„Фокус“ пред три месеци разви три можни сценарија по кои може да се носат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Едно од сценаријата беше широка коалција која би ги донела уставните измени, а потоа би се заминало на избори, нешто што премиерот Ковачевски денеска му го предложи на Мицкоски.
А, другото сценарио опфаќаше барање гаранција од ЕУ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, односно изгласување Декларација во ЕУ со која таа би нагласила дека нема да има нови историски условувања од ЕУ и дека сме „обединети во различностите“. Мицкоски по денешната лидерска средба најави дека едно од решенијата е ЕУ да донесе декларација со која ќе нагласи дека го признава посебниот македонски идентитет, историја, јазик и култура.
Текстот е објавен на 16 март 2023 година во неделникот Фокус со број 1.432.
Ноември е месецот до кога Македонија има време да ги донесе уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Доколку тоа не се случи, ЕУ преговорите ќе бидат замрзнати. „Фокус“ разви три сценарија по кои може да се одвиваат работите. Секое завршува со носење на уставните измени.
Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Како што се доближува последната фаза од скрининг процесот со ЕУ, така ќе се разгорува дебата за уставните измени со кои Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот. Ситуацијата е јасна: доколку Македонија до ноември, кога се очекува да заврши скринингот, не ги направи уставните измени, тогаш процесот за влез во ЕУ ќе запре, одосно нема да започне отворањето на поглавјата, што е и главна фаза од преговорите со ЕУ.
Според моменталната ситуација, владејачката СДСМ заедно со своите коалициони партнери, е далеку од обезбедување 80 пратеници кои би ги гласале уставните измени во Собранието. За постигнување на потребната бројка секако и се потребни шест до осум гласови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму пак, цврство стојат на ставот дека тие нема да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот, како што велат, не под сегашните услови.
Сепак, СДСМ е решена да го започне процесот за отворање на Уставот. Премиерот Димитар Ковачевски веќе најави формирање на тим, односно експертска работна група која ќе треба да ги подготви амандманите за промена на Уставот. Во нејзиниот состав ќе бидат вклучени правници и експерти по уставно право, а ќе бидат повикани и експерти од политичките партии, меѓу кои и од опозициските.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште нестигната, веднаш ја одбија поканата за учество во оваа група. Велат дека нивните аргументи против уставните измени ќе ги кажат во Собранието, кога за тоа ќе дојде време.
А, времето ќе дојде брзо, со оглед дека од СДСМ за „Фокус“ брифираат дека планот е амандманите да бидат изработени во наредниве неколку недели и веќе во мај, најдоцна јуни, тие да влезат во Собраниска процедура.
Како месеци за јавна дебата ги оставаат април и мај, кога би имало и формални дебати организирани од Владата, но и широка јавна дебата која сама по себе ќе се развие и во медиумите, а и од страна на невладини и други чинители во општеството.
Јасно е дека проблем нема да биде формата на амандманите, бидејќи таа би била едноставна, со внесување на Бугарите, Хрватите, Црногорците и по најново, Евреите. Проблем ќе биде воопшто потребата и оправданоста на тој чекор. Се очекува токму тоа да биде и главната дебата која ќе се развие.
Во една ваква ситуација со многу непознати, „Фокус“ обработи три можни сценарија кои може да се случат во насока на уставните измени и како до нив (не) би се стигнало.
СЦЕНАРИО 1: „ПРЕДАВНИЦИ“ ОД ВМРО-ДПМНЕ
Првиот вицепремиер Артан Груби веќе извесен период во јавноста зборува дека во опозицијата има, како што тој го нарекува, проевропски блок, односно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кој се подготвени да поддржат уставни измени, спротивно на ставот на партијата.
Според пресметките на Груби, власта има 74 пратеници, а оние шест кои им недостасуваат ќе ги најдат токму во ВМРО-ДПМНЕ. Но, во последниот период ситуацијата се менува, и тоа не во корист на власта.
Павле Трајанов ја напушти владината коалиција и јасно кажа дека под сегашните услови тој нема да гласа за уставните измени. Понатаму, и во самата пратеничка група на СДСМ и коалицијата барем двајца пратеници се несигурни дека би го пристиснале зеленото копче.
Извори за „Фокус“ брифираат дека пратеникот Диме Велковски би можел да биде еден од нив. Тој беше и единствен пратеник што не ги гласаше заклучоците на Собранието за францускиот предлог. Вториот пратеник кој не е сигурен дека би поддржал уставни измени е помал партнер во коалцијата на СДСМ од помала етничка заедница.
Така, наместо шест, можно е на власта да и недостасуваат и 8 гласови за внесување на Бугарите во Уставот. Токму таа беше бројката на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која во 2017 година отиде спротивно на партискиот став и гласаше за уставните измени за промена на името.
Тогаш како дел од убедувањето се споменуваа стотици илјади евра за секој пратеник, но и ослободување од судските предмети кои СЈО ги отвораше за нив.
