(АРХИВА) Борба за превласт над казината на криминално-полициски групи го стави на отстрел Раде Трајковски-Штекли?

by Fokus

Текстот е објавен на 8 ноември, 2023 година во неделникот со број 1466

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Една недела откако во „Ист гејт“ куршуми му го распараа дел од белодробното крило, Раде Трајковски-Штекли со фотографија на социјалните мрежи, насмеан испрати порака дека ја добил и оваа битка и си оди дома.

Иако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тврдеше дека полицијата има осомничени за нападот на Штекли, и по неколку недели нема официјални информации кое беше лицето што го снимија сите безбедносни камери во центарот и ладнокрвно си замина откако ги застрела Штекли и неговиот многу помлад соработник Колумбо.

Како што се случи и во претходните убиства, автомобилот „ауди А4“ со кое се превезувал напаѓачот беше најдено запалено, во скопското село Бојане. За тоа до каде е истрагата за нападот, од МВР упатуваат кон Обвинителството, а тие, пак, велат дека тој што треба да го открие идентитетот на сторителот е токму полицијата.

„Јавен обвинител во континуитет издава наредби и насоки за откривање сторител на кривичното дело. Орган за откривање на идентитетот на сторителот во конкретниот случај е Министерството за внатрешни работи. Откако ќе биде идентификуван сторителот, јавното обвинителство ќе преземе кривичен прогон согласно своите законски надлежности“, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Иако официјални информации нема, остануваат прашањата како и зошто Штекли стана мета на напад и што се крие во заднина, со оглед дека скопското подземје „зовре“ последнава година и не престанаа убиствата и нападите меѓу криминалните банди.

Кулминација на оваа „војна“ и сигнал дека нешто се случува во овој свет, кој е далеку од обичниот човек, беше двојното убиство што се случи во март во „Шиша бар“, кога беа убиени Јетон Кривањева-Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“.

Неделникот „Фокус“, во серија текстови, пишуваше за тоа како криминалните кланови влегоа во сурова битка до истребување, па за само неколку месеци се случија четири мафијашки убиства и два напади врз Штекли.

Неговото име во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран, а не се поврзуваше ниту со последните мафијашки убиства.

„РАЗОРУЖУВАЊЕ“ НА ДУЌАНЏИК

Но, сепак, стана цел на напад, што ја откри неговата поврзаност со новокомпонираната група во подземјето „Барон“. Според неофицијалните информации на „Фокус“, за да се разберат причините за нападите врз Штекли, треба да се вратиме многу наназад.

Нашите извори, кои континуирано ги следат активностите на скопското подземје, велат дека наводното обезбедување на казината се најголема причина за крвавата војна, која датира од деведесеттите и почнува кога една група се двои на две – „Беланоца“ и „Дуќанџик“.

Низ годините, така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.

Последното прегрупирање, според нашите извори, почнува со разбивањето на моќниот клан „Дуќанџик“, кој заедно со групата од Грчец имаа политички врски со крилото од партијата на власт кое се отцепи и формира, нова политичка партија.

Овие групи, здружени заедно ја имале превласта и во кафулињата, дискотеките, но и во казината. Во прилог на ова, е акцијата на МВР „Безбеден град“ која официјално не се знае кога почнала.

Оваа оперативна активност почна почесто да се споменува по убиството на Жила. „Фокус“ тогаш објави дека на списокот за редовна контрола и претрес на безбедносни интересни лица кои се спроведуваат од единицата „Тигар“ во содејство со СВР Скопје од вкупно 49, дури 47 лица се припадници на картелите „Дуќанџик“, „Грчец“, како и „Бундес“.

Но, тука ги нема членовите на групата „Беланоца“, „Кондово“, како и на една неформална група што се издвојува – „Барон“. Како што објавивме, оваа група е релативно нова и се „брендирала“ според кафуле што се наоѓа во Чаир. Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци.

По двојното убиство, Спасовски соопшти дека МВР спроведува опсежна оперативна активност, наречена „Безбеден град“ и таа активност е насочена токму кон такви криминални структури.

