(АРХИВА) Австриска компанија се мачи да наплати долг од 4 милиони евра од валандовска фирма за корнишони!

by fokus

Текстот е објавен на 1 јуни во неделникот „Фокус“ со број 1443

Австриската амбасада денеска побара смена на судии и обвинители, но и одземање на лиценци на извршители и нотари кои биле пристрасни во постапувањето во спор што го има австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската компанија „ДЕНА продукт“ којашто се поврзува со Заеви. Амбасадата реагира откако „Фокус“ на 1 јуни објави дека австриската компанија не може да наплати долг од над 4 милиони евра и покрај тоа што има пресуда на Арбитражниот суд во Виена. Но, како што пишувавме, додека се потврдува оваа арбитражна одлука пред македонските судови, валандовската компанија заработи кривична, во која стои дека таа префрла пари на друга поврзана фирма. Во меѓувреме, се изрекуваат и се укинуваат привремени мерки, што може да ѝ остави можност и време на домашната компанија да се ослободи од имотот и да нема со што да го плати долгот.

Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Валандовската компанија „ДЕНА продукт“ е во клубот 200, односно е рангирана меѓу 200 најуспешни компании во Македонија. Официјално, одгледува дињи, лубеници и трупкаст зеленчук, но од она што може да се прочита на интернет, оваа компанија откупува и корнишони.

Во 2016 година, валандовската компанија склучила ексклузивен договор со австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“, која работи со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи.

Па така, Австријците инвестирале неколку милиони евра и на валандовската компанија ѝ обезбедиле технологија, семиња, know-how, пласман на пазарот и финансирање производство.

Со договорот се воспоставила долгорочна соработка меѓу компаниите, па земјоделските производи од Македонија се извезувале во Австрија, односно на европскиот пазар.

Австриската компанија инвестирала, но, според Договорот за ексклузивност, за возврат зеленчукот, односно корнишоните од прва класа, „ДЕНА“ требало да ги продава исклучиво на „АММА“.

Но, по пет години соработка, „АММА“ дознала дека овие корнишони наместо за „АММА“ завршувале во конкурентска германска компанија, со што, според нив, „ДЕНА“ го прекршувала договорот.

АРБИТРАЖА ВО ВИЕНА

Затоа, како што дознаваме, „АММА“ иницирала меѓународна трговска арбитража во Меѓународниот арбитражен центар на Австриската федерална економска комора во Виена, (VIAC). На 3 јануари 2023 година, Арбитражниот трибунал донел Арбитражна одлука целосно во корист на АММА.

Според оваа одлука, „ДЕНА“ треба да ѝ плати на „АММА“ 4 милиони евра, односно целиот износ на однапред исплатената инвестиција за производство на земјоделски производи, плус штети, трошоци и каматни стапки. Но, за оваа одлука да стане извршна, треба да биде потврдена пред нашите судови.

Странската компанија што инвестирала и сега сака да си ја наплати штетата поднела и кривична пријава против валандовската фирма, но проблемите почнале кога, како што се наведува во самата кривична, кон средината на 2022 година, кога фирмата-должник почнала да трансферира пари кон нејзина блиска фирма.

„Фокус“ располага со документи, имотни листови на „ДЕНА“, на кои се впишани налозите за извршување од една на друга фирма, одлуката на Апелација, а обезбеди и потврда од Граѓанскиот суд дека таму постапката е сѐ уште во тек.

Исконтактиравме и со адвокатското друштво што ја застапува австриската компанија, но таа засега не сака да дава никаков коментар додека не завршат тековните постапки пред судовите.

Што се однесува до валандовската компанија, нејзин управител е Атанас Костов, кој не беше расположен за коментар. Негова сопруга е Емилија Заева Костова, братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која истовремено е и стопроцентен сопственик на компанијата „Глобал трејд ДММ“ од Валандово, каде што, според наводите во кривичната пријава, се трансферирале парите.

Судската голгота за австриската компанија кулминирала чекајќи арбитражната одлука од Виена да се потврди пред македонските судови. Иако Арбитражниот суд во Виена, одлуката ја донел на 3 јануари, и по 5 месеци нашите судови ја немаат потврдено.

Тогаш почнува битката на странците на секој можен начин преку институциите да го заштитат побарувањето, односно да се донесе привремена мерка, која ќе ја спречи компанијата на Костов да го отуѓува имотот.

Па така, паралелно со арбитражната постапка, од Основниот суд во Гевгелија бара да поведе постапка за привремена мерка со која „ДЕНА“ не може да располага со имотот додека не заврши постапката за признавање на арбитражната одлука пред македонските судови. Гевгелискиот суд донел ваква одлука, но откако Апелацискиот суд  неколкупати ја поништил одлуката на понискиот суд, последната привремена мерка, која останала забележана во имотните листови, била применлива само 15 дена од донесувањето на арбитражната одлука.

Одлуката во Виена била донесена на 3 јануари 2023 година, а веќе на 18 јануари, привремената мерка престанала да важи. Последното решение на Апелациониот суд е јавно достапно и всушност советот со кој претседавала сегашната претседателка на второстепениот суд, Мери Дика Георгиевска, го прифатиле решението на Основниот суд во Гевгелија.

