АРХИВА Бизнис интереси: Синот на Стевчо Јакимовски превезува нафта

by Fokus

Текстот е објавен на 17 март, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1119

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во последните неколку години, на Општина Карпош со која раководи градоначалникот Стевчо Јакимовски ѝ се случува градежна инвазија, а во меѓувреме општината ја тресат низа скандали, како преголема задолженост, судски спорови со советници, бркање новинари од седници, задолжително присуство на администрацијата на контрапротестите организирани од владејачката гарнитура…

Неколкупати досега во Карпош граѓаните организираа протести против Јакимовски, барајќи од него да прекине да ги менува деталните урбанистички планови, да ги уништува зелените површини и детските игралишта, за на нивно место да се издигаат бетонски столбови со неколку илјади нови станови. И сето тоа, како што велат, благодарение на профитерскиот урбанизам, кој е еден од главните проблеми во оваа населба. Според бројките, Општина Карпош, во последните шест години е рекордер по издадени одобренија за градба во Скопје, односно издадени се дури 970 одобренија.

Од она што се зборува меѓу граѓаните во Карпош, цената што ја плаќа инвеститорот за да добие одобрение за градба се движи од „гратис кат, до гратис стан“ во зависност од големината и габаритот на објектот, а како што велат, доколку тие самите не се бореле против урбаната мафија, сега ќе биле сведоци на бетонизација на секое маалско катче.

Веќе подолг период не стивнуваат жалбите и поплаките на граѓаните од работата на Јакимовски, кој трет мандат управува со Општина Карпош. Првите два мандата беше кандидат од редовите на опозицискиот ЛДП и СДСМ, додека на последните локални избори настапи како независен кандидат.

Пред неколку години, Јакимовски беше еден од омилените први луѓе на општината, но сето тоа спласна во последниот период, особено откако неговата партија ГРОМ направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, па целата негова слава на омилен градоначалник падна во вода.

На негова адреса постојано стигнуваат обвинувања за соработка со градежните фирми за изградба на станбените објекти во општината, при што за дел од фирмите граѓаните се сомневаат дека се поврзани лично со него, додека за некои, пак, се вели дека се поврзани со негови блиски роднини и пријатели.

СИНОТ НА ЈАКИМОВСКИ ОСТВАРИЛ НАЈМНОГУ ПРОФИТ ЗА ВРЕМЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2013!

Градоначалникот е редовна мета на медиумите, а честопати се пишува за неговата инволвираност во градежни фирми, фирми за товарен транспорт, транспорт на нафта, како и честопати споменуваната менувачница во Сити мол. За волја на вистината, факт е оти ниту една од компаниите не се води лично на негово име.

Ваквите сомнежи ги дели и Душко Весковски, претседател на општинската организација на СДСМ во Карпош, кој тврди дека граѓаните постојано го прашуваат за бизнис-интересите на актуелниот градоначалник.

Ме прашуваат за неговата инволвираност во градежни фирми, транспортот на нафта и зејтин, но и многу озборуваната менувачница во трговскиот центар Сити мол. Познавајќи ја неговата „умешност“ не верувам дека наведениве фирми се водат на негово лично име или на некој од неговото потесно семејство, иако и јас самиот се прашувам многупати – вели Весковски во изјава за „Фокус“.

Сепак, во документите од Централниот регистар може да се најде фирма која е семејно блиска до градоначалникот и која фигурира на име на неговиот син Гоце Јакимовски. Тој има 27 години и според документите се води како единствен сопственик, но истовремено и како управител на компанијата „Транс Медитор ДООЕЛ“ од Скопје. Фирмата е основана на 29 октомври, 2010 година, што значи дека на бизнис пазарот опстојува речиси седум години, а се занимава со товарен патен транспорт. Податоците од Централниот регистар, исто така, покажуваат дека фирмата е регистрирана со непаричен влог на повеќе од 30.000 евра што значи дека за основањето на компанијата не се вложени пари, туку се купени камиони за транспорт, односно сите неопходни материјални средства за таа да може нормално да функционира. Според документите, во периодот на 2014 и 2015 година фирмата има вкупно тројца вработени.

Според извештајот од Централниот регистар, пред четири години, во 2013 година компанијата имала профит од 141.589 евра, една година подоцна, во 2014 година работата почнала да опаѓа, па таа сума се намалила на 103.263 евра, додека во 2015 година профитот на компанијата се зголемил на 120.150 евра. Со оглед на тоа како стојат работите може да се заклучи дека компанијата најголема заработка имала за време на локалните избори во 2013 година, односно синот на Јакимовски најмногу го развил бизнисот во време кога неговиот татко го напушти опозицискиот табор и настапи како независен кандидат, но со скриена поддршка од ДПМНЕ, што може да се забележи и по поддршката што подоцна ја доби од владејачкото мнозинство во Советот на општината.

