(АРХИВА) Бизнис-империја: Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!

Врз основа на податоците што ги обезбеди од надлежните институции, „Фокус“ се обиде да го скицира целосното бизнис-портфолио на членовите на семејството Заеви и нивните соработници.

by Фокус

Текстот е објавен на 01 март 2019 година во неделникот Фокус со број 1.221.

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ го спроведе најголемиот тендер за работа во РЕК Битола, кој се однесува за ископ на јаловина и тежи 25 милиони евра. Како што пишувавме, тендерот го доби битолската компанија „Марковски Компани“, која по 10 отсто од договорот, или вкупно 30 отсто во вредност од 7,5 милиони евра, ќе им отстапи на 3 подизведувачи, меѓу кои се две струмички компании – „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Инаку, овие друштва се најдоа во сторијата на „Фокус“ од 2019 година, кога ја откривме цела бизнис-империја составена од триесетина компании во целосна или делумна сопственост на семејството Заеви и нивните деловни партнери. За кои компании станува збор?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во мала држава како Македонија, политиката и бизнисот често знаат да дојдат во меѓусебна корелација или да дојдат до колизија. Од една страна, многумина партиски и државни функционери по влезот во политиката знаат да се лансираат во одреден бизнис-сектор или тоа да им го овозможат на нивни роднини и пријатели, благодарение на лостовите што им стојат на располагање во партијата или власта, сеедно.

Од друга страна, може да се сретнат многу примери кога веќе успешни и реализирани бизнисмени влегуваат во политиката, поради што нивниот бизнис дополнително се развива или, пак, трпи негативни последици, зависно од тоа како се наредени политичките коцки.

Ако многумина функционери во поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ можеа да се сместат во првата категорија, со оглед дека за време на десетгодишното владеење станаа моќни и имотни бизнисмени, формираа компании, добиваа тендери и концесии, тогаш за актуелниот премиер Зоран Заев може да се каже дека влезе во политиката како реализиран бизнисмен.

Уште пред да стане републички пратеник во 2002 година и струмички градоначалник во 2005 година, Заев беше активен бизнисмен, додека во времето кога беше избран за партиски лидер на СДСМ во 2013 година, тој веќе можеше да се смета за успешен бизнисмен, со дузина компании во неговото семејно бизнис-портфолио, кои, според неговите зборови, во тоа време трпеа удари од тогашната власт.

Иако во една пригода, тој, како опозициски лидер, јавно призна дека финансирањето на СДСМ како опозициска партија главно се потпира на фирмите на Заеви, сепак, неговото име малку по малку се отстрануваше од семејните фирми, така што во периодот кога стана премиер на државата на средината на 2017 година, тој немаше никаков удел во ниту една компанија.

Впрочем, тоа се нотира и во анкетниот лист што го доставил до Антикорупциската комисија, каде што навел дека лично полага право на побарување по основ на даден заем во износ од 4.300.000 денари, а воедно впишал орочен депозит, акции и недвижен имот на име на неговата сопруга и неговите родители со кои живее во заедничко домаќинство. Се разбира, овој анкетен лист е далеку од веродостоен одраз и мерило за неговата реална имотна состојба и тежина.

Имено, негови блиски роднини, како и нивните формални деловни партнери се сопственици, косопственици и акционери во над 20 компании со седиште во Струмица, главно формирани во 2009 година, како и во годините потоа сѐ до денес, кои претежно се занимаваат со градежништво, транспорт, трговија…

Па, откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски неодамна изјави дека братот на премиерот, Вице Заев, станува главен бизнис-фактор играч во државава, тој заработи тужба за клевета, така што на судското рочиште стана предмет на расправа колку компании поседува братот на премиерот, а во колку има малцински удел.

Врз основа на податоците што ги обезбеди од надлежните институции, „Фокус“ се обиде да го скицира целосното бизнис-портфолио на членовите на семејството Заеви и нивните соработници.

