нагласиме дека постои и формално-правна пречка за негово разрешување, зашто во период на избори, според законот не смее да се именуваат и разрешуваат директори и раководители на институции.
Сепак, со оглед на партиското камелеонство на Марковски, кому, како што видовме, не му е проблем да менува партиски дресови само за да ја задржи фотелјата или да седне во нова, добро е јавноста да се потсети какви кадри се уште продолжуваат да раководат со институции важни за здравјето на граѓаните.
Рамка
СЈО ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА АФЕРАТА „СПИСОЦИ“
Специјалното обвинителство ја прошири листата на сведоци за истрагата „Титаник“. Во својство на сведок за изборните нерегуларности исказ даде новинарот Младен Чадиковски, кој во времето кога беше објавена аферата „Списоци“, беше уредник во телевизијата А1.
Претходно сведочеа новинарките Цветковска и Стојановска, кои во 2011 година контактирале дел од лицата на списоците што ги поседувале, претставувајќи им се како да се од ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин дошле до сведоштва на граѓани кои од страна на власта биле уценувани со работни места, па дури и со ин-витро оплодување, доколку обезбедат по 15 гласа за партијата.
Рамка2:
ДОСИЕТО „СПИСОЦИ“ ЗАТВОРЕНО САМО НЕКОЛКУ ЧАСА ПРЕД ИЗБОРНИОТ МОЛК
Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се евидентира фактот дека на 11 мај, 2011 година обвинителот Љупчо Шврговски покренал истрага во врска со случајот „списоци за гласање“.
„На 25 мај, скоро 20 државни службеници, кои се нашле на таквите списоци, беа повикани во канцеларијата на Обвинителството за да дадат докази. Според Државниот обвинител, најголем дел од нив не се појавиле на разговор, а тие што се појавиле одрекувале дека било вршен притисок врз нив да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. На 3 јуни, обвинителот изјави дека нема доволно докази за покренување постапка“ – регистрирале од ОБСЕ/ОДИХР без да нагласат дека на 3 јуни, од полноќ почнуваше изборниот молк.
Интересно е како најголем дел од службениците имале таква комоција да не се појават на разговор кај обвинителот! А при ваков систем, кој би имал и храброст да признае. Затворањето на досието неколку часа пред изборниот молк, пак, беше дополнителна стимулација и оние што можеби би признале, да си постапат според упатствата за гласање.