(АРХИВА) Анализа на „Фокус“: Коефициентот се намали, но не и основицата – Колку ќе заработуваат Мицкоски, Сиљановска, Гаши и другите функционери?

by Fokus

Текстот е објавен на 23 јануари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.529.

Математиката вели дека функционерските плати ниту ќе се намалат, ниту ќе останат исти. И покрај законските измени, тие ќе се покачат затоа што политичарите во своите изјави пред граѓаните заборавија да го спомнат најважниот елемент при пресметката на нивните плати – просечна бруто-плата за тековната година, која во последните 3 години е во значителен пораст. Платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната бруто-плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата што ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основа на разни други бенефиции

Пишува: Орце КОСТОВ

Премиерот Христијан Мицкоски лани, на крајот на октомври, изјави дека функционерските плати нема да се зголемат и дека тоа е сигурно како што е сигурно дека еден ден сите ќе заминеме на оној свет.

Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од следната нема да има зголемување на платите на функционерите – кажа премиерот и додаде дека тоа најверојатно ќе се направи преку корекција на коефициентите на платите.

Два месеца подоцна, пратениците доставија измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои се бараше намалување на коефициентите за пресметка на платите.

Измените се изгласаа по брза постапка во Собранието и функционерите ќе добијат различни плати. Според Член 3 од предложените законски измени, новите коефициенти ќе почнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година.

Тоа што во февруари лани со измена на 6 закони беа намалени коефициентите на сложеност со кои се множи основицата при пресметката на платите помогна само да не им пораснат примањата во 2024 година, а измените што се случија пред Нова година треба да помогнат да платите да останат на „пристојно“ ниво.

Избраните и именувани функционери од април 2023 година земаат плати повисоки за 78 отсто, што предизвика незадоволство и протести кај разни групи работници и кај пензионерите.

Работниците бараа и нивните плати да пораснат за онолку за колку што пораснале функционерските, но тоа не се случи. Единствено што добија вработените во јавниот сектор во 2023 година беше покачување од 10 отсто.

НАМАЛЕНИ КОЕФИЦИЕНТИ НА СЛОЖЕНОСТ

Од позиција на опозиција, лани од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека 600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден, па во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија, според нив, последна работа што требало да се направи е да се зголемат платите на функционерите.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и да се коригира коефициентот за сложеност на работното место, со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот – рече тогаш во својство на портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која сега е портпарол на владата предводена од истата партија.

Како што посака ВМРО-ДПМНЕ, коефициентите се намалија со новите законски измени. Но, тоа не значеше дека функционерите нема да добијат повисоки плати поради сложеноста на начинот на пресметка на платите.

Се изменуваат коефициентите за пресметка на плата, на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на нивните плати.

Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата“, стои во законот.

Највисокиот коефициент од 3,92 се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се замени со 2,62, а најнискиот коефициент 2,79, се намали на 2,47.

Највисок коефициент се пресметува за претседателот на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието и тие ќе имаат намален коефициент за пресметка на плата од 3,92 на 3,17.

Вториот коефициент по големина од 3,48 на 3,08 е за пресметка на платата на претседателот на Уставен суд.

Третиот по ред коефициент се користи за пресметка на платата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народна банка, јавен правобранител на Македонија, народен правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата. Овие функционери ќе имаат намален коефициент од 3,22 на 2,85.

Коефициентот за утврдување плата на заменик-министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на државата, советник на претседателот, секретар на Кабинетот на претседателот, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, ќе изнесува 2,62.

Најмалиот коефициент е за пресметка на платите на раководен работник, кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител претседател на основен суд и основен јавен обвинител. Овој коефициент со законските измени треба да изнесува 2,47.

КОЛКУ ЌЕ ЗАРАБОТУВААТ ВОДЕЧКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ?

Што вели математиката?

Функционерските плати, ниту ќе се намалат, ниту ќе останат исти, туку и покрај законските измени, тие ќе се покачат затоа што политичарите во своите изјави пред граѓаните заборавија да го спомнат најважниот елемент при пресметката на нивните плати – просечна бруто-плата за тековната година, која во последните три години е во значителен пораст.

Платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната бруто-плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата што ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основ на разни други бенефиции.

Просечната плата расте, па нејзиниот просек во бруто-износ во 2024 за месеците јануари-ноември, според податоците на Државниот завод за статистика, изнесува 61.662 денари.