ЗАОБИКОЛЕН ПАТ ДО ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека Вице Заев е стопроцентен сопственик и управител на градежната компанија „Тотал Инженеринг“, формирана кон крајот на 2009 година. Оваа компанија во 2015 година склучила договор со владата за геолошки истражувања на глина во селото Дукатино, Општина Василево, а во април минатата 2018 година добила концесија за експлоатација на минералната суровина.

Според регистарот на концесионери на Министерството за економија, во ист период компанијата добила концесија за експлоатација на глина и на локалитетот Раковец, лоциран во Општина Чашка, меѓутоа од СДСМ и од владата посочија дека концесиите се доделени согласно пропишаната процедура и со позитивно мислење од сите надлежни институции.

Инаку, опозицијата периодов ја споменуваше оваа компанија во сопственост на братот на Заев во контекст на повеќе, како што велат од таму, сомнителни зделки. Така, партискиот лидер Христијан Мицкоски неодамна обвини дека камиони во сопственост на „Тотал Инженеринг“ работат во рудниците за ископ на јаглен во РЕК Битола, ама под капа на друга компанија – „СВ Инвест“, која, според Мицкоски, е ангажирана како подизведувач од АД ЕЛЕМ.

Сепак, повиканите компании, владата и ЕЛЕМ ги отфрлија овие обвинувања на опозицискиот лидер, истакнувајќи дека „Тотал Инженеринг“, два месеца претходно ја продал севкупната механизација со цел да се избегне можен судир на интереси во иднина, додека „СВ Инвест“, потенцираа тие, никогаш не била ангажирана како подизведувач во РЕК Битола. Арно ама, остана нејасно дали „Тотал Инженеринг“ ги продал компаниите на „СВ Инвест“ и каде се направени фотографиите што ги обелодени Мицкоски.

Освен тоа, Мицкоски објави и контроверзен случај со присвојување државно земјиште. Станува збор за градежна парцела со површина од 18.462 квадратни метри, која Општина Струмица во 2014 година, кога Заев е градоначалник, на јавна аукција му ја продала за 700.000 евра на Сашко Брндевски, сопственик на нафтената компанија „Бенз Оил“.

Откако Брндевски во 2016 година добил одобрение за градење станбен комплекс, како што кажа лидерот на ДПМНЕ, тој веднаш склучува договор за пренесување на правото на градење или отстапување на парцелата со „Тотал Инженеринг“ во сопственост на Вице Заев, како и со уште градежна компанија што се поврзува со Заеви – „АД Пелагонија Струмица“, основана далечната 1996 година, чија главнина денес изнесува од 30 милиони денари.

Всушност, она што дополнително ги поврзува Брндевски и Заев е уште една компанија за изградба на станбени и нестанбени згради основана во 2009 година – „Сара Инженеринг“, која во 2010 година купи две од трите градежни парцели за изградба на згради кај поранешната струмичка касарна во површина од 36.131 квадратен метар за вкупно 1.500.000 евра. Поточно, Брндевски е управител и содружник во оваа градежна компанија, со влог од 122.800 денари, додека Вице Заев и Ристо Кречев се содружници, со влог од по 92.100 денари.

Практично, произлегува дека Брндевски како физичко лице купил државна земја, кое потоа ја препуштил на „Тотал Инженеринг“ во сопственост на  неговиот сегашен партнер во „Сара Инженеринг“, Вице Заев, како и на „АД Пелагонија Струмица“, каде што, според известувањето од Македонска берза, најголем акционер е првиот братучед на браќата Заеви, Трајче Заев, кој поседува 36 отсто од акциите.

