(АРХИВА) Адвокати од Англија, кои бранеле принцеза од Јордан и шеик од Дубаи, добија 140.000 евра од македонската влада за аболицијата во Стразбур

Владата прогласи победа по одлуката на Судот во Стразбур, а за „Фокус“ открива дека тоа државата ја чинело нешто над 140.000 евра. Откриваме кои се адвокатите, кои имаат импресивни биографии и искуство. Работеле и за без пари, но и дебело наплаќале од своите клиенти милионери.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” на 22 февруари 2023 година, во број 1429.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Додека македонските судии се крстеа и се надеваа дека Судот за човекови права во Стразбур ќе им ја решат домашната задача за „космодиск“ аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов, меѓународниот суд ги врати на поправен.

Децидно им испрати порака дека за комплексното прашање, најпрво треба да се изјаснат домашните судови, охрабрувајќи ги слободно да ја применуваат Меѓународната конвенција.

Враќањето на топката на домашен терен следува по дури пет и пол години, што е далеку од постапување во разумен рок, за кој се залага Стразбур, но еве ќе им се прогледа низ прсти, бидејќи и тие за првпат постапувале по ваков предмет. Вакво правно чудо или заврзлама досега не виделе со свои очи.

Затоа и многумина беа затекнати од одлуката, апликациите, откако првично добија зелено светло и беа земени во работа за по неколку години да бидат прогласени за недопуштени и преуранети, бидејќи не биле исцрпени домашните правни лекови.

Тоа значи дека европскиот суд воопшто не навлегол во расправа за тоа дали помилувањата на Иванов се законски или не, туку констатирале дека обвинетите и осудените не ги искористиле сите домашни правни лекови, како што се на пример, жалбени постапки пред Апелација или вонредни правни лекови пред Врховниот суд.

Во интерес на жалителите, но и на ефикасноста на системот е прво домашните власти да постапат и да се произнесат за евентуални повреди на Европската конвенција“, гласи заклучокот од одлуката.

ВРХОВНИОТ СУД Е НА ПОТЕГ

Тоа значи дека предметите што беа отворени од поранешното СЈО, а со кои кривично се гонат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжат таму каде што застанале.

Судот во Стразбур сака да го чуе мислењето на домашните судови, па потоа да одлучува. Ние сѐ уште не го знаеме мислењето на нашиот највисок суд во државата, Врховниот суд, дали амнестијата важи-неважи, од аспект на Членот 6 од Европската конвенција за човекови права (правото на правична судска постапка), а од друга страна чекавме Стразбур да го реши тоа – вели Коста Богданов, поранешен владин агент на Македонија за застапување пред судот во Стразбур.

Сега сите очи се вперени кон Врховниот суд, каде што набргу треба да пристигне правосилната пресуда за случајот „Транспортер“, односно за незаконски склучен тендер за превоз на ученици.

Ова е прв предмет од оние на СЈО, за кои ќе се отвори прашањето за аболицијата по насоките од меѓународниот суд. Еден од обвинетите е поранешниот битолски градоначалник Владимир Талевски, кој на 10 јануари влезе в затвор за да ја издржи седумгодишната казна.

-Европскиот суд, целиот товар сега го става на Врховниот суд. И тоа не само да одлучи брзо, туку и да одлучи во светло на Членот 6. Самиот меѓународен суд ни укажува дека Членот 6 и Конвенцијата се применливи во нашата држава. Ни држи лекција.

Ова го читам и како една скриена порака до судот, односно да не се врзува исклучиво за домашното право, како што се врзале пониските судови и ги одбиле сите приговори за помилувањата – вели Богданов.

Од Врховниот суд за „Фокус“ велат дека предметот „Транспортер“ сѐ уште не пристигнал кај нив, иако адвокатите уште неколку недели го испратиле преку Кривичниот суд, како што налага процедурата.

