(АРХИВА) Активисти на Алијанса и соработници на братучедот на Таравари „дизајнирале“ тендери вредни над милион евра!

Компанија основана и поседувана од активисти на Алијанса за Албанците и друштво на соработници на братучедот на Арбен Таравари за неколку години добиле тендери во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, пришто доминираат договори за јавна набавка склучени со Општина Гостивар, гостиварски „Комуналец“, неколку болници и клиники...

by Фокус

Текстот е објавен на 18 јануари 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.476.

Испитувајте, има многу компании што земаат тендери во Гостивар, не ги знам сите“ – вака ни одговори Арбен Таравари на почетокот на годинава, кога во својство на лидер на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар го прашавме дали 2 компании почнале да соработуваат со Гостивар и органи под раководната палка на Алијанса поради блискост со него и партијата?
Едната од нив е „Хана Дизајн“, подоцна преименувана во „Лев Гроуп“, која е основана од Влерим Исени, а подоцна преминува во сопственост на Елмедин Шабани. И двајцата важат за блиски до Таравари и беа партиски активисти на АА пред партијата да се подели по судирот меѓу него и Зијадин Села (се уште трае судска битка за партискиот печат).
Според податоците што ги обезбедивме, веднаш по формирањето во 2019 година оваа фирма со еден вработен почнала да добива тендери од Општина Гостивар, гостиварски „Комуналец“ и од други јавни органи, исто како и градежната „Арт Линеа Дизајн“, која, пак, откривме дека соработувала со градежната „Леарт Проект“, во сопственост на Лирим Таравари, братучед на Арбен Таравари.
Во меѓувреме, Арбен Таравари и неговите приврзаници ја напуштија владата на СДСМ и ДУИ и станаа дел од коалицијата ВЛЕН, која по последните парламентарни избори стана дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ, каде Таравари ја зазеде функцијата министер за здравство. И по изборите, ВЛЕН продолжи да испорачува обвинувања кон ДУИ за корупција.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една година наврши откако Алијанса за Албанците одлучи да стане дел од владата предводена од СДСМ и ДУИ, во која учествуваат со тројца министри и десетици функционери во пониските ешалони. За потсетување, нивната преселба од опозиција во власт се случи под специфични услови и околности.

Прво, кон ваквиот чекор на АА, која важеше за најсилна и најтврда албанска опозициска партија, претходеше лошиот резултат што го постигна заедно со Алтернатива на Африм Гаши на локалните избори. Тогаш двете партии имаа соработка со ВМРО-ДПМНЕ, која очигледно скапо ја платија, бидејќи постигнаа полош резултат отколку сами на претходните парламентарни избори.

Второ, на овие избори, најголем дебакл доживеа СДСМ по што дојде до промена на раководството на владејачката партија, а со самото тоа и во државата. Дотогашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев се повлече од позициите и му отстапи место на Димитар Ковачевски. А, како што е познато, Заев имаше исклучително лоши односи со раководството на АА.

Трето, набргу потоа се одржаа и предвремени локални избори за нов Совет на Општина Тетово, каде што лидерот на Беса, Биљал Касами, веќе беше градоначалник. Всушност, во оваа битка најлошо помина Алијанса по што Зијадин Села се повлече, па нов лидер стана поранешниот генерален секретар и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Четврто, дојде до превирања во ДУИ, каде што повеќе партиски функционери од т.н. „огнена група“ бараа лидерот Али Ахмети да го жртвува првиот вицепремиер Артан Груби. Тоа не се случи, поради што ДУИ остана без неколку пратеници блиски до Изет Меџити, кој се издвои во посебна партија. Така се јави потреба за стабилизирање на парламентарното мнозинство.

Всушност, ова се само дел од настаните што создадоа потреба за нови сили и свежа крв во власта, па владејачките партнери ги свртеа погледите кон Алијанса, која веќе имаше избрано ново раководство на чело со Таравари. По кратко размислување, тие одлучија да го преземат овој ризичен чекор по сопствениот политички идентитет, давајќи аргументи плус зошто го прават тоа.

Имено, од таму велеа дека ги слушале советите од западните пријатели, кои наводно им укажале да повлечат потег во интерес на државата и на интеграцискиот процес, особено во време на глобална непредвидливост по воената интервенција на Русија во Украина. Сепак, единствената работа што тешко можеа да ја образложат е како партнерски ќе владеат со ДУИ, која долго време ја обвинуваа дека е канцер на македонското општество?

