АРХИВА: Борис Змејковски – од основач на ВМРО-ДПМНЕ до милионер-олигарх!

by Фокус

Текстот е објавен на 17.11.2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1102

Иако поставувањето на Змејковски на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ е сосема логично решение зашто на владејачката партија ѝ беше потребен човек од првата партиска генерација за да ја намали опасноста што ѝ се заканува од Љубчо, Љубе и од Стојанче, сепак неговата кандидатура претставува и изненадување зашто тој пред десетина години се повлече од високата политика и му се посвети на бизнисот. Паралелно со директорувањето со спортската сала „Борис Трајковски“, првиот генерален секретар на ДПМНЕ ја откупи компанијата за производство на брусни камења „Илинден“. Меѓутоа, годинава за дел од имотот на оваа компанија Комерцијална банка активираше хипотека, додека на друг дел државата изгради индустриска зона. Истовремено, тој купи имот во Ранковце…

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Претстојните парламентарни избори ќе претставуваат своевиден референдум „за“ или „против“ десетгодишното владеење на власта, па оттука сосема логично е тоа што поларизацијата меѓу двата големи политички блока оди до крајни граници. Сепак, на овие избори граѓаните што инклинираат кон левицата и десницата ќе имаат идеолошка алтернатива. Се разбира, ваквото разграничување е условно, имајќи предвид дека големите коалиции, и покрај тоа што имаат генерална идеолошка детерминација, добиваат надидеолошки карактер, ако се знае дека сѐ повеќе идеолошки се изобличуваат, додека истовремено имаат партнери од сите страни на политичкиот спектар.

Оттука, на граѓаните со чисти левичарски убедувања, кои сметаат оти коалицијата на СДСМ идеолошки застранила, на располагање им стои можноста да гласаат за новоформираната политичка партија создадена на базични левичарски основи – Левица. Ако тежината и силата на оваа партија не може да се процени, со оглед дека станува збор за сѐ уште неетаблиран субјект, тогаш сосема поинаку е во десниот кампус, каде што ВМРО-НП, ОМ и Достоинство формираа коалиција наречена „ВМРО за Македонија“, како автентична вмровска алтернатива на ДПМНЕ. На крајот, гласачите ќе можат да изберат и една граѓанска центристичка опција, која ја застапуваат ДС, ФРОДЕМ и други партии од „Коалицијата за правда и промени“.

Иако пропадна обидот за создавање на уште поконкурентен центро-десничарски опозициски сојуз, и коалицијата меѓу Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов е респектабилна. Токму фактот што овие некогашни авторитети во ВМРО-ДПМНЕ се здружија со цел да ги придобијат сите вмровци, кои се незадоволни од владеењето на Никола Груевски, ама одбиваат да ја дадат нивната поддршка на сојузот на социјалдемократите, го натераа Груевски на пратеничките листи да понуди и луѓе од постарата вмровска генерација, со чисто вмровско педигре, кои треба да го амортизираат ударот од опозициската десница.

Еден од нив е хашкиот затвореник Јохан Тарчуловски, чие присуство на листата на ВМРО-ДПМНЕ треба да го разбие патриотскиот ореол на двоецот Бошкоски – Ангелов, кои се синоним за македонски херои што застанале во одбрана на татковината во 2001 година. Воедно, Тарчуловски треба да испрати порака дека тој е вистинската македонска жртва од татковинската војна, кој се борел и одлежал затвор за Македонија. На тој начин, тој треба да ги привлече бранителите кон најголемата владејачка партија, но таа приказна нема да помине мазно, особено откако јавноста дозна дека е вклучен во милионски бизнис, додека многумина бранители се потценети од актуелната власт.

СЕ РАЗИДЕ СО ГЕОРГИЕВСКИ, СЕ ОБЕДИНИ СО ГРУЕВСКИ

Најголема вмровска аквизиција на ДПМНЕ, од таа гледна точка, е кандидирањето на еден од основачите на партијата, Борис Змејковски. Тој е познат како прв партиски генерален секретар, но непосредно пред парламентарните избори во 1998 година влегува во конфликт со Георгиевски и со Доста Димовска. За потсетување, оваа битка во јавноста се портретираше како битка меѓу таканаречените македонисти и пробугарското крило, кое наводно гравитирало околу Димовска, но неколку години подоцна, првиот партиски лидер Георгиевски изјави дека интерните битки во ДПМНЕ никогаш не биле на идеолошка, туку исклучиво на лична основа, мотивирани од желбата за моќ и влијание.

Откако ја загуби внатрепартиската битка за превласт, тој до изборите во 1998 година дејствува како фракција, но по изборната победа на ДПМНЕ се отцепува и со свои истомисленици и приврзаници ја формира ВМРО-Вистинска. Инаку, структурата што ја изгради оваа партија учествуваше во обидот на тогаш опозицискиот СДСМ предводен од Бранко Црвенковски, Демократската алтернатива на Васил Тупурковски и други партии, кои во 2000 година се обидоа да ѝ изгласаат недоверба на владата на Георгиевски, по што новата влада, како што рече Тупурковски во едно ТВ интервју, требало да ја води ексминистерот за финансии, Борис Стојменов. Како што е познато, оваа операција заврши неуспешно.

