Текстот е објавен на 13 јуни, 2024 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1497
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Пред речиси десетина месеци, поточно во август лани, „Фокус“ објави обемна документација, во која откривме нов имот на Ванчо Јовановски, татко на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, кој е лоциран во скопската Општина Гази Баба, во непосредна близина на шпедицијата „Фершпед“ и винаријата „Сковин“.
Според документацијата со која располагаме, фирмата „Титан Моторс“ основана од Јовановски и од неговиот бизнис-партнер Ацо Николовски од Штип, кои и денес се нејзини сопственици, поседува земјиште од над 17 илјади квадратни метри, распространето на шест катастерски парцели, каде што се вцртани неколку градежни парцели.
Проверките што тогаш ги извршивме покажуваат дека на овој имот постојат два деловни објекти од 377 и 485 квадрати, каде што, всушност, е сместена шпедиција, но подигнати се и две хали.
Документите до кои дојде „Фокус“ по слободен пристап до информации од јавен карактер покажуваат дека во периодот кога Арсовска веќе е градоначалничка, односно на 21 септември 2022 година се потпишува договор за регулирање надоместок за уредување градежно земјиште (комуналии) за сѐ уште неизградената хала.
Потпис на договорот имаат ставено Арсовска и Бојан Јовановски, кој и во тоа време и сега е управител на оваа, како и на многу други фирми. Зошто е тоа важно?
Компанијата „Титан Моторс“, на чие име фигурираат повеќето имотни листови, на бизнис-пазарот се појавува пред речиси 10 години, односно на 21 октомври, 2014 година.
Историјатот на промени што го извадивме од Централниот регистар покажува дека од првиот момент на создавањето на фирмата, па сѐ до денес се направени вкупно 13 промени, и тоа од промена на име, па сѐ до промена на сопственици и управители…
Првично, компанијата имала друго име – „Аватар Груп“, и била лоцирана во семејниот дом на Јовановски во скопски Карпош. Во тој период, како сопственици се појавуваат таткото на Арсовска и неговиот бизнис-партнер, штипјанецот Николовски, кои истовремено фигурираат и како управители.
Во меѓувреме се менуваат повеќе имиња, но на управителското столче сѐ уште седи Бојан Јовановски, кој е или близок роднина на Арсовска, или, пак, по некоја случајност го има истото презиме како нејзиното моминско.
Тоа што е карактеристично за него е што тој управува со уште неколку компании, меѓу кои „Малдиви ДООЕЛ“ од Скопје и „Топ Инвест“ од Штип, кои се во сопственост на други компании на Николовски, партнерот на Јовановски во „Титан Моторс“.
Актуелната градоначалничка на Скопје, Арсовска, во ниту еден момент не одговори на прашањата на „Фокус“ поврзани со имотната состојба на нејзиниот татко. Таа упорно ги игнорира нашите прашања и поканите за интервју.
Арсовска досега гостуваше во неколку емисии, каде што никој не ја праша за нејзиното семејство и што, всушност, поседува? Само во една емисија ѝ нагласија дека Антикорупциска ќе покрене постапка за потеклото на имотот на нејзиниот татко, на што само таа кратко одговори:
„Мојот татко не е функционер. Се прави хајка против мене“.
Точно дека нејзиниот татко не е функционер, но затоа пак тој од полициски службеник станал имотен бизнисмен.
КОЈА Е КОМПАНИЈАТА „ТИТАН МОТОРС“?
Сепак, зошто компанијата „Титан Моторс“ е толку важна во целата приказна? Од тука некаде почнува и официјалната бизнис-соработка меѓу таткото на Арсовска – Јовановски, и штипјанецот Николовски, кои очигледно работат заедно години наназад.
„Фокус“ досега објави цел серијал за тоа што сѐ поседува семејството Јовановски, фирми што се водат на негово име, на име на неговиот син и сопруга, како и на негови блиски соработници и пријатели. Тука е и огромниот недвижен имот, почнувајќи од куќи и станови, па сѐ до хотели, кои во моментот се пренаменети во старски домови.
Пред две години, екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на чии имотни листови фигурира името на Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош, Капиштец и Гази Баба.