Јас сум среќен тоа што го кажувавме долго време и сега го кажуваме, веќе го кажуваат повеќе партии, и тоа ме радува. Дека се канцер на општеството, дека се метастазирани во сите институции, дека цела држава е под окупација на луѓе од ДУИ. АА е создадена како антипод на ДУИ, ние сме од поранешна ДПА и традиционално бевме опозиција и партија што треба да ја замени ДУИ – рече Таравари во интервјуто за „Фокус“ пред неколку месеци.

(АРХИВА) Интервју со Таравари: Ни треба нов Устав за внатрешна реорганизација, еден предлог е дводомен парламент и 20 општини!

ПАРТИСКИ АКТИВИСТИ И БИЗНИСМЕНИ

Независно што Алијанса и, пред сѐ, Таравари до денес испорачуваат обвинувања на сметка на ДУИ дека е виновна за целосната партизација и политизација на институциите, дека се извор на криминал и корупција во државата итн., оваа партија остана дел од власта, па дури, според неофицијални информации, преговара со „интегративците“ и за заеднички настап на следните избори.

Меѓутоа, оваа сторија не претставува анализа на политичкото однесување на Алијанса, туку претходниот вовед беше со цел да се даде еден поширок контекст пред да почнеме да ги изнесуваме податоците што ги обезбедивме откако извесен период ги проверуваме информациите дека фирми што добивале тендери од Општина Гостивар и од други јавни органи имаат поврзаност со АА и со Таравари.

Испитувајте, има многу компании што земаат тендери во Гостивар, па не ги знам сите – вака ни одговори Таравари, кога на крајот на ланската 2023 година го прашавме дали е точно дека 2 конкретни компании почнале да соработуваат со Општина Гостивар и органи под раководната палка на Алијанса поради блискост со него и партијата?

Од сите нив, најголемо внимание ни привлече друштвото основано на самиот почеток на 2019 година (31.01) со назив „Хана Десигн“, чија дејност е „услужни дејности во врска со печатењето и објавувањето“. Историјатот на промени покажува дека нејзин прв сопственик бил Влерим Исени. Првично компанијата била регистрирана во гостиварското село Вруток, од каде што впрочем е Исени.

Но, една година подоцна, односно на почетокот на 2020 година, тој се повлекува од компанијата, а на негово место нов сопственик и управител станува Салије Сулејманоска, со која, според одредени сознанија, се во роднински врски. Во меѓувреме, односно во октомври ланската 2023 година (24.10), компанијата го сменила називот во „Лев Гроуп“ и го преселила седиштето во Гостивар.

Подоцна во текот на истата година, поточно на 20.11.2023 година доаѓа до нова промена во сопственичката структура, така што нов сопственик и управител на местото на Сулејманоска станува Елмедин Шабани од гостиварското село Долна Бањица. Практично, промената се случува еден месец откако лани во октомври се обративме до компанијата со прашања во врска со нејзиното работење и соработката со Општина Гостивар.

По број на земени тендери во Општина Гостивар, откога е основана фирмата, не поминува повеќе од 5 тендери, и не сме фирма меѓу 20-те по вредност од земена работа. Ниту Општина Карпош, ниту Општина Сарај, ниту многу други институции, колку што знаеме ние, немаат врска со Алијанса за Албанците“, ни одговорија од компанијата.

Воедно, тогашната сопственичка Сулејманоска тврдеше дека никогаш не го сретнала Таравари. Арно ама, тоа не важи за претходниот сопственик Исени, кој ја основал компанијата, како и за сегашниот газда Шабани. И двајцата не кријат дека се симпатизери на АА, а јавно објавените фотографии сведочат за блискост меѓу нив и партискиот лидер и гостиварски градоначалник.

ГЕНИЈАЛЕЦОТ“ И „КРАЛОТ“

Што се однесува до основачот на „Хана Десигн“, која денес го носи називот „Лев Гроуп“ – Исени, тој е вработен во Општина Гостивар. Тоа е наведено на неговиот фејсбук-профил, каде што може да се видат и многу заеднички фотографии меѓу него и Таравари, кои говорат дека Исени е негов отворен поддржувач. Дури, во една пригода за него пишува дека е „мастермајнд“ или во превод – генијалец.

