Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1465, на 2 ноември 2023 година.
Пишува: Валентина ВУРМО
Пред 11 години, пратеникот Талат Џафери, цели 40 дена ја имаше окупирано собраниската говорница, земајќи збор за да чита поезија, како на пример „Очи“ од Ацо Шопов, или да молчи, а сѐ со цел да го блокира носењето на Законот за бранители.
Неговата матична партија ДУИ, пак, тогаш ја фрапираше политичката јавност кога поднесе над 15.000 амандмани, за да го спречат носењето на законот за кој имаше консензус меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Сега, пак, од позиција на претседател на Собранието, Џафери е главен поборник да се стави крај на ваквата пракса со која се блокира носењето на законите.
Поточно, тој е подносител на новиот собраниски Деловник, кој овој начин на блокада, познат како филибастеринг, сака да го испрати во историјата.
Најголеми противници на ваквата идеја се двајцата пратеници од Левица, кои поднесоа 1.850 амандмани, а има неколку амандмани и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, но главно тие се усогласени со ДУИ за новиот Деловник.
„УБИСТВО НА ОПОЗИЦИЈАТА“
Новиот Деловник предвидува неколку новини во работата на законодавниот дом, а меѓу поважните се што ќе има ограничување на амандманската расправа на пет дена во редовна постапка, на три дена во скратена постапка и на два со европско знаменце.
Исто така, предвидено е и ограничување на поставувањето на пратеничките прашања, а му ги зголемува ингеренциите на претседателот на Собранието, кој ќе може да ги преиспитува референдумските иницијативи, како и можност да не верифицира мандат на пратеник избран на избори.
Овој документ е резултат на петгодишни разговори со пратеничките групи во рамки на „Жан Моне“ процесот, кој се одвива со посредство на европратеници.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев обвинува дека со ваков Деловник се врши „убиство“ на опозицијата, бидејќи се предвидува целата постапка за носење закони да изгледа како сегашната постапка со озлогласеното европско знаменце.
-Тоа значи дека опозицијата нема да може да блокира закони, и тоа ќе значи џабе ќе имаш опозиција. Џабе имаш 10-20 пратеници, кога нема да можат да го блокираат Собранието.
Досега успеавме да блокираме неколку закони, како првиот Деловник, кога сакаа да гласаат од дома по пижами, блокиравме зголемување на платите на уставните судии, блокиравме етничка припадност во лични карти… Ова ќе биде убивање на духот на парламентарната демократија – алармира Апасиев.
Тој појаснува дека со ваквите одредби, практично секој закон ќе биде донесен со ЕУ знаменце, амандманите нема да се разгледуваат, а филибастерингот како демократска алатка на опозицијата повеќе нема да постои.
– Го легализирате шверцератот со ЕУ знаменце. Досега, шверцератот се правеше преку Комисијата за европски прашања. Ако нешто не може да помине, се става европско знаменце и оди таму.
Во новиов Деловник, сите закони во следниот парламентарен состав ќе бидат како сегашниот со европско знаменце. Тогаш, чуму ви е опозицијата? Ова е единствениот орган каде што ние како опозиција може да ја натераме власта да преговара.
Не можеме во Влада, тука можеме! Америка, која е најстара демократија, не се осмелила филибастерот да го укинува, сега вие ќе го укинете? Три дена? Јал-не јал, битка со ветерници, зошто да земам збор јас првиот ден кога знам дека на третиот ден вие ќе си го поминете законот? – реагира Апасиев.
„ДЕЛОВНИКОТ Е НЕОПХОДЕН“
Според Џафери, пак, новиот Деловник е неопходен, бидејќи, како што вели, кој и да работи по стариот, ќе си има проблеми.
– Со новиот Деловник треба да се решат многу недоречености и проблеми што произлегуваат од сегашниот Деловник, но и да се направат одредени ограничувања, како при носењето одредени закони, така и при избори на одредени функционери – вели Џафери.
Тој нагласува дека целта на сите учесници во изготвувањето на новиот предлог-деловник била да се спречат сите несакани случаи на блокирање на работата на законодавниот дом, поучени од досегашното искуство во изминатите 30 години.
Џафери очигледно тука мисли и на сопственото искуство од 2012 година, кога се носеше Законот за бранители, а тој дури 40 дена се јавуваше за збор и читаше поезија или молчеше и така ја блокираше работата на Комисијата за труд и социјална политика.
Истата година, пратеничката група на СДСМ, тогаш во опозиција, поднесе 1.000 амандмани на предлог-буџетот за 2013 година. Оваа блокада заврши со „црниот понеделник“.
Кога беше во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35.000 амандмани на Законот за употреба на јазиците, уривајќи го дотогашниот рекорд на ДУИ, со 15.000 амандмани.
Филибастеринг имаше и кога се избираше Џафери за претседател на Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со реплики и со контрареплики, кои си ги даваа едни на други и со процедурални забелешки, речиси еден месец во 2018 година ја блокираа конститутивната седница за избор на Џафери за претседател на Собранието.