Во случај Врховниот суд да одлучи во полза на жалителите, односно да реши да ја оживее аболицијата, тоа по дифолт нема да значи дека веднаш ќе запрат сите останати предмети, но во секој случај пониските судови се должни да ги почитуваат и да ги применуваат ставовите на Врховниот суд.

Но, она што е значајно, според Богданов, е дека највисокиот суд пред да донесе одлука ќе може да се посоветува со судот во Стразбур. Оваа можност му го дава Протокол 16 од Европската конвенција, кој е ратификуван и од нашата држава.

Протоколот им овозможува на највисоките национални судови од Судот за човекови права да побараат советодавни мислења во врска со „принципиелни прашања што се однесуваат на толкувањето или примената на правата и слободите утврдени во Конвенцијата или нејзините протоколи“ во предметите што се наоѓаат пред нив.

Тоа значи дека државите што го ратификуваа протоколот имаат можност да спречат идни повреди на Конвенцијата.

Доколку, пак, се дојде до ваква ситуација, предвреме ќе се добие став од европскиот суд околу суштинското прашање, односно дали аболицијата важи или не.

ЖЕЖОК КОСТЕН ВО КРИВИЧНИОТ СУД

Но, пред Врховниот суд, први со предизвикот за неколку дена ќе се соочат и во Кривичниот суд. Имено, на 27 февруари, од почеток ќе почне судењето за „Таргет и Тврдина“, на кое адвокатите на обвинетите сигурно нема да ја испуштат можноста да ги соочат судиите со одлуката на судот во Стразбур. Тогаш ќе се види и кој пат ќе го фати Кривичниот суд.

Адвокатот Влатко Илиевски, кој ги застапуваше апликациите на жалителите во Стразбур, вели дека владата нема простор за триумфализам, бидејќи одлуката на судот не значи дека е решено прашањето за помилувањата.

Ме чуди тоа зошто на Судот за човекови права во Стразбур му требаше пет и пол години за да донесе вакво решение. Можеше многу побргу да каже дека жалбите се недопуштени, односно дека се преуранети. Но, она што е важно дека по оваа одлука нема простор за триумфализам кај владата, бидејќи тоа не значи дека аболицијата е прогласена за неважечка.

Затоа кога за овие случаи ќе треба да се одлучува во втор и трет степен, домашните судови треба да ги земат предвид аргументите што ги наведовме во апликациите – истакнува адвокатот Илиевски.

Врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска, која беше судијка и во Судот за човекови права во Стразбур, пак, вели дека судот увидел дека станува збор за комплексен предмет, па затоа им било потребно толку многу време за да одлучат.

Судот можел да ги отфрли апликациите како недопуштени во формација на судија поединец или во состав од комитет од тројца судии.

Но, бидејќи овој предмет, уште кога стигнал, поради својата комплексност и значајност, го покренал сензибилитетот, Судот го ставил во предметите што ќе чекаат да бидат обработени во совет од седум судии. Затоа малку подолг временски период е поминат дури е земен во работа – вели судијката.

Една од околностите поради која се очекуваше да биде донесена конечна одлука околу аболицијата беше и тоа што прашањата што беа испратени до владата, се однесуваа на детали околу постапката за помилувањето, што можеше да се сфати како навлегување во суштината.

Исто така, се очекуваше одлука за клучното прашање и поради фактот што аболицијата, ако е дадена законски, не важи само за веќе осудени лица, па да се чека да се исцрпат сите домашни правни лекови, туку и за запирање кривичен прогон уште од најрана фаза.

-Како да се заборави дека помилувањето ја исклучува и кривичната одговорност. Тоа е исто како при случај на смрт, кога судењето веднаш треба да запре за починатиот. А, не да се оди до крај, бидејќи смртта е околност што ја исклучува кривичната одговорност – вели Илиевски.

Тој, сепак, додава дека одлуката на меѓународниот суд е вин-вин позиција и за двете засегнати страни.