ПОВРЗАНОСТ СО КОМПАНИИТЕ ШТО ИНВЕСТИРАА ВО „ГЛОБАЛ“

Згора на тоа, Вице Заев и Кречев се партнери и во уште две градежни компании формирани во 2009 година. Една од нив е „Дравас Инженеринг“, каде што покрај нив уште содружник е Цена Хаџијска, која, патем речено, е сопственик и управител на неколку компании: „Конта План“, „Зоки Петрол“

Другата компанија, пак, е „Сара Јавор Инженеринг“, чиј трет партнер е Драги Цикарски, кој своевремено бил управител на компанијата „Де Лукс Инженеринг“, еден од содружниците на проектот за изградба на „Глобал“. Како што е познато, за оваа градба, тогашниот градоначалник на Струмица и денешен премиер Зоран Заев заврши во притвор во 2008 година, но подоцна беше аболиран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Воедно, името на Цикарски се сретнува и како управител на „Јавор Транс“, основана на средината на 2010 година за патен транспорт со основачки влог од 1 и пол денари, чии сопственици се Симеон Крстев и неговиот син Горан Крстев, кој важи за еден од блиските соработници на Заеви.

Моментално, помладиот Крстев е сопственик на нафтената компанија основана во 2012 година „СДА-Јавор“, додека неговиот татко се јавува како сопственик и управител на компанијата за неспецијализирана трговија на големо „Јавор Шпед“, основана во 1994 година, како и на „Јавор Шпед Оил“, формирана кон крајот на 2016 година, за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.

Исто така, Крстеви се косопственици и на градежната компанија „СИМ Инженеринг“, основана во 2005 година, како и на „Јавор асфалт“, формирана во 2017 година за изградба на патишта и автопатишта, чиј управител е веќе споменатиот Брндевски, партнер со Вице Заев во „Сара Инженеринг“.

Воедно, Брндевски е управител на уште неколку градежни компании со седиште во Струмица, во сопственост на бизнис-партнери на Заеви, меѓу кои: „Де Лукс Инженеринг“, основана во 2005 година, со влог од милион и пол денари, во сопственост на Горан Крстев и Бранко Стамболиски; „Дас Инженеринг“, основана во 2009 година, со основачки влог од 4 милиони денари, во сопственост на Бранко Стамболиски, Ристо Русев и Миле Лазаров итн.

Колку за потсетување, две од споменатите компании – „Де Лукс Инженеринг“ и „СИМ Инженеринг“ станаа сопственици на над 20.000 квадратни метри на деловниот комплекс „Глобал“, врз основа на Законот за легализација на дивоградби, откако претходно катастарот одбиваше да го впише и да издаде имотен лист поради нерешени имотно правни-односи, и покрај пресудите на Управниот и Врховниот суд за законитоста на реализирана инвестиција по пат на јавно-приватно партнерство.

Заеднички именител за двете компании е косопственикот Горан Крстев, кој своевремено беше споменуван од ДПМНЕ, од причина што како тогашен (ко)сопственик на „Јавор Шпед“, која денес е во сопственост на неговиот татко Симеон Крстев, добила тендери од Општина Струмица и струмичкото комунално претпријатие, додека градоначалник бил Зоран Заев, во вредност од околу 1 и пол милиони евра.

БИЗНИС СО МЕБЕЛ, ТУЛИ, ХРАНА, ПИЈАЛАЦИ, ТУТУН…

Според податоците од Бирото за јавни набавки, произлегува дека една од овие компании што моментално се во сопственост на бизнис-партнерите на Заеви добива тендери и по политичките промени, кога институциите на централно и на локално ниво ги предводат кадри на СДСМ и на другите владејачки партнери.

Во поткрепа на тоа, „Јавор Шпед Оил“, во сопственост на Симеон Крстев, во втората половина на 2017 и во 2018 година склучил 6 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 170.000 евра. Притоа, најголеми се договорите со Општина Крива Паланка и тетовското основно училиште „Моша Пијаде“ за набавка на лесно масло во износ од 84.000, односно 56.000 евра.