Според тоа што го дознавме, двата хотелa „Империал“ и „Ројал“ сега се пренаменети во ланец од старски домови со кои управува извесен психијатар Благоја Стевановски. Тука се и шесте компании на име на семејството Јовановски, како и стан и поголем дел од зграда.
Сѐ уште останува енигма како таткото на Арсовска, кој пред 30 години бил инспектор во МВР, поседува и компании каде што претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка?
Веќе трета година како Арсовска го води Град Скопје и никако не стивнуваат негативните реакции околу нејзината работа. Таа подолг период е на различна бранова должина и со вмровците, кои ја донесоа на власт, но и со останатите партии, со што Советот на Град Скопје никако да профункционира.
АВТОМОБИЛИ, ЗГРАДИ, ХОТЕЛИ…
Но, да се навратиме на бизнис-партнерот на Јовановски, познатиот штипски бизнисмен Николовски. И неговата листа на фирми е голема, а се лоцирани на релација Македонија-Бугарија-Србија-Грција.
Според податоците од Централниот регистар, Николовски фигурира како сопственик во четири фирми, а во едно Здружение е овластено лице. Неговиот спектар на бизниси е широк, од градење згради, па сѐ до автомобили, текстил, хотелиерство…
Освен компанијата „Титан Моторс“, која ја поседува заедно со Јовановски, тука е и фирмата „Ауто Нико ДООЕЛ“, чија главна дејност е трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија. Таа е лоцирана на улицата Гоце Делчев 157 во Штип.
Доволен е само еден клик на интернет за да се пронајде која е компанијата, како работи, па може дури да се види и објавеното видео на Јутјуб од целиот плац со автомобили, што потврдува дека се работи за мошне голема компанија, која постои само пет години. Основана е на 10 април, 2019 година.
За разлика од оваа фирма, компанијата „Нико 2002“ опстојува многу подолго на бизнис-пазарот, поточно од октомври, 2002 година. Таа е лоцирана на истата улица во Штип, но, сепак, нејзината основна дејност е трикотажа, текстил и текстилни производи.
„НИКО 2002 е приватна компанија од Штип, формирана во 2002 година, за која со гордост може да се констатира дека во своето долгогодишно работење стана препознатлива по големиот лагер на текстилни материјали и репроматеријали, во сопствен магацин, за потребите, не само за конфекции и текстилната индустрија, туку и за производство на мебел, чевларската, прехранбената и други индустрии“, се наведува во описот на компанијата.
Меѓутоа, ако се прочепка по социјалните мрежи, може да се забележи и индиректната поврзаност на Јовановски со изградба на станови во Штип, а сето тоа оди преку споменатата компанија „Топ Инвест“, чиј управител е Бојан Јовановски, кој, како што пишуваме погоре, е во заедничка соработка и со таткото на Арсовска и со Николовски.
Така што, иако може не фигурираат во сите фирми со име и презиме, сепак постојат многу податоци што ја потврдуваат нивната блиска бизнис релација.
Според Централниот регистар, компанијата „Топ Инвест“ е основана на 1 октомври, 2010 година, што значи дека на бизнис-пазарот опстојува веќе 14 години. Таа е основана со паричен и непаричен влог од вкупно 443.573 евра.
Ако се отвори нејзината официјална веб-страница, може да се види како врти видео со панорама на Штип, луксузен станбен комплекс, а во горниот дел врти банер „Купи стан на 60 рати, без камата“, каде што подолу има објаснување на кој начин, на колку години може да се земе и да се отплати станот, како и тоа дека тоа е најдобрата понуда во градежништвото во Македонија.
Сепак, тука не завршуваат фирмите поврзани со Николовски. На негово име е и компанијата „Мондо ДООЕЛ“ во Штип, која е основана во 2007 година и е лоцирана на истата адреса, како и другите компании во градот под Исарот.
И оваа фирма со долгогодишна историја позади себе се занимава со производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси.
Според податоците од Централниот регистар, сите овие компании имаат ист сопственик, но различни управители. Сепак, тоа што е карактеристично за сите нив е дека редовно се рекламираат, имаат сите профили на социјалните мрежи, се прават видеа во кои постојано се прикажува нивната обемна работа.
Меѓутоа, освен компаниите, тука се појавува и Здружението „Макина“. Основано е 2015 година, а е лоцирано на фамозната улица Рилски Конгрес бр. 112, каде што се наоѓаат деловни објекти на таткото на скопската градоначалничка. Како основачи фигурираат дури 51 фирма, а управител е штипскиот бизнисмен Николовски.