-Сето она што го преземаме, го преземаме за да се спречат рекетирања, закани, уцени и продажба на наркотични средства и оружје низ целиот град. Заради граѓаните, заради сите што заслужуваат мир и спокој полицијата продолжува со оперативната активност – рече Спасовски.

Но, од архивите во медиумите може да се види дека за оваа оперативна активност, Спасовски зборувал уште пред да се случи двојното убиство.

Уште на почетокот на 2023 година, се испраќале пораки дека нема да има повеќе банди, кои под изговор дека ја чуваат безбедноста на бизнисите, дискотеките и кафеаните го окупираат главниот град и вршат криминални активности директно поврзани со подземјето.

„Алсат“ тогаш објавил дека најмалку еден месец во Скопје патролираат екипи составени од различни полициски единици со оперативен и детален план за следење, интервенција и преземање конкретни мерки против одредени криминални елементи што дејствуваат во главниот град.

УЛОГАТА НА КИЧЕЕЦ

„Од првиот безбедносен аларм во земјава минатиот месец, бил подготвен план за силен удар врз сите елементи на подземјето, кои сеат страв, мамат и изнудуваат пари од сопственици на продажни места, продавници, бизниси, дискотеки и сл.

Акцијата е со кодно име „Безбеден град“ додека полицијата изготвила список со имиња на лица кои ќе бидат под зголемено внимание на полицијата и внимателно ќе им се следат потенцијалните активности поврзани со криминал“, објавила телевизијата повикувајќи се на свои извори.

Комбинирани биле специјалните единици, „Тигар“, Единицата за брзо распоредување-ЕБР, сообраќајната и интервентната полиција за да соработуваат не само при обработката на податоците, туку и при интервенциите во неопходните сомнителни случаи и неутрализација на елементи кои ја загрозуваат јавната и приватната сопственост.

Но, она што е помалку познато во јавноста е тоа дека своја улога во „разоружувањето“ на „Дуќанџик“ и групата од Грчец, имал и обвинетиот и осуден во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец.

Тој беше единствениот што призна вина во овој случај за којшто долгогодишни казни добија поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Бојан Јовановски познат како Боки-13.

Кичеец е познат по јавноста по снимањето на разговори со познати бизнисмени и политичари, а казната затвор ја издржуваше во затворот од отворен тип во Струга.

Додека ја издржуваше казната, предизвика сообраќајка во која загина едно лице. Но, за ова беше осуден само на шест години затвор и сега е слободен граѓанин откако ги издржа затворските казни и за „Рекет“ и за сообраќајката.

Наводно, од него почнува преземањето на казината со помош на одредени структури во полицијата, бизнис во кој неофицијално за месечно за обезбедување се земале по 78 илјади евра.

Во оваа шема влегува и Штекли заедно со групата „Барон“, која, пак, е на страната на „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново, лутиот противник на „Дуќанџик“ (Пластичарска, Чаир, Бутел…).

Освен овие случувања, треба да се земе предвид и отцепувањето на фракцијата од владејачката партија, луѓе кои се блиски со „Дуќанџик“ и „Грчец“, додека поддржувачите на „Беланоца“ и „Барон“ останаа на власт.

Освен новиот контекст на политичката сцена, пред убиствата имаше промени и во полициските структури. Па така, во септември 2022, Примислав Димовски беше сменет од началник на Единицата за интервентна полиција, кој до 2019 година беше командант на Единицата за прв одговор и интервенција „Алфа“.

Оваа единица беше токму за борба со уличниот криминал, но по неговата смена, најверојатно „борбата“ со овој криминал ја презеде Специјалната антитерористичка група „Тигар“ чија примарна задача е планирање и извршување најсложени задачи во борбата со тероризмот и други сложени задачи.

Сепак, оваа единица сега е „главна“ во справувањето со подземјето. Никој не може да потврди дали плановите на Кичеец, во кои своја улога има и Штекли, се совпаднале со оние на полицијата, да се намали моќта на „Дуќанџик“ и Грчец.