Сепак, за повторување на тоа сценарио, денес шансите се помали. Пред се, бидејќи пратениците од овој пратенички состав не се под закана од судски прогон и го немаат тој притисок. Исто така, пратениците се бирани од актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, а не му се „наследени“.
Сега за сега, нема ниту активности за обиди за „убедување“ или „купување“ на пратеници од страна на власта. Тоа го потврдуваат и од ВМРО-ДПМНЕ, каде се уверени дека за овие уставни измени не може да им се повтори сценариото од 2017 година.
Единствен кој може да им ги помати сметките е поранешниот лидер Никола Груевски, кој би можел да се обиде да убеди неколку пратеници со кои тој има соработувано и е во добри односи, во замена за негово безболно враќање во Македонија. Но, и оваа опција засега делува тешко остварлива.
За изјавите на Груби дека во опозицијата има проевропски блок кој би гласал за уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат да ги стави измените на гласање во Собранието, па да се види дали тоа што го зборува е точно или е само блеф.
Кога ќе се земат сите овие фактори предвид, ова сценарио за носење на уставните измени со шест до осум гласови од ВМРО-ДПМНЕ засега е тешко остварливо. Освен ако меѓународната заедница не пристине и не изврши силен притисок врз опозциијата со цел да не запре процесот на ЕУ интеграциите на Македонија. Ситуација која на геостратешки план во моментов не би им одговарала на западните партнери и би значела зголемување на европскептицизмот на Македонија и развивање на проруско расположение.
СЦЕНАРИО 2: ШИРОКА КОАЛИЦИЈА
Ова сценарио за формирање широка коалиција во која би влегла и ВМРО-ДПМНЕ, а чиј мандат ќе биде носењето на уставните измени се повеќе се споменува изминатиот период како опција која ја предлагале и странските партнери на Македонија.
Широката Влада би имала само една задача: да ги внесе Бугарите во Уставот, а потоа да се оди на избори. Со ова сценарио, „вината“ и „прадавството“ би го поделиле сите партии и полесно би можеле да се оправдаат пред своите гласачи.
Сепак, во ситуацијава ова најмалку би и одговарало на ВМРО-ДПМНЕ, која би требало да сноси дел од одговорноста. А, досега оваа партија не се покажала како политички субјект кој знае да носи тешки и непопуларни одлуки.
Од Американската амабсада одбија директно да одговорат дали со лидерите на партиите било разговарано за опцијата за широка коалиција и не упатија одговорите за тоа да ги побараме од самите лидери.
И од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ пак, негираат дека се разговара за широка влада која би ги донела уставните измени. Од СДСМ брифираат дека за тоа воопшто и не се разговарало во партијата, а дека не ни очекуваат да се отвори таква дебата.
Во партијата во моментов има две размислувања: едни се за тоа да започне процесот за уставни измени веднаш, без разлика што двотретинско мнозинство не е обезбедно, а други се за тоа да се почека да се обезбедат 80 пратеници, па потоа да се започне авантурата „Бугари во Уставот“.
Бидејќи, обезбедувањето на 80 пратеници засега е тешко достижно, СДСМ се реши да оди на се или ништо. Се очекува за неколку денови да биде формирана работната група која ќе ги подготви амандманите и да започне процесот.
Планот е гласањето за уставните измени да биде пред завршување на скрининг процесот со цел да не дојде до застој на преговорите со ЕУ. Идејата со почнување на собраниската процедура за уставните измени и покрај тоа што во моментов власта нема обезбедно двотретинство мнозинство е да се направи присток врз ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници.
Додека трае јавната дебата, а потоа и дебата во Собранието ќе се наметнува тезата дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничар на ЕУ интеграциите на Македонија и причина за запирање на процесот и влез во нова политичка криза. Притисток за поддршка на уставните измени како чекор кој мора да биде напревен за отворање на поглавјата ќе доаѓа и од меѓународниот фактор.
Од ВМРО-ДПМНЕ се свесни за ваквиот развој на ситуацијата и затоа во моментов развиваат нов план. Тука доаѓаме до третото сценарио.
СЦЕНАРИО 3: ВМРО-ДПМНЕ НА ВЛАСТ, УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ РЕШЕНИ
Опозициската партија во наредниот период ќе крои план за откочување на ЕУ интеграциите. А, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека тие нема да поддржат уставни измени, доколку нешто драстично не се промени, закочување на процесот е извесно.
Тука, на сцена стапува ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски како главни откочувачи на процесот. Главно оружје за тоа ќе им биде планот со кој ќе излезат на избори. Тие ќе бараат изборите да бидат предвремени, но бидејќи се доближуваме до терминот за редовните избори, нема да им биде проблем и да почекаат.