Арно ама, ВМРО-Вистинска стана дел од широката коалиција формирана поради конфликтот во 2001 година, но набргу потоа дојде до конфликт на релација Змејковски – Стојменов дали партијата да остане или да излезе од владата. Поради тоа, луѓето на Змејковски го сменија Стојменов од лидерското место во партијата, што од страна на приврзаниците на Стојменов беше оценето како пуч оркестриран од ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој тогаш беше во ВМРО-Македонска, а сега се јавува како носител на пратеничката листа на Коалицијата за промени и правда во четвртата изборна единица, каде што ќе се судрат Груевски, Георгиевски и Зоран Заев.

Како и да е, ВМРО-Македонска секако излезе од оваа влада и постоеше на политичката сцена до периодот пред парламентарните избори во 2006 година. Откако стана јасно дека Груевски ја добива внатрепартиската битка за превласт во ВМРО-ДПМНЕ со Георгиевски, Змејковски ја претопи Вистинска со ДПМНЕ, оценувајќи дека тоа било прв чин на обединување на ВМРО, кое дотогаш, според него, било подложно само на делби и раслојувања. Тогаш згасна политичката кариера на Змејковски, кој се посвети на приватниот бизнис, за сега Груевски повторно да го врати на голема врата во високата политика.

КОНТРОВЕРЗНО ДИРЕКТОРУВАЊЕ

Набргу по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, владата го назначи Змејковски за директор на друштвото што управуваше со повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што се задржа до 2010 година, период кога салата беше пуштена во употреба. Во тоа време, некои негови некогашни сопартијци и соработници го обвинуваа Змејковски за коруптивно управување со салата. Еден од нив беше Јове Кекеновски од ФРОДЕМ, со кој Змејковски своевремено се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ и ја формира ВМРО-Вистинска, во која Кекеновски беше потпретседател и претседател на Централниот комитет.

Колку за потсетување, во една колумна од 2009 година Кекеновски јавно праша зошто надлежните институции не презеле мерки да ги испитаат сомнежите за криминал на Змејковски додека ја градел салата, иако, нагласува тој, претседателот на Надзорниот одбор на оваа институција поднел оставка бидејќи не се согласил да потпише документи за зделки со компании за десетина пати зголемени цени. Тој во колумната додава дека ваквите објекти во соседството чинеле најмалку 7-8 пати поевтино. Поради оваа колумна, Кекеновски заработи тужба од Змејковски, но подоцна тужбата беше повлечена.

Имено, според достапните податоци од Бирото за јавни набавки, во 2008 година биле потпишани неколку договори со приватни компании за доизградба на салата, при што заеднички именител за сите договори за таканаречени дополнителни градежни работи е тоа што се потпишани во постапки со преговарање. Тоа се оправдува со фактот што договорот се склучува како надградба на основниот договор, бидејќи потребите излегле од неговите рамки. Во системот ги нема основните договори, бидејќи тој функционира од 2008 година наваму, меѓутоа сумата може да се претпостави, доколку се знае дека секој анекс не смее да надмине 30 проценти од цената утврдена со основниот договор.

Станува збор за три договори за дополнителни градежни работи склучени во 2008 година, од кои едниот се однесува на дополнителни градежни работи при партерно уредување, склучен со велешката „Делта пром“ за сума од 470.000 евра. Потоа, вториот е за внатрешно опремување и паркет склучен со „Енергомаркет“, дел од словенечката групација ЕЛАН, вреден 326.000 евра, додека третиот е за изведување термотехнички инсталации склучен со скопската „Кратер“, вреден 276.000 евра. Доброупатените велат дека Змејковски многу години е близок пријател со првиот човек на „Енергомаркет“, бизнисменот Аце Димитриевски, меѓутоа не успеавме да стапиме во контакт со Змејковски за да ги потврди или отфрли ваквите информации.

ДИСЛОКАЦИЈА НА БИЗНИСОТ

Додека беше директор на „Борис Трајковски“, Змејковски од словенечката компанија „Комет“, за 800.000 евра ја купува фабриката за производство на брусни камења „Иднина“, подоцна преименувана во „Иднина Змеј“, во која дополнително инвестираше уште 4 милиони евра. Тој тврдеше дека компанијата ја купил транспарентно на јавна лицитација и од неа направил успешна приказна, меѓутоа обвинувањата на негова адреса не престанаа. Дури, и родениот брат на Борис, Владимир Змејковски, по неговата кандидатура за пратеник јавно напиша дека помалиот брат отсекогаш бил користољубец.

По рестартирањето на фабриката во 2010 година, таа функционираше во кратовското село Туралево. Но, интересно е дека деловните простории на компанијата на површина од над 10.000 квадратни метри, распоредени на земјиште од над 18.000 квадратни метри, биле под хипотека кај Комерцијална банка, која годинава објави одлука дека овој имот е на јавно наддавање со неодредена почетна цена. Од банката ни изјавија дека за имотот е отпочната постапка за извршување, но, како што додаваат од таму, се уште не е одржана јавна лицитација за продажба.