Но, тоа не беше доволно, па само неколку месеци откако седна на градоначалничкото столче, Јакимовски почна да ги брани и поддржува политиките на власта, темпо со кое продолжи и во наредните четири години.

Нашите извори потврдуваат дека се работи за фирма за транспорт со камиони, кои наводно превезуваат нафта и нафтени деривати. За да добиеме потврда, истите прашања ги поставивме и на службениот имејл на неговиот син, Гоце Јакимовски, кој ни потврди дека е сопственик на фирмата што е основана во 2010 година.

– Фирмата се бави со транспорт на нафта и нафтени деривати. Не сум основач на други фирми, ниту, пак, имам потреба за такво нешто затоа што мојата фирма е регистрирана за скоро сите дејности – истакна Јакимовски за „Фокус“.

КАРПОШ СО ДОЛГ ОД НАД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

Јакимовски речиси 11 години управува со Општина Карпош, од кои два мандата ги истера од редовите на опозициските ЛДП и СДСМ, додека последниот мандат настапи како независен кандидат, не согласувајќи се со ставовите на најголемата опозициска партија, во тој период предводена од Бранко Црвенковски да не учествува на локалните избори. По изборите, Јакимовски ја формираше партијата ГРОМ и коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на прес-конференции постојано се фали за сѐ што сработил за време на неговото „владеење“ со општината, но никогаш со јавноста не ги споделува информациите колку е вкупниот долг на општината, која располага со буџет од околу 25 милиони евра годишно.

Според официјалните податоци, последната завршна сметка од 2016 година покажува дека долгот на Општина Карпош изнесува над 10 милиони евра, од кои повеќе од три милиони евра отпаѓаат на кредити, додека околу 6 милиони евра општината им должи на набавувачите.

Јавна тајна е дека Општината е многу задолжена, дека должи на многу доверители, кои молчат сѐ додека не дојде во опасност застарувањето на долгот за да покренат судски спор. Факт е дека општината ја тужат многу доверители, ги губи споровите и исплаќа високи износи на средства од парите на граѓаните што се собираат во општинскиот буџет – тврди Весковски, претседател на СДСМ во Карпош.

Со сличен став како него е и Магдалена Несторовска, координатор на советничката група во општината од редовите на СДСМ, која „благодарение“ на Јакимовски пред две години седна на обвинителна клупа откако откри дека градоначалникот за неполни три месеци склучил два договора за набавка на спортски гаќички, маички и тренерки во износ од 120 илјади евра. Тој ја тужеше советничката и бараше од неа отштета од 80 илјади евра, но го изгуби судскиот спор.

Несторовска тврди дека граѓаните на Карпош нема повторно да му дозволат на Јакимовски лошо да глуми градски татко, кој се грижи за нивните потреби.

Во овој период Општината ја тресеа многу скандали, судски спорови со советници, бркање новинари од седниците на Советот, и уште многу други ситуации како последици на нетранспарентниот и неискрен однос на градоначалникот спрема граѓаните на Општина Карпош. Тој предлагаше, мнозинството од советниците на ДПМНЕ и ГРОМ усвојуваа одлуки на Совет за кои граѓаните постојано укажуваа дека нивната мотивираност на произлегува од профитно-лукративните цели на бизнис-клановите што гравитираа околу градоначалникот и неговите соработници – вели Несторовска.

Таа тврди дека советниците од коалицијата ДПМНЕ и ГРОМ во овие четири години се претвориле во класична гласачка машинерија на градоначалникот.

Тие не успеаја во овој период да покажат демократски капацитет за дебата и личен кредибилитет (со исклучок на еден советник од ДПМНЕ), да профилираат свој став за некое прашање, спротивно од декретот на градоначалникот. Јакимовски често јавно се конфронтираше со граѓаните кои изнесуваа став спротивен на неговиот, обвинувајќи ги дека се манипулирани од опозицијата. Исто така, градоначалникот форсираше исклучително непријателска и тензична атмосфера на седниците на Советот исполнета со дофрлувања, навреди и омаловажувања спрема советниците на опозицијата кои често личеа на фудбалски натпревари со отворено навивање од страна на вработените во општинската  администрација – додава Несторовска.

ТРОЈАНСКИ КОЊ ИЛИ ПРЕДАВНИК

Јакимовски е еден од политичарите кој сменил најмногу функции, но и најмногу партиски дресови за време на својата кариера, со оглед на тоа што најпрвин беше во ЛДП, потоа во СДСМ, за во последните години да ја формира партијата ГРОМ со која настапи на претседателските избори во 2014 година (кандидат беше Зоран Поповски), како и на предвремените парламентарни избори две години подоцна, на 11 декември 2016 година.