Што се однесува до поблиското семејство на премиерот Заев, неговиот брат Вице Заев се јавува како доминантен сопственик на уште една компанија основана во 2009 година со предзнак „Тотал“. Се работи за друштвото за трговија со мебел, опрема за осветлување и други предмети за домаќинство, „Тотал Електрик“, каде што Заев е управител и сопственик, додека друг малцински содружник е неговата прва братучетка Катерина Бојовиќ-Заева.

Патем, Бојовиќ-Заева е единствен сопственик на друштвото за товарен патен транспорт „Центро Шпед“, формирано во 2015 година, чиј управител е нејзиниот сопруг Радиша Бојовиќ-Заев, кој, пак, е сопственик и управител на трговското друштво „Електро Инженеринг“, формирано во 2013 година, со основна дејност за трговија на мало во неспецијализирани продавници.

Понатаму, Бојовиќ-Заева е управител и малцински сопственик на струмичкото финансиско друштво „Пеон“ формирано во 1996 година, со основна главнина од 52 милиони денари, додека доминантен сопственик е нејзината мајка Убавка Заева.

Исто така, таа е косопственик на компанијата за преработка и конзервирање овошје „Мамас фоод“, формирана во 2015 година, чија главнина уште е претставена преку нејзиниот брат Трајче Заев, како и уште еден член на семејството Заеви – Бобан Заев. Посредно, тие се косопственици и на компанијата „Тргопродукт“, со оглед дека „Мамас фоод“ е единствен сопственик на друштвото за трговија со овошје, формирано во далечната 1998 година, чија главнина денес изнесува половина милион денари.

Во редот на компании во сопственост на Заеви влегува и друштвото за производство на тули, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото – суровина која нели ја експлоатира „Тотал Инженеринг“ – АД „Еленица“. Од финансискиот и ревизорски извештај на друштвото, објавен од Македонска берза, може да се види дека Трајче Заев поседува 24.973 акции, додека само 26 акции се во сопственост на друго физичко лице, поради што тој фигурира како овластено лице и член на Управниот одбор на акционерското друштво формирано во далечната 1997 година, заедно со Вице Заев, но и Митко Димитровски, кој истовремено е член на Управниот одбор на АД „Пелагонија Струмица“.

Во надзорниот одбор, пак, покрај Катерина Бојовиќ-Заева партиципира и Марјан Митев, кој, пак, е и управител и мнозински сопственик на компанијата за трговија со храна, пијалаци и тутун, „Френки“, во партнерство со двајца помлади членови од семејството Заеви – Дарко Заев и Живко Заев.

ОДГЛЕДУВАЊЕ КАНАБИС ЗА МЕДИЦИНСКИ ЦЕЛИ

Преку АД „Еленица и „Френки“, Митев и тројцата членови на семејството Заеви – Трајче, Дарко и Живко поседуваат удели од по 778.000 денари во друштвото за трговија на мало во неспецијализирани продавници „Исток Бизнис Груп“, формирано во 2011 година, чија главнина денес изнесува над 8 милиони денари. Преку „Еленица“ и „Тргопродукт“, Трајче, Катерина и Бобан Заеви се дел од сопственичката структура на „Еко Оранжерии Анска река“, со седиште во Валандово, формирана во 2009 година за одгледување зеленчук.

Како физичко лице, пак, Трајче Заев е косопственик на градежната компанија „Омни градба“ формирана во 2010 година, заедно со Зоран Иванов, син на поранешната пратеничка од СДСМ и актуелната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Покрај тоа, дел од споменатите членови на семејството Заеви се дел од компаниите преку кои влегоа во бизнисот со одгледување канабис за медицински цели, при што едната од овие компании „МАМ“ од Свети Николе, каде што АД „Еленица“ е содружник со неколку компании надвор од кругот на Заеви („Зора“, „Урбан План Констракшн“, „Омега Инженеринг“), а управител е Трајче Заев.