Господине Заев, дали по вториот шамар што го доби во Гостивар веќе ти е јасно дека господинот Таравари има коалиција со народот, а не со ѓаволот со кој вие коалициравте? Се надевам дека овој шамар што го добивте ќе ве опамети. Ако продолжиш да ги браниш криминалците, за многу кратко време следува нокаут“, пишал своевремено Исени, обраќајќи му се  на експремиерот Заев.

Истовремено, тој настапува и како политички активист на Алијанса за Албанците во Гостивар, така што некои портали му пренесуваат реакции за одредени прашања. Во таа насока, „Зитаре“ објавил дека Исени лани во декември реагирал кон изјавата на лидерот на Беса, Касами, кој рече членовите на АА ќе гласаат за опозицијата на претстојните избори.

Алијанса неколкупати докажа политичка зрелост и има силни структури од Липково до Струга, кои веројатно ги немате. Алијанса има партиски тела кои ги почитуваат сите нејзини членови, тоа е докажано многупати. Ние како активисти или како членови на АА ги избравме најдобрите луѓе, кои ќе донесат политички одлуки за тоа како политички да се дејствува“, стои, меѓу другото, во реакцијата на Исени.

Инаку, тој во 2019 година е избран за претседател на фудбалскиот клуб Гостивар од страна на гостиварскиот совет. Само неколку дена подоцна, заедно со неколку негови познаници завршил во полиција, бидејќи пишувале графити против ДУИ и Ахмети. За тоа јавно реагираше и Таравари, при што Исени и останатите ги нарекува „млади активисти на неговата партија“.

Влерим Исени, Фатон Абдули, Бесир Мемети и Азем Лазами биле повикани во полиција, бидејќи се осмелиле да напишат некои графити со содржина која го вперува прстот кон оние луѓе за кои дење и ноќе слушаме како крадат, навредуваат, злоупотребуваат и нѐ презираат. Државата, наместо да се занимава со тоа, се занимава со младите, кои имаат свои идеали и не трпат неправди – реагираше Таравари.

Оттука, блискоста меѓу Исени и Таравари не е воопшто спорна, но истото може да се каже и за актуелниот сопственик на „Хана Десигн“, односно „Лев Гроуп“. И Шабани често објавува фотографии од Таравари од негови јавни настапи и вести за сработени проекти од страна на Општина Гостивар, а двајцата имаат и заеднички фотографии. Ако Исени го нарекува „генијалец“, Шабани го нарекува Таравари „кинг“ или крал.

Дека и тој е активист на Алијанса, потврдува еден негов фејсбук-статус, кој гласи: „Почитувани колеги активисти, сакам да се заблагодарам на секој од вас за поддршката и придонесот даден до денес. Исто така, сакам да ве информирам дека повеќе нема да бидам претседавач на состанокот од каде што доаѓам. На Алијанса ѝ е потребна нова надеж, која ќе донесе победа на претстојните парламентарни избори“.

ОД ПЕЧАТЕЊЕ ДО СООБРАЌАЈНА СИГНАЛИЗАЦИЈА

Освен тоа што е основана и поседувана од партиски активисти, „Хана Десигн“ или „Лев Гроуп“ соработувала со Алијанса за Албанците. Според податоците објавени од самата партија, за време на парламентарните избори во 2020 година, АА набавила самолеплива фолија од оваа компанија за 86 илјади денари, што влегува во рамки на трошоците за рекламен и пропаганден материјал.

Во меѓувреме, за сегментот на политичко рекламирање реагираше Државниот завод на ревизија, кој ѝ забележал на АА за повеќе системски слабости, наведувајќи дека треба да ги преиспита или уреди правилата за финансирање на изборите со средствата од Буџетот. Патем, ревизорите бараат АА да пропише „мерливи критериуми за обезбедување и распределба на средствата од Буџетот за платено политичко рекламирање“.

Покрај соработката со Алијанса, компанијата веднаш по нејзиното формирање во 2019 година склучила триесетина договори за јавна набавка, а најплодна соработка имала со Општина Гостивар и со гостиварски „Комуналец“. Притоа, може да се забележат и договори од здравствени институции под капата на Министерството за здравство раководено од Фатмир Меџити, близок пријател и сопартиец на Таравари.