Тој им сврте грб на опозиционерите во 2013 година за време на локалните избори, кога се разијде со тогашниот лидер на СДСМ Црвенковски. Во периодот на „црниот понеделник“, настаните од 24 декември 2012 година кога пратениците и новинарите беа исфрлени од собраниската сала, актуелниот градоначалник на Карпош беше во првите „борбени“ редови пред Собранието во одбрана на демократијата, не дозволувајќи да се изгласа спорниот буџет за годината што претстои. Сето тоа се измени пред локалните избори, кога СДСМ донесе одлука да не учествува на изборите, а Јакимовски беше убеден во својата победа, па на тој начин не сакаше да ја пропушти можноста да седне на градоначалничкото столче во Карпош.

Во последните четири години, Јакимовски постојано ѝ дава поддршка на владејачката гарнитура, а на истите ставови остана и кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги објави таканаречените „бомби“, во кои можеше да се слушне за криминалот, корупцијата, фаворизирањето и местењето тендери… што за сите овие десет години ги правела власта. Во прислушуваните аудиоснимки можеше да се слушне и телефонски разговор во кој Јакимовски бара помош од поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков за последните локални избори, кога одлучи во последен момент да се кандидира за градоначалник. Тој за целото ова време држи прес-конференции, на кои ја критикува работата на СДСМ, а беше и еден од организаторите на контрапротестите пред Уставниот суд, кога се очекуваше граѓаните да протестираат во одбрана на Специјалното јавно обвинителство. Јакимовски, исто така, постојано ја критикува работата на СЈО, кое произлезе од четирите најголеми партии потписнички на Пржинскиот договор.

Според пишувањата во медиумите, градоначалникот на Карпош на контрапротестите ги организирал вработените од неговата општина и сопартијците од ГРОМ, за кои тврдеше дека се таму да ги поддржат институциите нормално да функционираат и да го применуваат законот, односно да помогнат институциите да се ослободат од партиските влијанија.

Инаку, во текот на своите опозициски денови, Јакимовски беше еден од најжестоките критичари на власта предводена од Никола Груевски, па дури во неколку интервјуа за „Фокус“ жестоко „пукаше“ против ДПМНЕ и нејзиниот лидер, тврдејќи дека сакаат да го преземат Карпош од урбано-мафијашки аспект, за да можат преку градбите да направат пералница на пари.

Неговите поранешни сопартијци од СДСМ, градоначалникот го нарекуваат тројански коњ или предавник, обвинувајќи го дека само поради функција им забил грб во нож.

Како и да е, градоначалникот на Карпош во својата долгогодишна политичка кариера постојано е на функции, без разлика кој е на власт.

Рамка1:

ДОЛГ АНКЕТЕН ЛИСТ НА ЈАКИМОВСКИ

Во анкетниот лист на градоначалникот Јакимовски е наведено дека поседува куќа од 120 квадратни метри во Скопје, која чини 120 илјади евра, потоа градежно земјиште од 303 квадратни метри, кое чини 8.500 евра. Исто така, може да се забележи дека поседува и хартии од вредност, кои се водат како имот на неговите деца, потоа неколку побарувања по основ на даден заем, како и орочени девизни депозити, штедни книшки…

Рамка:

ЈАКИМОВСКИ: ЈАС НЕМАМ ДРУГИ ФИРМИ, СТЕ МЕ ПОМЕШАЛЕ СО ДРУГИ ПОЛИТИЧАРИ

Јакимовски тврди дека ако се следат официјалните податоци од Антикорупциска комисија, лесно може да се види која е неговата фирма и фирмата на неговиот син.

Внатре ќе најдете податоци и за фирмата на син ми и веќе самите сте му посочиле со што се занимава. Што се однесува до тоа дека наводно имам други фирми или учество во други фирми, најверојатно нешто сте помешале со други политичари. Не сум јас тој што има фирми на братот, на чиче, на мајката… (мислевте на Заев, нели?!) – истакна Јакимовски во изјава за „Фокус“.

Тој тврди дека обвинувањата доаѓаат од СДСМ, но во интерес на вистината и фактите додава дека во Карпош, повисоки згради од три ката вкупно се изградени 26 згради, од нив, 16 згради се направени до 2012 година, до кога со општината владееше токму СДСМ.

Од 2013 година наваму се изградени вкупно 10 колективни станбени објекти. Средствата што ги добиваме од комуналии ги вложуваме во обнова на старите фасади (досега се изведени 50 такви термички фасади), во обнова на старите и дотраени лифтови, во замена на азбестните покриво со пластифициран бел лим, во бесплатни ужинки, бесплатни екскурзии, во изградба на водоводи, континуирана поддршка на социјално загрозените семејства, поддршка на спортот и културата – вели Јакимовски.

 

Поврзани новости