Филибастерингот на ВМРО-ДПМНЕ заврши со упад и со насилства во Собранието, во кои беа повредени актуелниот премиер Зоран Заев, пратеници и новинари.
Инаку, терминот филибастеринг значи право на неограничена расправа за одредено прашање. Користејќи го ова право, можно е да се одложи или целосно да се спречи гласањето на закон.
Ваквите опструкции имаат корен уште од античко време, а се користат и во многу парламенти, но кај нас како да зачести во изминатата деценија. Стана моќна алатка во рацете на опозицијата, но и власта не остана покуса.
Таа од друга страна, се навикна да го злоупотребува европското знаменце или форсира скратени и брзи постапки за да ја минимизира улогата на опозицијата.
ОПСТРУКЦИЈА ИЛИ БЛОКАДА?
И ако во европските парламенти, филибастерингот е исклучок, кај нас како да стана правило. Голема прашина се крена кога за време на ковид-пандемијата со илјадници амандмани беа блокирани измените на Деловникот, а кои требаше да овозможат заразените пратеници да гласаат од дома. Левица тогаш поднесе 1.400 амандмани, ВМРО-ДПМНЕ 1.350, а Алијанса/Алтернатива околу 400. Објаснувањето беше дека онлајн-работата на законодавниот дом е противуставна.
Најголеми реакции предизвикаа амандманите поднесени од двајцата пратеници од Левица. За илустрација, левичарите бараа амандмански во Деловникот да се наведе дека ако Собранието работи по 20 часот, онлајн-вклучените да треба да носат пижами.
Иницијаторот на деловничките измени, Џафери го означи Апасиев како деструктивен. На забелешките дека и тој користел филибастеринг за Законот за бранителите, имаше објаснување дека тој блокирал закон, а сега е блокирано Собранието.
Професорот по уставно право, д-р Светомир Шкариќ, тогаш амандманите на Левица ги нарече „мајтап“ амандмани и ги оцени како „шлаканица за парламентарната демократија“. Посочи дури дека станува збор за блокада наметната од страна на малцинството, кое има амбиции да доминира над парламентарното мнозинство.
„Не станува збор за опструкција на законодавниот процес (filibustering), како што се зборува, туку за блокада на постапките за донесување на законите (blockade), непозната во парламентарната демократија“, оцени тогаш Шкариќ, означувајќи ја блокадата на законодавниот процес како противуставна категорија.
Професорот објаснува дека опструкцијата е нешто друго, потенцирајќи дека и таа води кон блокада, но не може да оди до крај.
-Преку долги говори или други средства за попречување го отежнува законодавниот процес, но не може да го загрози донесувањето на законите, смета Шкариќ.
Тој споделува и дека опструкцијата во поново време е најзастапена во Велика Британија и во САД. Во првата држава се користи најмногу кога се носат даночните закони, а во втората кога се штитат интересите на помалите сојузни држави. Се употребуваат различни средства – поднесување предлози во врска со третираното прашање, барање за проверка на кворумот или поединечно гласање, предлози за одлагање на седницата, напуштање на пленарната сала, читање „релевантни“ документи, делови од Библијата или други книги.
Актуелниот претседател на Собранието се надева дека ќе се најдат на пола пат со пратениците од Левица и Деловникот ќе биде ставен на гласање на седницата закажана за 2 ноември. Планирано е новиот деловник да почне да се применува од новиот собраниски состав. Тогаш Џафери ќе го тестира со свикување на конститутивната седница, која не може да трае повеќе од три дена и ќе мора да заврши со избор на претседател на Собранието.
ДОМАШЕН РЕКОРД
Примери на опструкција во Собранието имало уште од 2006 година. Тогаш, една пратеничка на ВМРО-НП, универзитетски професор по медицина, зборувала 6 часа и 30 минути, со цел да го попречи донесувањето на Законот за полиција. Тоа до неодамна беше најдолгиот говор одржан во Собранието по воведувањето на парламентарната демократија. Рекордот го урна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска–Трајковска, која зборуваше 10 часа на собраниската говорница, блокирајќи го изборот на Љубомир Јовески за уставен судија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја пофалија дека го положила тестот на издржливост и поради тоа не бил изгласан Јовески.
СВЕТСКИ РЕКОРД
Светски рекорд, како што објави „Би-би-си“, го поставиле јужнокорејските пратеници, кои непрекинато ја држеле говорницата 192 часа, со долги монолози и со читање на популарниот роман на Џорџ Орвел, „1984“.
„Филибастерингот“ бил со цел да се блокира донесувањето на законот за мерки против тероризмот.
Историјата помни дека наводно најдолгиот филибастеринг во американскиот Сенат го одржал сенаторот Стром Турмонд од Јужна Каролина.
Во обид да го спречи усвојувањето на Законот за граѓански права од 1957 година, Турмонд зборувал непрекинато 24 часа и 18 минути, но законот, сепак, бил усвоен.