Текстот е објавен на 9 ноември 2022 година во неделникот Фокус со број 1.414.
Србија ниту во најлудите соништа нема сила ниту намера да ги освојува Приштина, Призрен, па ни Пеќ. Единствено што реално може да направат е да влезат на 10-15 отсто погранични територии за да стекнат подобра преговарачка позиција при евентуална размена на територии или при еветуално принудно формирање на некакви автономни области и на двете страни. Но, сето тоа е можно само ако е однапред договорено.
Пишувал: Дејан АЗЕСКИ
И покрај многуте одложувања и големиот притисок, косовската влада почна да ја спроведува очекувано проблематичната одлука за заплена на српските таблици кои се користат на северот на Косово. Србите кои живеат таму експресно одговорија со масовно напуштање на сите косовски инстиции, почнувајќи од полицијата.
Пред споменикот на Цар Лазар во Косовска Митровица повторно имаше голем митинг, а српската армија по не знаеме кој пат ги тркалаше старите југословенски М84 тенкови од касарните во Краљево према Нови Пазар и назад.
Нормално, на небото се појавија и авионите ловци Миг29 кои веројатно треба да ја заплашат косовската авијација која воопшто и не постои.
Во сиот тој познат декор ново е што како жртва падна еден комерцијален дрон (веројатно купен од Али Експрес) за кој и самата српска ПВО потврди дека може да се користи и за снимање на свадби.
Сума сумарум, досега не видовме ништо ново освен познатиот политикански декор на штета на народот на Косово, кој на многумина веќе им е дојден преку глава.
ДАЛИ ПРОБЛЕМОТ Е ВО ТАБЛИЦИТЕ?
Ако се исклучат најновите случувања во Украина, случајот Косово е најголема повреда на меѓународното право кој современиот свет воопшто го памети.
Значи, на една суверена и меѓународно призната држава како СР Југославија со употреба на брутална сила и недозволени средства (пример касетни бомби и проектили со осиромашен ураниум) и беше одземен дел од територијата и насилно и беа променети границите.
Никој не спори дека режимот на Слободан Милошевиќ уште од 1987 години ги поништи сите придобивки и слободи на албанското малцинство од времето на Тито и дека народот на Косово деценија и пол беше тероризиран од разни југословенски војски и паравојски.
Но ако Милошевиќ беше проблемот зошто не се смени само Милошевиќ?Со кое право Србија беше казнета со одземање на петтина од нејзината територија само поради грешките на еден човек?
И сега, 23 години подоцна, претседателот на Србија Александар Вучиќ не се занимава со овој проблем туку ги „хушка“ напатените Срби од северот буквално да се „дрпаат по улици“ за таблиците од нивните автомобили која секоја нормална и меѓународно призната држава (каква што е Косово денес) би ги запленила или би им забранила користење уште пред десет години.
Значи, Србија де факто ги признава косовските граници, српските власти ја контактираат Приштина за секое влегување и излегување, Србија економски го признава Косово како засебен субјект во рамки на Берлинскиот процес, Вучиќ го моли Албин Курти да пристапи кон Отворен Балкан како рамноправен на него итн.
Ама сепак го тера народот да си ја става главата во торба за таблиците. Ако ова не е пример за популизам и дневно политиканство на штета на сопствениот народ, тогаш не може да се утврди што е.
МАКСИМАЛНА И МИНИМАЛНА ДОБИВКА
И не се страшни толку таблиците колку фактот што самиот Вучиќ тајно и јавно преговара со тие кои му го одзедоа Косово во надеж дека максимално ќе издејствува размена на територии (17 проценти од територијата на Косово во замена за Прешевската долина, која рака на срце за Србија е десетпати стратешки поважна).
Или пак минимално ќе формира некоја мини Република Српска на северот (автономна заедница на општини). А, постои голема шанса да не го направи ниту едното ниту другото.
Ако се суди според распоредот на силите на теренот и драстично променетите состојби во целиот регион, српската војска и во идеални услови нема никакви шанси да продре подлабоко од 40-50 км во рамките на косовската територија.
Тоа е значи едно дневно просечно напредување кое од северот веројатно ќе запре на реката Ибар, а од истокот во селата околу Гњилане каде се уште има неколку преостанати српски енклави.
На тој начин, симболично Приштина би дошла во артилериски домет на модернизираните хаубици Нора и евентуално на новите повеќецевни ракетни фрлачи Кошава, кои реално не можат да го сменат фактот дека во самиот град денес живеат преку 98 отсто етнички Албанци.
Значи, ова е максимумот на кој се надева генералшатабот во Белград и ова веројатно ќе се случеше ако останеше Доналд Трамп на власт и се избегнеше војната во Украина.
Но, во ваква променета ситуација во истиот момент кога првиот српски тенк ќе ја прегази границата кај Јариње ќе биде веднаш дочекан од неколку ескадрили Апачи хеликоптери кои во рок од 15 минути ќе долетаат од базата камп Бондстил и ќе го направат теренот паркинг плац.
Е тука да, во прв момент би можеле да послужат четрнаесетте модернизирани српски Миг29 кои би биле супериорни во однос на хеликоптерите и евентуално неколку Ф35 ловци бомбардери кои веројатно тајно се скриени во Бондстил.