Меѓу фирмите можат да се најдат познати имиња, како Сеад Кочан, Драган Митковски, Ангел Арсовски, сопругот на градоначалничката, нејзината мајка Марика, Ванчо Јовановски и уште бројни непознати имиња и фирми.
На истата таа улица се наоѓа и недвижен имот на Јовановски, односно според имотниот лист со број 52059, тој поседува и три четвртини од куќа на улицата Рилски конгрес 112, а на таа адреса е регистриран и Сојузот на работодавачи на Македонија, каде што Арсовска е овластен претставник, како и Македонска кинеска стопанска комора.
На оваа адреса може да се најде уште еден имотен лист под број 36667, каде што има уште еден стан со вкупна површина од 115 квадратни метри.
БУГАРИЈА-СРБИЈА-ГРЦИЈА…
Според досегашните информации со кои располагаме, бизнисите на Николовски работат турбо во Македонија, но, сепак, од тоа што успеавме да го откриеме е дека штипскиот бизнисмен добро ја проширил својата мрежа на фирми и во соседните земји, и тоа на релација Србија-Бугарија-Грција.
Податоците од бугарскиот Централен регистар покажуваат дека тој во Бугарија на негово име поседува уште две фирми, и тоа „Интербали“, која е лоцирана во Ќустендил, а нејзината основна дејност е внатрешен и меѓународен транспорт. Николовски на хартија фигурира и како управител и како сопственик.
Другата компанија е „Тим Линк“, која е основана на 3 февруари, 2015 година, но според Централниот регистар во Бугарија првично е регистрирана со името на фамозната „Титан Моторс“, односно со ист назив како и македонската компанија.
Полека се селиме и кон Србија, каде што официјалните податоци во српскиот Централен регистар покажуваат дека штипскиот бизнисмен поседува уште една фирма. Станува збор за компанијата „Мантекс“, основана пред само три години, поточно во 2021 година, а е лоцирана во Лесковац, каде што, всушност, Николовски се образувал.
Но, тоа не е сѐ. За разлика од неговиот бизнис-партнер, таткото на Арсовска, кој е тотално анонимен лик и никој во јавноста не го познава, Николовски има голема желба да се промовира, па дури и да ги рекламира сите негови бизниси.
Доволно е само да се отвори неговиот личен фејсбук-профил, па на самата страница се објавени сите фирми што ги поседува. Тоа се 11 компании, од кои шест во Македонија, две во Бугарија, една во Србија и една во Грција.
Сепак, тоа што привлекува внимание е хотелот „Sani Mar“ Luxury hotel, каде што самиот Николовски си пишува дека е негов сопственик, а тоа може да се види и на Фејсбук и на Линкдин, каде што тој ги објавил и сите компании, каде што е сопственик.
Тој цело време објавува видеа и од хотелот, кој е лоциран на Касандра, на Халкидики. Исто така, можат да се видат видеа и од целиот луксузен хотел, базените, лежалките, погледот на изгрејсонце…
На самата официјална веб-страница на хотелот се објаснува каков луксуз добиваат гостите, галерија од хотелот, локација, имејл и телефон за комуникација. Во меѓувреме, штипскиот бизнисмен цело време го промовира хотелот и сѐ што нуди тој. Дури има и фејсбук-страница на самиот хотел.
Инаку, кога се говори за Николовски, една од првите асоцијации е неговата долгогодишна деловна соработка со Јовановски, татко на скопската градоначалничка Арсовска.
РАМКА
НИТУ ЕДНА ОД ФИРМИТЕ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“
„Фокус“ испрати неколку прашања на дел од фирмите за кои пишуваме, барајќи конкретни одговори:
- 1. Може ли да ми кажете со колку фирми располагате и која каква дејност има?
- Дали сопственикот Ацо Николовски од Штип има хотел на Сани Бич во Халкидики, колку време го поседува и дали тој е единствениот сопственик?
- Дали на други места во Грција, на пример Солун, се градат некакви апартмани?
- И какви се бизнис-релациите со Ванчо Јовановски?
Сепак, до затворањето на весникот, од ниту една од компаниите не добивме повратни одговори.