Сепак, ова е втор напад врз Штекли на исто место, но засега истражните органи го немаат расчистено ниту едниот, ниту другиот напад. Она што може да се дознае, неодамна Штекли имал близок контакт и со полицијата во теретаната каде тренирал.

КОЈ Е ШТЕКЛИ?

Кога се случи првиот напад во „Ист гејт“, Штекли веднаш се поврза со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кое се случи во 2017 година кај „Ред кафе“во скопската населба Аеродром.

Како што објавуваа медиумите непосредно по убиството, Јанушев бил повикан од осомничениот за убиството, Филип Секуловски Кобра, и добил порака – „дојди да се пресметаме“.

Мартин го зел пиштолот на татко му, вработен во МВР, и излегол од зграда, но Секуловски бил побрз од него и испукал пет куршуми. Кобра, всушност, кога се случи убиството, бил на викенд од затворот каде што издржувал казна за трговија со дрога.

Но, она што го поврзуваше Штекли со убиството беше тоа што Кобра наводно пред убиството се сретнал токму со Штекли, кој баш на тој ден објавил фотографија од Белград, каде што бил за време на убиството.

Секуловски беше уапсен и осуден по две години бегство, а Штекли никогаш не беше обвинет и не беше докажана неговата поврзаност со ова убиство.

Во септември 2021 година, Штекли беше уапсен во Белград. Тој се бараше со меѓународна потерница, но не за убиството на Јанушев, туку за напад за кој бил осуден на шест месеци затвор.

Иако Штекли во Белград беше уапсен во 2021 година, во Македонија беше екстрадиран во февруари 2022 година и беше пренесен во истражниот затвор во Шутка на издржување на затворската казна.

Но, освен од Белград, Штекли беше екстрадиран и од Атина во 2011 година, но не во Македонија, туку во Италија. Тој и Христијан Илиевски се двајцата македонски државјани вмешани во мегаскандалот со наместени резултати во италијанската најсилна фудбалска лига – Калчо.

Илиевски сам се предаде на италијанските власти, а Трајковски беше  екстрадиран и двајцата сведочеа во судскиот процес.

СЀ ВОДИ КОН „БАРОН“

Ако прегрупирањето почна со двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале, убиствата тука не застанаа. Бргу по двојното убиство, во Приштина беше убиен Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил.

На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација. Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството во „Шиша бар“.

Според официјалните документи, семејното презиме на Бљерим е Даци, а го сменил во Шабани, откако издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал каеда.

Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше и неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки.

Упатените велат дека негов роднина сега сака да ја презеде контролата и да се наметне како нов „капо“ на „Дуќанџик“, која сега има армија, но нема генерал.

Со убиството на Оки, криминалната група „Дуќанџик“ остана обезглавена, но сепак и по вториот напад врз Штекли на социјалните мрежи се објавуваат закани до Штекли од псевдоними кои се поврзуваат со „Дуќанџик“.

Единствениот жив лидер на „Беланоца“, пак, Фатљум Ајети-Тоте е во притвор

Според неофицијални и непотврдени информации, Даци, кој беше убиен во Приштина, е поврзан со последниот приведен за двојното убиство со иницијали Г.М.

Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.

Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“.

Сегашното прегрупирање меѓу криминалните групи не е ново, вакво потреси имало и по убиството на Наим Ајети, кога доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.

Во меѓувреме, склопуваат пакт со групата „Грчец“, предводена од Муареми Шеваљ, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела.

Сепак, Шеваљ останат недопрен. Во тој период излегуваа снимки како се забавува во Шпанија, во друштво на фудбалерот Лионел Меси. Легендите велат дека секогаш знаел навремено да се дистанцира поради информациите од добри дојавувачи.

Неодамна беше приведен организаторот на трговија со дрога од селото Грчец, кој е дел од случајот „Планина“ по кого беше распишана и меѓународна потерница во 2021 година.

Засега не е расчистено ниту едно од овие мафијашки убиства, па бандите меѓусебе се пресметуваат кој да ги преземе милионските нелегални бизниси.

Поврзани новости