Гевгелискиот суд, пак, го прифатил предлогот на валандовската компанија за укинување на привремената мерка од 2022 година, бидејќи веќе поминале петнаесет дена од одлуката на арбитражниот суд во Виена.

Аргумент за Апелацискиот суд е тоа што арбитражната одлука била конечна, обврзувачка и извршна и тоа што веќе поминале 15 дена од донесувањето на одлуката. Аргумент плус била и пресудата што ја донел Основниот граѓански суд Скопје на 9 март 2023 година, со која е признаена странската арбитражна одлука.

Наведеното дотолку повеќе што во одредбата од чл. 41 ст. 1 од Законот за обезбедување на побарувањата е наведено дека ако доверителот во определениот рок не поднел тужба, односно не повел друга постапка заради оправдување на привремената мерка, или времето за кое е определена привремена мерка поминало, судот по предлог на должникот ќе донесе решение со кое ќе ја запре постапката и ќе ги укине спроведените дејствија, додека во ставот 2 е наведено дека по предлог на должникот, судот ќе ја запре постапката и ќе ги укине спроведените дејствија, ако околностите поради кои е определена мерка подоцна се промениле така што мерката повеќе не е потребна“, се вели во последната одлука на Апелација.

ЗАБРАНА НА ОТУЃУВАЊЕ НА ИМОТОТ

Но, според македонското законодавство, за ваквата одлука да стане извршна, треба да се спроведе постапка за признавање пред сите судови, односно оваа одлука, освен Граѓанскиот суд треба да ја потврди и Апелацискиот суд.

Странската компанија побарала и од Граѓанскиот суд привремена мерка за да ја спречи „ДЕНА“ да располага со имотот и побарувањата. Постапката таму е во тек и за мерката ќе се одлучува следната недела.

На 6.6.2023 година е закажано рочиште по поднесената привремена мерка. По завршувањето на постапката, судот ќе донесе одлука“, соопштија од Граѓанскиот суд за „Фокус“.

Битката на австриската фирма пред македонските правосудни инстанци, како што напишавме, почнала уште во 2021 година кога се открило дека валандовската компанија го крши договорот за ексклузивност и поднела кривична пријава против „ДЕНА“ и лицата што стојат зад компанијата за сторени измами и злоупотреба на овластувањата до надлежното јавно обвинителство во Гевгелија.

Сите овие наоди ги докажала со детална анализа и прибирање докази, извозни документи, фактури и електронска кореспонденција меѓу „ДЕНА“ и трети лица, кои, според австриската компанија, докажуваат дека луѓето што стојат зад компанијата почнале разработена шема за да избегнат враќање кон „АММА“ на каков било заостанат долг или побарување што би произлегле од арбитражната постапка.

Ова го поткрепуваат со докази дека од средината на 2022 година, „ДЕНА“ почнува интензивно да префрла пари од „ДЕНА“ кон „Глобал трејд“, фирма во сопственост на сопругата на Атанас Костов – Емилија Костова.

Додека обвинителството ја истражувало кривичната пријава, валандовската фирма во имотните листови со кои располага „Фокус“, имала впишано привремена мерка, која ја донел Основниот суд во Гевгелија на 1 ноември 2022 година.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Со оваа мерка ѝ се забранува на „ДЕНА“ да го отуѓи или да го оптовари, да го издаде под закуп целокупниот недвижен имот. Но, оваа мерка трае 15 дена од денот на донесувањето арбитражна одлука од Виена.

Ако одлуката била донесена на 3 јануари оваа година, на 18 јануари, кога привремената мерка истекла, веќе „Глобал трејд“ почнала со извршување.

Сите налози за извршување впишани во имотниот лист се од 18 јануари, односно кога привремената мерка донесена во 2022 година престанала да важи и според тој налог се спроведува извршување врз недвижноста на должникот „ДЕНА“ за наплата на парично побарување на доверителот „Глобал трејд“.

Во имотните листови на компанијата „ДЕНА“ стои дека има седиште во Велес, односно од крајот на 2022 година го сменила седиштето од Валандово во Велес. Во овој период кога „ДЕНА“ се обидува да префрли имот на „Глобал трејд“ во сила е привремената мерка од гевгелискиот суд која гласи:

Основниот суд Гевгелија од 1.11.2022 година, односно тогаш важеа оваа мерка, според која, заради обезбедување на паричното побарување во износ од 130.147.190,00 денари на доверителот АММА увоз-извоз ДОО Хоенемс Австрија му се забранува на должникот Друштво за производство,трговија и услуги ДЕНА Продукт увоз-извоз ДООЕЛ Валандово да го отуѓи или оптовари, да го издаде под закуп целокупниот недвижен имот од ИЛ. бр.2409 и ИЛ. бр.5185 за КО Богданци ВОНГРАД. Привремената мерка трае 15 дена од денот на донесувањето арбитражна пресуда донесена од Арбитражниот суд во Виена“.

