(АРХИВА) Бизнисмени се „разоткрија“ како газди во даночни оази: Офшор-фирма на Минчо стекнала вредни акции и недвижности!

Проверките што „Фокус“ ги изврши покажуваат дека многумина познати бизнисмени во земјава се запишале како крајни сопственици на компании лоцирани во разни офшор-подрачја. Дополнителните податоци што ги обезбедивме, пак, покажуваат дека некои од нив токму преку офшор-фирми со текот на времето набилдале солидно досие со вредни акции, па дури и со атрактивни недвижности. За кои бизнисмени и компании станува збор?

by Фокус

Текстот е објавен на 01 јули 2021 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.343.

Истражувајќи ја стечајната постапка на градежната компанија „Бетон-Скопје“, неделникот „Фокус“ дојде до податоци дека друштвото не се движи кон ликвидација, туку кон рестарт, бидејќи една фирма поднела план за реорганизација. Како што објавивме пред 2 седмици, станува збор за „Фего Инженеринг“, чиј доминантен содружник порано бил Горан Мауровски, зет на Минчо Јорданов, кој всушност го поседуваше некогашниот градежен гигант преку „Репро Оне Лимитед“, со седиште на Британски Девствени Острови. Уште пред 3 години, пишувавме дека Јорданов се запиша како единствен сопственик на оваа офшор-фирма, која поседува и значителен фонд на акции, како и удели во повеќе домашни друштва. Според документацијата што ја обезбедивме, меѓу нив е и „Репро 21“, која, пак, поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во македонскиот трговски регистар, запишани се околу 70.000 компании, каде што како сопственици се јавуваат други компании, кои не се регистрирани во земјава, туку во некоја странска држава. Дел од нив се оригинално странски фирми, но некои се реално поседувани од домашни бизнисмени, кои користат странска компанија како параван.

Притоа, фирмите-мајки на околу 400 од овие компании се лоцирани во некоја од земјите што важат за специфични јурисдикции, или популарно кажано офшор-зони. За разлика од останатиот свет, во овие триесетина офшор-држави важат разни финансиски и даночни олеснувања, но, исто така, и специфични правила за приватност на сопствеништвото.

Со цел да се спречи праксата на затскривање на крајните сопственици на фирмите преку комплексни сопственички структури, а со тоа и да се намали можноста за перење пари, се усвоија законски одредби кои налагаат буквално секоја домашна компанија во сопственост на странска фирма да пријави физичко лице како вистински сопственик.

Според официјалните информации од надлежните органи, околу 90 проценти од овие компании ја исполниле обврската да запишат физички лица во Регистарот на вистински сопственици, кој им служи на надлежните субјекти (адвокати, нотари, банки…) при идентификацијата на крајните сопственици на своите клиенти, кога се јавува таква потреба.

Меѓу ретките фирми што не пријавиле вистински сопственик во предвидениот тримесечен рок е фамозната „Ексико“, која беше најактуелна офшор-фирма за време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, поради индициите дека е поврзана со ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков.

Во изминативе години, оваа компанија смени три сопственици од Белизе, Аблени и Лугано, но и до ден денес одбива да пријави физичко лице како краен сопственик. Затоа ќе мора да плати глоба, но, многу поважно, ќе добие и забрана за учество во платниот и правниот промет. Со други зборови, ќе биде оневозможена нормално да функционира.

Но, проверките што „Фокус“ ги изврши во Централниот регистар, кој е надлежен за евидентирање на вистинските сопственици, покажуваат дека многумина познати бизнисмени во земјава се запишале како крајни сопственици на фирми лоцирани во разни офшор-подрачја. На тој начин, тие и официјално признаа дека со години во земјава дејствувале преку офшор-фирми.

Дополнителните податоци што ги обезбедивме, пак, покажуваат дека некои од нив токму преку офшор-фирми, во чие име настапуваа номинирани лица, со текот на времето набилдале солидно досие со вредни акции, па дури и со атрактивни недвижности. За кои бизнисмени и компании станува збор?

ЗАСТАПНИКОТ КОНЕЧНО СТАНА СОПСТВЕНИК

Значителен број акционерски друштва што котираат на македонската берза, во нивната сопственичка структура имале или се уште имаат странски компании, регистрирани во некоја од далечните даночни оази. Тоа особено важи за некогашните општествени претпријатија, кои во процесот на приватизација преминаа во сопственост на некогашните директори.