Впрочем, двата највисоки договори, компанијата ги склучила со Општина Гостивар во 2022 и во 2023 година. Тие се однесуваат за „набавка, монтажа и одржување сообраќајна сигнализација“ и имаат идентична вредност од по 2.950.000 денари. Значи, компанијата за печатарски услуги добила договори за сообраќајна сигнализација, и тоа како единствен понудувач.

Дополнително, овие 2 тендерски постапки се спроведени откако еднаш бил поништен оглас со истиот предмет на набавка во 2021 година, кога општината објавила оглас за „набавка монтажа и одржување на сообраќајна сигнализација“. Меѓутоа, ја поништила постапката со образложение дека „понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка, кои се понеповолни од реалните на пазарот“.

Во истиот период (2022-2023), тогашната „Хана Десигн“ добила уште 3 тендери од Гостивар за услуги за печатење, во вкупна вредност од 4.248.000 денари, како и еден тендер за набавка на тонери од 1.357.000 денари. Сепак, компанијата бргу се префрлила од матичната дејност кон сообраќајната сигнализација, па дури и кон трговијата со градежни материјали.

Во текот на ланската година, друштвото склучило договор и со Јавно претпријатие за комунални дејности „Комуналец Гостивар“ за набавка на градежни материјали во вредност од 2.866.500 денари. Понатаму, соработката меѓу двете страни ја сочинуваат уште 6 договори за печатење и набавка на канцелариски материјали во вкупна вредност од над 6 милиони денари.

Точно е, како што велат од компанијата, дека таа добила договори и од општини што не се раководени од АА, меѓутоа тие имаат минорен удел во споредба со бројот и вредноста на договорите со Гостивар и гостиварски „Комуналец“. Исто така, регистрирани се и неколку договори со тетовската и гостиварската болница, клиниките за радиологија и за токсикологија, и тоа сите откако Алијанса стана дел од власта и доби министер за здравство.

ПРЕКУ НОЌ ТЕНДЕРИ ОД РЕЧИСИ МИЛИОН

Па, кога сѐ ќе се собере, произлегува дека вкупната вредност на овие договори изнесува околу 32 милиони денари (533 илјади евра), што се одразува и во финансиските биланси на друштвото со само еден вработен. Компанијата во 2021 година остварила приходи од речиси 3 милиони денари, но во 2022 година, приходите пораснале на 4,5 милиони денари, или за 53 отсто. Добивката, пак, изнесувала 2,2 милиони денари, што значи дека половина приходи биле чист ќар.

Во рамки на истражувањето опфаќаме уште една гостиварска компанија. Се работи за градежната „Арт Линеа Дизајн“, основана уште во 2003 година. Арно ама, нашата анализа покажува дека почнува да добива сѐ повеќе тендери од 2020 година, кога веќе Таравари е градоначалник на Гостивар. Претходно, склучила само еден ситен договор во 2018 година за санирање и реконструкција на улици од 1.415.000 денари.

Поточно, компанијата најмногу тендери добила од Општина Гостивар, со која го склучила и највисокиот договор од 17 милиони денари за рехабилитација и реконструкција на шеталиштето покрај кејот на Вардар. На тендерот учествувале 3 компании, но може да се заклучи дека останатите 2 биле дисквалификувани или не учествувале на аукцијата, бидејќи вредноста на склучениот договор е идентична како неговата проценета вредност.

Претходно, Општина Гостивар со „Арт Линеа Дизајн“ склучила 2 договори за работи поврзани со заштитна ограда покрај Кејот на Вардар од 5.900.000, односно 6.500.000 денари. Потоа, тие склучиле и договор за набавка на боја за хоризонтална сигнализација, за реконструкција на училници и изведба на работи за изградба на библиотека, за изработка на база од бетон и поставување монтажни објекти, за реконструкција на канцеларии во управна зграда на општината…

И ова друштво соработувало со гостиварски „Комуналец“ за изградба на доводен водоснабдителен цевковод за село Митрови Крсти, за реновирање и адаптација на простории на ЈП „Комуналец Гостивар“, за набавка на основни средства – камиони за смет (употребени), за набавка на градежни материјали… Плус, склучила уште неколку помали договори со други институции.

Сѐ на сѐ, пресметките покажуваат дека „Арт Линеа Дизајн“ од 2020 година досега склучила триесетина договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 54 милиони денари или 880 илјади евра, при што највредните се со Општина Гостивар за време на владеењето на Таравари. Паралелно со тоа, се бележи висок раст во работењето и на оваа компанијата, која пред неколку години немала речиси никаква активност по што одеднаш регистрира висок обрт.