Тоа значи дека кога изминала привремената мерка, „Глобал трејд“ почнала извршна постапка против имотот на „ДЕНА“ врз основа на фактури и наводни заеми до „ДЕНА“ и го добива налогот за извршување впишан во имотните листови на имотот на „ДЕНА“, кој веќе бил блокиран по барање на „АММА“ како обезбедување за извршување на неговото побарување против „ДЕНА“.

Сѐ уште не е отуѓен никаков имот од „ДЕНА“ и сѐ уште се водат постапки за побивање на ова извршување.

Веднаш по откривањето за овие дејствија алармирано е Јавното обвинителство Гевгелија, кое поднело предлог за изрекување привремена мерка од страна на Кривичниот совет при Основниот суд Гевгелија.

Основниот суд Гевгелија изрекло привремена мерка – замрзнување на сите средства на „ДЕНА“ и впишување на таа привремена мерка во имотните листови на имотот на „ДЕНА“.

Кривичниот совет при Основниот суд Гевгелија по жалба го укинало Решението на Основниот суд, но во второто одлучување, Решението за привремена мерка е потврдено и сѐ уште е во сила.

Сега во сила всушност е привремена мерка донесена на 10 февруари 2023 година, која е впишана во имотните листови и гласи:

По предлог на ОЈО Гевгелија е определена привремена мерка кон ДПТУ Дена продукт увоз извоз дооел Велес, управител Атанас Костов и кон ДПТУ Глобал Трејд ДММ дооел Валандово за обезбедување имотно-правно барање со тоа што на ДПТУ Дена продукт увоз извоз дооел Велес му се забранува располагање, отуѓување или оптоварување на недвижниот имот од ИЛ.2409 и ИЛ.5185 КО Богданци вонград. Се забранува на ДПТУ Глобал Трејд ДММ дооел Валандово и да располага со преземање на било какви дејствија,во постапка за извршување И.бр. 19/23 пред изврш. А Костадиновски како и пред било кој друг извршител. Привремената мерка ќе трае до завршување на постапката“.

Иако се очекувало кривичната постапка да продолжи да резултира со обвиненија против „ДЕНА“ и поврзани лица, гевгелиското обвинителство донело решение, односно по две години постапување изненадно ја отфрла кривичната пријава во мај оваа година. Со отфрлањето на кривичната пријава виси и времената мерка со која се штитеше имотот на „ДЕНА“.

ВИСАТ ПРИВРЕМЕНИТЕ МЕРКИ

Сега, прашање на време е кога и оваа времена мерка ќе престане да важи, со што ќе се отвори пат за целосно располагање со имотот на валандовската компанија.

„Фокус“ испрати прашања до гевгелиското обвинителство, кое е образложението за отфрлањето на кривичната пријава, но до затворањето на бројот на неделникот не добивме одговор.

Судската борба сега продолжува и пред основниот суд во Велес, каде што „АММА“ повторно бара Судот да донесе привремена мерка со која би се оневозможиле извршни дејствија меѓу овие две фирми во сопственост на „ДЕНА“ и со приоритет пред „АММА“.

Значи битките се водат на неколку фронта, но од судските инстанци ќе зависи кој ќе победи, дали должникот или оштетениот.

Атанас Костов, управител на „ДЕНА“

ЗАБОРАВЕТЕ ГО МОЈОТ БРОЈ!

За потребите на оваа сторија, „Фокус“ стапи во контакт со управителот на „ДЕНА“, Атанас Костов. Но, откако му кажавме дека сакаме да поставиме неколку прашања во врска со спорот што го има со австриската компанија, тој ни рече:

За спор меѓу две приватни фирми сакате да прашувате? Па тоа е спор меѓу две приватни фирми. Пријатно и заборавете го мојот број“.

„Фокус“ испрати прашања и до официјалниот мејл на компанијата зошто го прекршила договорот за ексклузивност и дали е точно дека лица кои стојат позади компанијата имаат разработена шема со цел да избегнат плаќање на долгот кон „АММА“?

До затворањето на неделникот не добивме одговор.

Според финансиските извештаи

ПРИХОДИТЕ НА „ДЕНА“ СЕ НАМАЛЕНИ ЗА 10 ПАТИ

Откако „ДЕНА“ на Атанас Костов почна да ги интензивира трансферите на пари до „Глобал трејд“, која е во сопственост на неговата сопруга Емилија Заева-Костова, приходите на „ДЕНА“ се намалени за десет пати, а приходите на „Глобал трејд“ се зголемени за 50 отсто.

Согласно годишната сметка на „ДЕНА“ за 2022 година, нејзините приходи во 2022 година се намалени за 10 пати во однос на 2021 година, односно од 4 милиони евра во 2021 година на 400.000 евра во 2022 година.

Во 2021 година „ДЕНА“ имала добивка од 1,6 милиони евра. Во 2022 година, „ДЕНА“ оствари добивка од само 20.000 евра.

Од друга страна, нејзината поврзана компанија, „Глобал трејд“ ги зголеми приходите во 2022 година за околу 55 отсто во однос на 2021 година (од 2,3 милиони евра на 3,6 милиони евра).

Поврзани новости