Но, замислете ја таа ситуација каде српски пилоти пукаат директно на Американци, особено после она што им се случи 1999 година? Тогаш, ќе нема ниту преговори во Рамбуе ниту ултиматуми, туку во рок од неколку саати ќе интервенира шестата америчка флота и Ф15-ки до вечерта повторно ќе го бомбардираат Белград.
А, според некои информации кои наводно му биле изнесени и лично на Вучиќ, овојпат не е исклучена ниту копнена интервенција на италијанските маринци (како најблиска моќна НАТО држава) од правците на Албанија и Црна Гора.
Да резимираме, Србија ниту во најлудите соништа нема сила ниту намера да ги освојува Приштина, Призрен, па ни Пеќ. Единствено што реално може да направат е да влезат на 10-15 отсто погранични територии за да стекнат подобра преговарачка позиција при евентуална размена на територии или при еветуално принудно формирање на некакви автономни области и на двете страни.
Но, сето тоа е можно само ако е однапред договорено. Во спротивно, силата на НАТО пактот и американското влијание во нашиот регион е толку многу зголемена во однос на 1999 година што и вака модернизираната српска армија не би издржала борба ниту од два дена.
НЕСЛАВЕН КРАЈ НА ГОЛЕМИТЕ ВОЖДОВИ
За нас, Македонците, после навистина „интересното“ искуство со Никола Груевски ни е многу полесно да ја предвидиме и политичката траекторија на Вучиќ. Нас не лажеа дека живот давеме, а име не даваме за на крај токму најтврдокорните осумимнна под директна команда на Груевски да свртат пета.
Сега, Вучиќ веќе десетта година не го дава Косово, така што купува застарено руско оружје, најавува враќање на воениот рок, секои два дена држи вонредни пресконференции и, најважно од се, за сето ова бара благослов од Патријархот.
Генерално добра стратегија за политичка кариера во уште една „крш“ држава, но само ако се работи за некој друг помирољубив народ, како на пример Македонците.
Србија и особено Србите во регионот се сосема поинаква приказна каде реално е неприменливо ниту едно друго политичко искуство. Лани се навршија цели 205 години од кога ниту еден нивен поистакнат водач не го завршил мандатот на природен начин.
Зоран Џинџиќ тоа го направи на тротоарот пред зградата на владата, Милошевиќ се спаси од улицата но буквално иструна во занданите на Шевенинген. Иван Стамболиќ беше насилно сменет па брутално убиен на Фрушка Гора…
Листата продолжува преку Дража Михајловиќ, регентот Павле Караџорџевиќ, неговиот брат Александар, неговиот внук Петар, целата “истребена” династија Обреновиќ и наназад се до првиот српски вожд Караџорџе Петровиќ, издаден и убиен од сопствениот кум.
Дури постои и едно верување дека народ кој си ги убива своите владетели е осуден на вечна несреќа што во овој случај до некаде е и точно.
Како и да е, ако и овојпат Вучиќ се обиде поразот на Косово да го прикаже како победа не е исклучено да стане потенцијална мета токму на оние мрачни структури кои се присутни и во Република Српска и во Црна Гора и на Косово со единствена задача контрола над Србите и српскиот свет.
Ако тие препознаат дека Белград нема намера црвсто да застане зад нив и тргува со нивниот интерес, не е исклучено знаењето од скапите обуки низ кои поминале да се обидат да го употребат и на улиците на Белград.
Размена на територии
ЗОШТО НА МАКЕДОНСКИТЕ АЛБАНЦИ НЕ ИМ ОДГОВАРА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА?
Местата кои погоре ги споменавме како Гнилане или Камп Бондстил, па и самата Косовска Митровица, се едвај десетина или максимум десетици километри одалечени од територијата на Македонија. Со самото тоа, ако дојде до било каков вооружен судур, и кај нас атмосферата нема да биде многу пријатна.
Сигурно дека помеѓу албанската популација ќе има многу доброволци, а и меѓу Македонците ќе имам поединечни случаи на пријавување во српската армија и секако масовно „вербална“ подршка за Србија и српската војска (како што беше случајот и во 1999 година).
Сето тоа сигурно ќе создаде напнатост и на домашната политичка сцена, како и во секојдневното живеење на народот. Но дури и да дојде до размена на територии, нашата држава најверојатно нема да биде засегната.
Не затоа што ние сме многу силни или пак затоа што НАТО многу сигурно стои зад нас, туку најмногу поради фактот што ваква видоизменета Македонија веројатно повеќе им одговара на домашните албански политичари од било каква Голема Албанија.
Да, случувањата во регионот веројатно ќе бидат тригер за да се забрзаат некои непопуларни процеси како албански јазик на целата територија или пак знамето и химната.
Но, генерално албанските политичари во Македонија се уверија дека имаат историска шанса да тераформираат една цела постоечка држава во микроклима согласно нивните замисли и потреби и малку е веројатно дека досега постигнатото ќе ризикуваат да го рушат.
Колку и да звучи неверојатно, кај нас моментално постои поголема опасност од дестабилизација помеѓу етничкото македонското население кое има навистина голема количина на акумулиран гнев од погоре споменатите состојби.
Па, така станува потенцијален лесен плен за странски пропаганди кои не би имале ништо против макар минимално да дестабилизираат макар една периферна држава внатре во НАТО-блокот.