Во таа насока, офшор-фирми се провлекувале во „Фершпед“ на Штерјо Наков“, „Скопска пивара“ на Светозар Јаневски, но во овој контекст, пред сѐ, треба да се спомене еден од најбогатите Македонци – Минчо Јорданов. Иако неговото име постојано се доведуваше во корелација со мрежата на субјекти настанати по реструктурирањето на гигантот „Рудници и железарница“, сепак, ретко каде тој фигурираше на хартија.

Моментално, според Централниот регистар, Јорданов како физичко лице единствено се јавува како (ко)сопственик на компанијата за сметководство и ревизија „Репро Траст“ , на друштвото за филмови и програма „Луминари Медиа “, а поседува и 19 отсто од акциите во АД за товарен патен транспорт „РЖ Интертрансшпед“.

Сепак, тој поседува акционерски капитал во други акционерски друштва, но не директно, туку посредно преку офшор-компанијата „Репро Оне Лимитед“. Тој никогаш јавно не се изјасни дали оваа компанија е негова или не, но веќе такви дилема нема, со оглед дека тој веќе е запишан како нејзин вистински сопственик.

Имено, документацијата со која располагаме открива дека компанијата е основана во октомври 1999 година според Законот за меѓународни трговски друштва на Британските Девствени Острови. Првично, друштвото било застапувано од Шона Луис Вајт, која веднаш го ополномоштила Јорданов да биде „вистински и законски застапник“ на компанијата.

Па, 22 години подоцна, во македонските институции тој конечно се пријавил како единствен стопроцентен сопственик на сите домашни компании што се во номинална сопственост на „Репро Оне Лимитед“ од БДИ, откриваат тековните состојби за вистински сопственици на овие субјекти што ги поседуваме.

На тој начин, Јорданов веќе станува транспарентен сопственик на сите удели што ги поседува „Репро Оне Лимитед“ во друштва во ограничена одговорност, кои дејствуваат во сферата на медиумите, винарството, управувањето со отпад… Меѓу нив има и компанија за недвижности, која дознаваме дека поседува голем имот во Скопје и во Охрид.

Исто така, тој дефинитивно се потврдува и како сопственик на акциите што ги поседува компанијата од Британските Девствени Острови. Арно ама, законската обврска за пријавување вистински сопственици не ги опфаќа директно котираните акционерски друштва, со што многу вакви офшор-компании што поседуваат акции, но не и удели во ДОО или ДООЕЛ, остануваат со полутајни сопственици.

Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!

АКЦИИ ВО „ФАКОМ“, „БЕТОН“, „МАКСТИЛ“

Инаку, на листата на компании поврзани со „Репро Оне Лимитед“, односно со Минчо Јорданов, влегува друштвото за производство на метални конструкции и делови „Факом“, кое е речиси во целосна сопственост на фирмата со седиште на Британските Девствени Острови.

Воедно, „Репро Оне Лимитед“ е и најголем акционер на градежната компанија „Бетон-Скопје“. Според информациите објавени на Македонска берза, Јорданов е дел од одборот директори на компанијата, заедно со неговите ќерки Ана Јорданова и Наташа Јорданова-Мауровска, како и неговиот зет Горан Мауровски…

Конкретно, „Репро Оне Лимитед“ поседува 22,2 отсто од акциите во „Бетон-Скопје“. Според Централниот депозитар на хартии од вредност, други две офшор-компании – „Ароуцрест Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“, поседуваат 19,9, односно 21,3 отсто од акциите.

Достапните информации говорат дека  „Ароуцрест Лимитед“ има седиште во Ирска, а нејзините две фирми-мајки водат во Кипар, додека „Волес Трејдинг Корп“ е регистрирана во Панама. Она што е заедничко за двете компании, како директори фигурираат специјализирани друштва за административни, корпоративни и слични услуги.

Освен што го прашавме зошто одлучил да дејствува преку офшор-компанија од Британските Девствени Острови, Јорданов го прашавме и кој е сопственик на овие две компании, но одговор не добивме. Со оглед дека во органите на „Бетон-Скопје“ нема странски лица, тоа претставува индикатор дека и овие фирми водат кон Македонија.

Во врска со тоа, треба да се наведе податокот дека во земјава дејствувала и компанија со сличен назив „Волес Трејдинг 21“, која згаснала во 2015 година по пат на стечајна постапка. Дотогаш, нејзин сопственик била Леонида Трајковска, чие име може да се сретне како поранешен управител на „Репро Принт“ (Нова Македонија) на Јорданов, но и како финансиски директор на „Макстил“.