Арно ама, под хипотека биле само објектите, но не и машините и механизацијата на компанијата, кои неодамна Змејковски ги сели од Туралево во Ранковце, на дел од имотот на некогашната задруга „Малина“, за која се води стечајна постапка. Во Катастарот на недвижности, како сопственик на овој имот сѐ уште стои државата, но од Општина Ранковце велат дека Змејковски уплатил данок на промет за да стекне сопственичко право. Тоа значи дека го откупил имотот, но, според информациите до кои дојдовме, за 20 пати пониска цена во споредба со проценетата вредност од општината кога се утврдувала основица за пресметка на данокот.

Исто така, нашите сознанија говорат дека Змејковски не ја откупил компанијата од државата, туку од приватна фирма. Стечајниот управник на „Малина“ нѐ упати во Катастар да ги побараме одговорите како овој имот дошол во посед на приватна компанија од која потоа го купил Змејковски, но таму како сопственик на имотот сѐ уште фигурира државата. Врз основа на тоа, се наметнува дилемата дали таа компанија го купила имотот од државата, но не стасала да пријави промена на сопственоста во катастарот, или, пак, е еден од доверителите на „Малина“, која го добила имотот како дел од стечајната маса?

ПОДИЗВЕДУВАЧ НА ТЕНДЕРЏИЈА

Во секој случај, Змејковски се откажа од објектите во Туралево, кои на некој начин ѝ ги препушта на Комерцијална банка, со тоа што не плаќа рати за кредит. Колку за информација, во непосредно соседство на овие објекти, државата изгради индустриска зона, во која влезе и дел од имотот на „Иднина Змеј“. Од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони велат дека објектите биле во сопственост на компанијата, но земјиштето, како што е случај со најголемиот број компании од некогашна Југославија, е на државата, така што при изградбата на зоната немале никакви обврски кон фирмата поради земјиштето.

Како и да е, Змејковски за 20 пати пониска цена дојде до имот до Ранковце на атрактивна локација во близина на регионалниот пат. Според последниот финансиски извештај доставен до Централниот регистар, компанијата во последната заокружена 2015 година работи со загуба од 5 милиони денари, така што го зголемува минусот на главнината на 23 милиони денари. Којзнае, можеби бизнисот ќе му тргне во позитивна насока паралелно со пратеничкиот мандат.

 

Змејковски недостапен
ДАЛИ НЕГОВАТА ФИРМА БИЛА АНГАЖИРАНА ОД „ТРАНСМЕТ“ ЗА РЕК БИТОЛА?

Откако не успеавме телефонски да го добиеме, испративме неколку прашања до „Иднина Змеј“, чиј сопственик и управител е Борис Змејковски. Меѓу другото, го прашавме како ги регулирал односите со државата поради изградбата на индустриската зона во Кратово, во дворот на неговата компанија, и како го стекнал имотот во Ранковце каде што ја пресели механизацијата и дали навистина неговата компанија работела како подизведувач на „Трансмет“ на рудокопите на РЕК Битола. Но, до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор.

 

Владимир Змејковски за братот Борис
НИКОГАШ НЕ СИ БИЛ ВМРОВЕЦ, НОВОПЕЧЕН ОЛИГАРХУ?

Испровоциран од настапот на Борис Змејковски на неодамнешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ, на која тој рече дека во почетните години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ во партијата примале само чистокрвни вмровци, реагираше неговиот постар брат Владимир Змејковски на Фејсбук:

Ајде Борисе не лажи, никогаш не беше во душата ВМРО-вец, од мал те знам, од дете беше користољубец и таков остана до денес… Јас многу добро ти го знам карактерот, новопечен олигарху… Грујо белким ќе ти опне на твоето конто уште едно и пол милионче евра, а во фиоката кај него сигурно ти чува и некоја кривична

Владимир Змејковски не сакаше дополнително да ја коментира својата изјава на Фејсбук.

 

Кавга Змејковски – Георгиевски
КОЈ БИЛ УДБАШ, А КОЈ ГОЛТАР?

Кога Љубчо Георгиевски ја однесе неговата ВМРО-НП во коалиција со СДСМ на Бранко Црвенковски на локалните избори во 2013 година, Георгиевски беше цел на жесток на напад од дел од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и од Борис Змејковски, кој ги повика истражните органи да испитаат како Георгиевски станал голем бизнисмен.

Парите јас не ги носев во торби. Точно се знае како е влезен и од каде е секој денар. Јас сум човек со корен, наследство, капитал. Георгиевски беше голтар, а стана голем бизнисмен – рече тогаш Змејковски, додавајќи дека нема што да крие околу тоа како го води неговиот бизнис.

Георгиевски, пак, возврати дека Змејковски е еден од таканаречените основачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои нема да го поминат филтерот на лустрацијата, доколку се спроведе реален и праведен процес.

– Змејковски треба да објасни како Слободан Богоевски, повеќе од 20 години му е најблизок политички соработник, а, исто така, може да ја објасни и неговата улога во последниот ден од животот на Костадин Динката (еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) порача лидерот на НП.

Поврзани новости