Овој план не ја исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ ја поддржи уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот. За тоа да се случи, партијата ќе бара „гаранции“ од ЕУ дека понатаму преговорите ќе се водат исклучиво според Копенхагеншките критериуми и при отворањето на кластерите нема да се наметуваат услови поврзани со историјата.
Како опција за ваква гаранција во игра е ВМРО-ДПМНЕ да побара донесување на Декларација во Европскиот парламент дека сме обединети во различностите и тие не би требало да бидат пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ.
Другата опција под која ВМРО-ДПМНЕ би ги поддржала уставните измени е реципроцитет. Односно, партијата би побарала Бугарија да спроведе барем една од пресудите од Стразбур со која ќе се дозволи регистрација на македонско здружение или партија. Во тој случај, партијата не би имала против внесување на Бугарите во Уставот. А, за спроведување на пресудите од Старзбур Европскиот совет веќе ја притиска Бугарија и без барањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е со планот за откочување на процесот на преговори со ЕУ (кој прво ќе го закочи) да излезе на избори и да дојде на власт. Потоа, од позиција на власт и со одредени „гаранции“ или реципроцитет кои ќе бидат алиби за прифаќањето на уставните измени, од кочничар Мицкоски да стане главен промотор на ЕУ интеграциите, а главниот дел од преговорите за членство, односно отворањето на поглавјата да почне кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Од СДСМ велат дека Мицкоски на средбите со странските амбасадори велел „дајте да дојдеме на власт и веднаш ќе ги донесеме уставните измени“.
Но, тука доаѓаме до уште еден проблем. Терминот за одржување на изборите. ВМРО-ДПМНЕ нема да инсистира тие да бидат предвремени, но ќе инсистира парламентарните избори да се одржат заедно со претседателските. Ова ќе го правда со фактот дека така би се заштедиле пари.
Доколку прво се одржат претседателските избори во мај, на нив СДСМ би излегла со заеднички кандидат со дел од албанските партии и на тој начин би имала големи шанси за победа.
Ова никако не би и одговарало на ВМРО-ДПМНЕ, која после изборен пораз на претседателските избори и со паднат морал на гласачкото тело ќе треба да излезе на парламентарните избори кои би требало да се одржат неколку месеци подоцна.
А, од друга страна, би и одговарало на СДСМ која со победа на претседателските избори би ја намалила предноста која ВМРО-ДПМНЕ во моментов ја има.
Од СДСМ за „Фокус“ брифираат дека тие никако нема да прифатат спојување на претседателските со парламентарни избори и дека тоа не е опција. Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека ќе инсистираат на тоа. Не се исклчува и опцијата за бојкот на претедателските избори доколку тие се одржат пред парламентарните.
Па така, извесно е дека Македонија ќе влезе во нова политичка криза и закочување на ЕУ интеграциите на барем една година.
Аналитичарот Благојче Атанасоски вели дека роковите се немилосрдни, времето тече и веќе во мај, власта сакала или не, ќе мора да ги започне уставните процеси. Друго е прашањето дали опозицијата ќе попушти на крајот, или пак ќе се оди по „ преспанско” сценарио, на „убедување” на делумно опозициски пратеници за постигнување на предвидените 80 пратеници.
–Според мене, тезата дека ако опозицијата дојде наредната година на власт, па потоа да има мандат да ги спроведе уставните измени е премногу опасна, бидејќи ние де факто ќе го прекршиме францускиот предлог (изгласан во македонското и бугарското собрание), и ќе дадеме аргумент плус на Бугарите одново да го стават ветото, односно да си го ставиме ние, непочитувајќи го договореното, вели Атанасоски.
Според него, ситуацијата е едноставна: Македонија годинава ќе ги изгласа уставните измени и наредната година ќе ги почне преговорите со ЕУ, кои ги чека 18 години, или нема да ги изгласа измените, ќе настапи нова политичка криза, Албанија ќе тргне сама напред кон ЕУ, а ние ќе останеме блокирани и понатаму со ризик да завршиме како Молдавија на Балканот.
–Никој во ЕУ, најмалку во Бугарија нема повеќе да се занимава со „македонското прашање“, колку и болно, неевропски и непринципиелно да звучи тоа за нас. За жал, таква е суровата реалполитика во меѓународните односи, а ние уште повеќе за жал, не научивме ништо од тоа во изминатите три децении на независност!, вели Атанасоски.
Но, доколку нешто драстично не се промени, како најверојатно сценарио да се случи, останува токму тоа: закочување на процесот во ноември, а потоа губење на дополнителна година за негово откочување.
А, во ситуација со ВМРО-ДПМНЕ на власт која би го потегнала процесот за уставните измени, СДСМ од позиција на опозиција ќе мора истите да ги гласа. По толку силно лобирање дека измените мора да се направат, нема да има алиби истите да не ги поддржи.
Што и да се случува, едно е јасно: уставните измени на крајот ќе мора да се направат. Дали порано или подоцна.