За илустрација, според финансиските извештаи, друштвото во 2016 година имало приходи од само 315 илјади денари додека во 2021 година остварила приходи од 9 милиони денари. Веќе следната 2022 година, пак, приходите пораснале на 25,5 милиони денари, што претставува раст за цело 160 отсто. Бездруго, тоа се должи (и) на договорите за јавна набавка, кои се најбројни и највредни во тој период.

Интересно е што откако компанијата почнала интензивно да добива тендери по промената на локалната власт, се случи промена и во сопственичката структура. Нејзин прв сопственик бил Насер Хоџа, кој е единствен сопственик сѐ до 2011 година, кога како малцински содружник влегува Исмаил Беџети. Лани во март, пак, Беџети станува единствен газда на „Арт Линеа Дизајн“, откако во 2019 година ја презел и позицијата управител.

ВРСКАТА СО БРАТУЧЕДОТ

Патем, „Фокус“ открива дека Хоџа и Беџети се доведуваат во врска со семејството Таравари и по друга линија.. Двајцата ги лоциравме на ист документ заедно со братучедот на Арбен Таравари – Лирим Таравари, кој е активен во градежниот бизнис. Според Централниот регистар, помалку познатиот Таравари ја поседува градежната компанија „Леарт Проект“, основана во далечната 1993 година.

Па така, за потребите на еден инвеститор „Леарт Проект“ во 2020 година изработил основен проект за објект за домување во станбени куќи, при што, покрај управителот Таравари, потпишани се и Хоџа и Беџети, кои во тоа време се сопственици на „Арт Линеа Дизајн“. Врз основа на тоа, произлегува дека двете компании и овие лица соработувале на овој проект.

Треба да се посочи дека ова е само еден од објектите за кои „Леарт Проект“ јавно се пофалил дека ги реализирал, главно во Гостивар, каде што гради и станбени згради. Од година во година, компанијата бележи и постојан раст, па ако во 2019 година имала приходи од 20 милиони денари, во 2021 година стигнала до 77 милиони денари, за во 2022 година да падне на 52 милиони денари.

Како и да е, објавените факти откриваат дека 2 компании, од кои едната е основана и поседувана од партиски активисти на Алијанса, а другата од соработници на бизнисменот Таравари, во периодот откако неговиот братучед станува градоначалник, почнуваат зачестено да добиваат тендери од Општина Гостивар, гостиварски „Комуналец“ и др. Нивната вкупна вредност изнесува околу 1,4 милион евра.

Вреди да се потсети дека кога АА беше во опозиција, ДУИ жестоко го обвинуваше Таравари за наместени тендери во Гостивар. Во таа насока, тие споменуваа тендер за хоризонтална сигнализација, кој пропаднал откако таква одлука донела Второстепената комисија за жалби по јавни набавки. Според оваа Комисија, тендерот бил спроведен спротивно на Законот за јавни набавки.

Од таму се сомневаа за законитоста и на тендерот за изработка на идејно решение за „Аква Парк“ во Гостивар, обвинувајќи дека тој бил доделен на фирма што го подготвила проектот пред да биде објавен огласот. Според гостиварскиот огранок на ДУИ, во концептуалниот дизајн на компанијата што ја добила јавната набавка, јасно се гледаат фотографии направени за време во зимската сезона, а тендерот бил објавен во мај?!

Ние сме сериозна власт и работиме како што треба. Тендерот за „Аква паркот“ беше за изработка на идејно решение, не за изградба на паркот. Изборот го направи комисија, а не јас. Знам дека најдобриот проект е на реномирана фирма од Скопје. И другите два проекти што беа на автори од Гостивар беа одлични, но имаа недостатоци – изјави Таравари.

Тогаш, тој ги повика граѓаните да ги следат јавните набавки, а сега во сличен стил и нас ни порача да ги испитаме наводите дека тендери добивале блиски фирми. Ние тоа го направивме и резултатот не е баш најповолен за Таравари, кој сигурно дека своевремено жестоко би реагирал ако докажани активисти на ДУИ или соработници на Ахмети одеднаш добијат десетици тендери од општина или институција раководена од кадри на ДУИ.

Компании на активисти на Алијанса и на соработници на братучедот на Таравари „дизајнирале“ тендери вредни 1,4 милион евра!

Поврзани новости