Наспроти тоа, ситуацијата е многу појасна токму во „Макстил“, каде што „Репро Оне Лимитед“ до 2009 година стекнала околу 20 отсто од акциите. Меѓутоа, овие акции до крајот на годината преминуваат кај друга офшор-компанија – „Минјорк Оверсиз Инц“, која на почетокот на 2015 година ги продава/препушта акциите на „Дуферко Скоп Лтд“ од Кипар, која денес е најголем акционер со 81,7 отсто.

Во случајов, се работи за реномирана меѓународна компанија, околу која нема мистерија за крајната сопственост. Така, „Дуферко Групацијата“, каде што своевремено впрочем работел Јорданов пред двете страни да влезат во скопската челичарница, има 40 години традиција. Пред 5 години, оваа компанија, како што стои на нејзиниот официјален сајт, преминува во сопственост на кинескиот гигант „Хелтел Груп“.

ШУМА ОД НАД 12 ИЛЈАДИ КВАДРАТИ

Освен во „Факом“, „Бетон-Скопје“, а порано и во „Макстил“, Минчо Јорданов преку „Репро Оне Лимитед“ дејствува во повеќе сектори. Односно, оваа компанија ја поседува „Винарија Стоби“, друштвото за собирање отпад „Петреп“, како и „Репро Принт“ и „Капитал Медиа Гроуп“, кои ги издаваат весниците „Нова Македонија“ и „Капитал“.

Патем, офшор-компанијата од БДИ го поседува и друштвото за издавање и продажба на недвижен имот „Репро 21“. Ако се погледнат финансиските извештаи на оваа фирма, тогаш не привлекува преголемо внимание фактот што оваа нема фрапантен обрт на средства, кога ќе се види дека лани остварила приходи од милион евра, а добивката изнесувала околу 200.000 евра.

Меѓутоа, важно да се потенцира е дека нејзините нетековни средства надминуваат 10 милиони евра. Тоа претставува резултат на големиот недвижен имот што го поседува оваа компанија, кој е претставен со 13 имотни листови, преку кои се полага сопственичко право врз станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадрати.

Податоците што ни ги доставија од Катастарот на недвижности говорат дека во рамки на овој имот, меѓу другото, влегуваат над 200 квадрати во „Порта Буњаковец“, како и апартмани со вкупна површина од 845 квадрати во еден од крајните станбено-хотелски комплекси во парк-шумата Водно. Понатаму, оваа компанија поседува градежно земјиште од над 2.500 квадрати на Водњанска, веднаш до училиштето „Кочо Рацин“.

Исто така, „Репро 21“ е сопственик на деловен простор со површина од вкупно 1.635 квадрати во деловен објект во населбата Железара. Дополнително, компанијата поседува и деловен простор во трговскиот центар во соседството од 150 квадрати. На крајот, вреди да се посочи дека фирмата во непосредна близина поседува и огромен плац со површина од дури 12.141 квадрат, чија намена, засега, е шуми.

Станува збор за околина што Општина Гази Баба се обидува да ја урбанизира, но тоа наидува на отпор од опозицијата, дел од невладините организации и локалното население. До општината и градоначалникот Борис Георгиевски упативме прашање дали и овој плац е опфатен со еден од трите Детални урбанистички планови што се во фаза на усвојување, и ако е така – каква намена се предвидува? До затворањето на овој број, не добивме одговор!

Во меѓувреме, името на Јорданов се поврзуваше и со редица други компании, вклучително и со приватната болница „Ремедика“, која е лоцирана во парк-шумата Гази Баба, во скопска Железара. Меѓутоа, како нејзин формален сопственик се јавува друга странка компанија – „Макмедикон Консалтинг“, додека управител, односно генерален менаџер е Елица Јорданова.

Додека постепено го зголемуваше капиталот, кој „Форбс“ го процени на 35 милиони евра, Минчо целосно потфрли во политичкиот ангажман, особено ако се знае дека партијата што ја формираше заедно со Владо Бучковски и Љупчо Зиков претрпе целосен дебакл на парламентарните избори во 2014 година. Арно ама, тој истовремено најмногу работеше на проектот „Скопје 2014“, спонзориран со државни пари.