Во текот на 2024 година, пак, за исплата на функционерските плати се пресметуваше износот на просечната бруто-плата од 2023, која изнесувала 54.916 денари.

Платата на премиерот Мицкоски досега изнесуваше 140.450 денари, а, според новите измени, таа би била 146.822 денари. Како се добива оваа плата?

Коефициентот за премиерот ќе биде 3,17 и тој се множи со просечната бруто плата од 61.662 денари. Така, се добива сума од 195.468 денари на која се додаваат и 22 години работен стаж на премиерот, односно за секоја година минат труд платата расте за 0,5 проценти. Тие дополнителни 11 проценти ја покачуваат бруто платата за 21.500 денари.

Основната бруто-плата на Мицкоски би била 216.968 денари. Но, овој износ се намалува за 32,33 проценти, колку што секој вработен издвојува за плаќање на социјални и пензиски придонеси, односно 70.146 денари. По сето ова, нето-платата на премиерот ќе биде 146.822 денари.

Ова е груба пресметка затоа што основицата на бруто-платата е земена според просекот од 11 месеци за 2024 година, а првата изменета плата функционерите ќе ја добијат на почетокот во март, кога во просекот ќе влезе и месец декември 2024 година. Тоа значи дека можно е платите на функционерите да бидат за нијанса повисоки од сегашните пресметки.

Врз основа на тоа, слични примања би имал и претседателот на Собранието, Африм Гаши. И неговата плата се пресметува со множење на коефициентот 3,17 со просечната бруто плата од 61,662 денари. На сумата од 195.468 денари би се додале и неговите 28 години стаж (според биографијата од сајтот на Собранието), односно 14 проценти, со што се добива сума од 222.833 денари. Од оваа сума, ако се одземат 32,33 отсто придонеси, ќе се добие нето-плата од 150.791 денар.

И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има ист коефициент од 3,17. На сумата од 195.468 денари се додаваат и нејзините околу триесетина години стаж или 15 проценти, со што се добива сума од 224.788 денари бруто. Кога од оваа сума ќе се одземат придонесите, се добива нејзината нова нето-плата, која според овие пресметки, би изнесувала околу 152 илјади денари.

ПЛАТИ НА МИНИСТРИ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

Со намалениот коефициент, но со зголемената просечна-плата, владините министри што досега земале основна нето-плата од 115.540 денари, со новата пресметка ќе добиваат 118.000 денари. Исклучок е првиот човек на МВР, Панче Тошковски, чии примања се повисоки за 20 проценти.

„На министерот за внатрешни работи му се утврдува зголемување за 20 отсто на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, пишува на владината веб-страница.

Сега, платата на Тошковски е 140.405 денари со овие 20 проценти зголемување за извршување на функцијата. За него основица за пресметка е коефициентот 2,85, кој се множи со просечната бруто-плата за јануари-ноември 2024 од 61.662, со што се добива сума од 175.736 денари.

Ако на ова се додадат и 9 проценти минат труд за 18 години работен стаж на министерот (според биографијата на владата, тој работи од 2006 година), кои изнесуваат 15.816 денари, првиот човек на МВР би имал бруто-плата од 191.553 денари.

Ако се одземат придонесите во висина од 32,33 проценти или 61.929 денари, ќе се добие нето-плата од 129.624 денари. Со зголемувањето од 20 проценти за вршење на функцијата прв човек на МВР, Тошковски би имал плата од 155.548 денари.

Воедно, со законските измени се утврди намалување и на платите на градоначалниците, односно планирано е да се намалат и нивните коефициенти.

Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на Град Скопје изнесува од 2,08 до 2,85.

Овие коефициенти се определуваат според бројот на жителите, и тоа за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициентот изнесува 2,08, за општина до 25.000 жители коефициентот изнесува 2,23, а за градоначалник на општина до 50.000 жители е 2,47.

За градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициентот е 2,62“, стои во законското решение, каде што, исто така, е посочено дека коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на Град Скопје изнесува 2.85.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска со плата од 2.036 евра или над 125 илјади денари за 2023 година беше трета меѓу градоначалниците во регионот. Тогаш коефициентот беше 3,70.

Со новите измени, основната бруто-плата на Арсовска, без ниту еден друг додаток, би била 174.562,5 денари или околу 118 илјади денари нето.

УСТАВНИОТ СУД ГО НАВЛЕЧЕ ГНЕВОТ

Инаку, платите на функционерите влегоа во фокусот на партиските препукувања во март 2023 година, кога Уставниот суд донесе одлука, со која се укинуваат два члена од Законот за плата на функционерите.