Ако Заеви купија удели во оваа компанија основана во 2011 година, тие, заедно со „Монотил Груп“ и штипскиот бизнисмен Славе Ивановски, во 2017 година основаа нова компанија со седиште во Валандово со иста дејност – „Фарма Медика Канабис“, каде што косопственици се Катерина, Трајче и Бобан Заеви како физички лица, додека управител е Митко Занов.

Меѓутоа, тука не завршува мрежата на компании директно или индиректно поврзани со Заеви, имајќи предвид дека тие го зголемија акционерскиот капитал во некогашниот конфекциски гигант Герас Цунев. Според Централниот депозитар на хартии од вредност, „Тотал Инженеринг“ на Вице Заев поседува над 23 отсто од акциите на АД „Герас Цунев“, формирана во 2011 година за издавање и управување сопствен недвижен имот, како и во АД „Герас Цунев Трговија“, настаната во 2002 година со раздвојување заради хотелско сместување.

Потоа, „Јавор Транс“ на Симеон Крстев и Горан Крстев, како и Трајче Заев, како физичко лице, поседуваат по 22 отсто од акциите, а 21 отсто од акциите поседува Снежана Јанева, која, исто така, се јавува и како акционер во АД „Пелагонија Струмица“ со 25 отсто од акциите.

На крајот, треба да се спомене дека таткото и чичкото на Зоран и Вице Заеви – Панче Заев и Љупчо Заев ја поседуваа компанијата „Зови Промет“, меѓутоа оваа компанија била ликвидирана на средината на 2018 година.

Сепак, вкупно 30 компании во Струмица се директно или посредно поврзани со Заеви, што е повеќе од доволно за да може да се каже дека тие создале бизнис-империја, која главно дејствува во Струмица, но остварува одредени зафати, претежно од градежна природа и во Скопје, Прилеп, Кавадарци и во други делови од државата.

Иако компаниите можеби имаат минимален допир со државата преку тендери и концесии, сепак, тие остваруваат контакт и во многу други форми, ако се знае дека купуваат земјиште и ги обезбедуваат потребните лиценци од државните институции, независно дали се работи за градење, за транспорт, за одгледување марихуана…

 

Вице Заев, бизнисмен и брат на премиерот Зоран Заев
ЛИЧНО СМЕТАМ ДЕКА НЕ СУМ ЈАВНА ЛИЧНОСТ, БРАТ МИ НЕ ПОТПИШАЛ НИЕДНО РЕШЕНИЕ ЗА МЕНЕ

Јас лично сметам дека не сум јавна личност, но ако вашата перцепција е дека сум јавна личност, тогаш еве прифаќам дека сум, но тоа не му дава право никому да прави разни сценарија и да креира лажни вести, рече братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, по судското рочиште одржано по неговата тужба кон потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој рече дека Заев станува главен бизнис-фактор во државата.

Главната интенција на оваа тужба беше да се пушти порака до сите чинители на јавниот живот, пред сѐ политичарите, но и до вас новинарите, да нема шпекулации околу креирањето одредени политики со цел да се оцрнат луѓе, со што се нанесува ненадоместлива штета. Од тие причини е тужбата, да се пушти порака дека веќе мора да сопре – рече Заев.

За време на расправата, тој рече дека е сопственик само на две компании – „Тотал Инженеринг и „Тотал Електрик“, додека во „Еленица“, „ПЕОН“ и во другите компании членува во нивните органи или, пак, е еден од содружниците или акционерите.

Брат ми нема потпишано ниедно решение за мене – рекол тој на прашањето на Николоски дали купил градежна парцела во Струмица, додавајќи дека како физичко лице, ниту со учество преку правните лица, немал капитална и управувачка улога во фирма поврзана со одгледување медицински канабис.

Николоски, пак, посочи дека Заев потврдил оти е јавна личност, дека е сопственик, целосен или малцински на повеќе компании, кои, меѓу другото, имаат раст во работењето, што, според него, му дава право да заклучи дека е главен бизнис-фактор во државата.

Поврзани новости