 

Трифун Костовски, косопственик на швајцарски ГОФИ
НЕ МОЖАМ ДА КОМЕНТИРАМ ПОРАДИ ИСТРАГАТА ЗА „ЕУРОСТАНДАРД“

Бизнисменот Трифун Костовски многу години се поврзуваше со „Гофи“ со седиште во Лугано, Швајцарија, чиј управител лани стана неговиот син Коста Костовски.

Сепак, во Регистарот на вистински сопственици, постариот Костовски пријавил сопственички удел од само 25,1 отсто, додека во тековната состојба фигурира и неговата сопруга Драгица Костовска со, исто така, 25, 1 отсто.

Останатите сопственици на нешто под 50 отсто од уделите на друштвото остануваат непријавени, меѓутоа веројатно се работи за други членови на семејството.

Како што е познато, оваа компанија беше акционер во веќе пропаднатата Еуростандард банка, како и во „Еуролинк осигурување“, пред осигурителната компанија да ја купи австриски „Граве“.

Костовски за „Фокус“ вели дека никогаш не криел што поседува тој и неговото семејство, меѓутоа моментално одби да коментира што било за „Гофи“, со објаснување дека се води истражна постапка за Еуростандард банка.

 

Ексико“ згаснува
НАЈПОЗНАТИОТ ОФШОР ПАДНА НА НУЛА ПРИХОДИ

 

Фамозната офшор-компанија „Ексико“, која со години вртеше големи пари и стекна огромен имот, ланската година ја завршила со нула денари приход.

 

Истовремено, податоците од Управата за јавни приходи говорат дека компанијата има долг од 3,8 милиони денари по основ на данок на добивка и 2,8 милиони денари по основ на плати и придонеси.

 

Можеби нема финансиска активност, но „Ексико“ и нејзината фирма-ќерка „Бет-Ком“ поседуваат атрактивен и вреден недвижен имот на Водно, покрај Охридско Езеро, во Гевгелиско итн., кој е замрзнат и неговата судбина е неизвесна.

 

Токму во дел од овој имот престојуваше Сашо Мијалков во периодот кога беше недостапен за органите на правдата. Како што покажа истрагата, тој излегол од задниот дел на дворот и се упатил во стан во близина, каде што „Ексико“, случајно или не, поседува и друг недвижен имот.

 

Кога ќе се земе предвид дека компанијата веќе не може непречено да функционира поради непријавување вистински сопственик, таа се движи кон згаснување.

 

Зоран Азманов, газда на „Еуро Свис Кредит“ од Лихтенштајн
„НАСТЕЛ“ НЕМАЛ ПРИВИЛЕГИИ ПОРАДИ СТРАНСКИОТ ОСНОВАЧ

Градежната компанија „Настел“ е поседувана од две компании – „Еуро Свис Кредит“ од Лихтенштајн и „Алпима Инженеринг“, која, исто така, е во сопственост на странската компанија основана во 2002 година. Управител на друштвото, пак, е Зоран Азманов, кој се пријавил и како негов стопроцентен сопственик.

Тој ни изјави дека „Настел“ никогаш немала никакви привилегии или даночни олеснувања, поради тоа што фирмата била основана од странски основач, а како што истакнува, никогаш не трансферирал било какви средства, ниту се исплаќала дивиденда, ниту се испорачувале фактури за консалтинг или маркетиншки услуги.

Настел“ сака да ги плаќа даноците во Македонија и никогаш не плаќал данок во Лихтенштајн, освен основната такса која се плаќа, а која изнесува 1.800 франци, а доколку има издадено какви било фактури од таа фирма кон „Настел“, таму би требало да плаќа данок на добивка 12,5 отсто, што е повеќе од данокот на добивка во Македонија – вели Азманов.

Тој додава дека како еден од акционерите во „Евро Свис Кредит“ има заработено и лични средства во Македонија, во износ поголем од 8.000.000 евра, за кои, како што посочува, исто така платил персонален данок. Тој објаснува дека фирмата-основач е формирана во Лихтенштајн, бидејќи, според него, таму владее правна држава.

Лично сум работел со извоз на трикотажа во Америка и сум бил најголем извозник од Македонија за што сите приливи се дојдени во Македонија, преку 200.000.000 долари, додека, пак, со градежништво се занимавам од 1998 година и имам изградено 37 згради и за сѐ се подмирени даночните обврски кон државата – нагласува Азманов.

Поврзани новости