Одлуката беше донесена на 21 март и со неа се укинаа 2 члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои дотогаш се одредувал фиксен износ на плата од 26.000 денари, кој потоа служел како основа за определување на платите на функционерите согласно коефициентите за работното место по кои се множат и со одлуката како нова основица се зема сумата на просечната бруто-плата исплатена минатата година според дзс. За потсетување, тогаш платите се зголемија за дури 78 проценти.

Во пресрет на парламентарните избори, претходната влада ги намали коефициентите на платите во март 2024 за 12,8 проценти на 157 функционери што таа ги именува.

Со одлуката се намалија коефициентите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори…

На 29.2.2024 година беа донесени законски измени со кои се намалуваат коефициентите на функционерите, со кои најголемиот коефициент за утврдување на надоместокот на плата и на платата (за претседателот, спикерот и премиерот), од 4,50 е намален на 3,92, додека оној на пратениците и министрите од 3,7 на 3,22.

Сепак, и покрај ова намалување на коефициентите за пресметка на плата, функционерите имаа причини за задоволство. Нивните плати не се намалија или благо се зголемија затоа што просечната бруто плата се покачи за 15 отсто. Просечната бруто плата во 2022 година била 47.637, а во 2023 година достигнала 54.916 денари.

Намалувањето на коефициентите за функционерските плати се направи по бројните реакции во јавноста поради драстичното зголемување на платите на функционерите во времето на претходната влада на СДСМ и на ДУИ.

Предвидено беше платите на функционерите повторно да се зголемат во јануари 2025 година, согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување.

Претставници на претходната влада тврдеа дека за да се намалат платите треба да се сменат многу закони. Но, функционерските плати постојано растат и покрај системската регулација на платите со неколку законски измени.

РЕАКЦИИ НА ЗАСЕГНАТИТЕ

 Вработените од Министерството за култура лани протестираа пред Владата и бараа зголемување на платата. Тие велеа дека добиваат леб од 33 денари, а министрите со плата од 1.800 евра ќе можат да си купат што сакаат.

– Еден министер ќе добива плата од 1.800 евра, а еден вработен во државна администрација ќе добива просечна плата од 400 евра. Платите на министрите ќе бидат четири пати поголеми од вработените во јавниот сектор – рече Бранко Костовски, претседателот на синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура.

Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ, кој деновиве протестира и бара повисоки плати за 30 отсто во јавната администрација, пак, рече:

„Ако веќе функционерите можат да добијат покачување на платите од 78 отсто, можеме и ние барем за 30 отсто. Останавме држава со највисока инфлација и со најниски плати. Останавме држава каде очигледно е дека нашиот работодавач, владата и министерствата, не се секираат за вработените туку само за нивниот џеб“.

И поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи го делеше мислењето на синдикатите дека политичарите треба последни да добијат покачување и во првиот ред за зголемување треба да бидат граѓаните што земаат минимална и просечна плата. Но, додаде дека му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани.

Да треба затоа што се скандалозно мали, меѓутоа треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат, тогаш на политичарите тоа е од етички аспект. Од практичен аспект е демагогија секој што ќе каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани  – изјави Османи.

Тогашниот вицепремиер и сегашен пратеник Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите, рече дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд.

Владеењето на правото е неприкосновено. Ако има друга одлука со која треба таму да се интервенира, јас сум еден од првите што ќе ја поддржи – одговори Битиќи.

Тогашниот градоначалник на скопската Општина Аеродром и сегашен министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на социјалните мрежи напиша дека се откажува од зголемувањето на платата.

„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите.

Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец, разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша Муцунски, а неговиот пример го следеа уште неколкумина функционери во Македонија, кои се броеја на прсти.

Претходниот премиер Димитар Ковачевски, неколкупати негодуваше дека не може тие да имаат повисоки плати од претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собрание.

Станува збор, пред сѐ, за побогати институции, кои имаат и други извор на финансирање, освен буџетот, па, иако владата ги назначува директорите, платите им се според други договори или ги одредува Управен одбор.

Но, ниту со законот сега, ниту со одлуката на влада тогаш, не беа опфатени директорските места на институции, како АЕК, М-Нав, Агенција за државни патишта, ЕСМ, МЕПСО, ПИОМ и редица други, во кои директорите земаат плати помеѓу 3.000 и 6.000 евра.

Поврзани новости