Стразбур ѝ направи услуга на државата, да не се бламира, и ѝ даде насоки да не гледа тесноградо, туку самата да го реши прашањето – дециден е адвокатот.

ВЛАДАТА АНГАЖИРАЛА АДВОКАТИ ОД АНГЛИЈА

Од владата, пак, одлуката ја дочекаа како победа.

Владата ја поздравува одлуката на Европскиот суд за човекови права, која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот. Спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврдил прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права“, истакнаа од владата.

Дека владата ништо не оставила на случајноста, покажува и фактот, што покрај домашните експерти, тие побарале и странска правна помош во подготвувањето на стратегијата.

Поточно, од одлуката се забележува дека биле ангажирани двајца адвокати од Англија, Тимоти Оти и Џорџ Молено.

„Фокус“ побара одговор од Бирото за застапување на државата пред Судот во Стразбур за потребата од ангажирање на странските адвокати, но и за тоа како изборот е паднат токму на нив двајца и колку биле платени за ангажманот?

Од Бирото ни одговорија дека нивниот ангажман бил најавен од екс министерот за правда Бојан Маричиќ уште во 2021 година, кога почнале да работат на одговорите на прашањата поставени од Судот.

Имајќи ја предвид практиката на државата за ангажирање надворешни, вклучително и меѓународни експерти во постапки пред меѓународни судови и арбитражи и со оглед на комплексноста и важноста на случаите (и можноста во тој момент истите да завршат дури пред Големиот судски совет), владата сметаше дека е одговорно и потребно да се зајакне домашниот правен тим и да се максимизираат шансите за победа на државатaни одговори владиниот агент Даница Џонова.

Појаснувајќи ни ја законската регулатива, врз чија основа се избрани адвокатите, Џонова појаснува и дека во игра биле петмина адвокати.

Тимоти Оти (и неговиот помлад помошник, Џорџ Молено) беа избрани со одлука од страна на владата врз основа на извршени интервјуа со 5 од најпознатите баристери од областа на човековите права.

Тимоти Оти беше рангиран прв поради искуството во областа на човековите права. Тој е еден од водечките Кing’s Counsel за човекови права, кој има забележано успех во голем број случаи на ЕСЧП и е актуелен член на Венецијанската комисија – појаснува Џонова.

Во однос на прашањето, пак, за тоа колку биле платени, Џонова открива дека понудата на избраните адвокати била најповолна.

Понудата за саатницата на Тимоти Оти и Џорџ Молено, исто така, беше најповолна од понудените (650/час фунти за Тимоти Оти и 250/час фунти за Џорџ Молено), и истата е специјална саатница за овие случаи (не е достапна на комерцијални клиенти) – појаснува владиниот агент Џонова.

Таа додава дека двајцата адвокати биле ангажирани и исплaтени од Генералниот секретаријат на Владата, од каде што до „Фокус“ ја проследуваат и вкупната сума со која биле исплатени.

Владата има исплатено вкупно 140.825 евра. Напоменуваме, дека овие трошоци се однесуваат, не само на сетот од 6 апликации за кои беше објавена одлуката на ЕСЧП на 16.2.2023, туку и за втората група од вкупно 3 апликации, како и за едната последователно доставена апликација на одговор, за кои сѐ уште се чека одлука/пресуда на ЕСЧП, односно за вкупно 10 апликации пред ЕСЧП против државата во кои се покренуваат слични прашања.

Поради ефикасност и намалување на трошоците, владата инсистираше пред ЕСЧП да се спојат сите предмети и во таа насока доставуваше поднесоци до Судот во Стразбур во однос на различните сетови од 10 апликации бидејќи тие течеа паралелно.

Иако одлуката на ЕСЧП се однесува само на првиот сет апликации, трошоците посочени погоре се однесуваат и на вториот и на третиот сет апликации за кои одлука/пресуда на ЕСЧП сѐ уште се очекува – појаснува Џонова.

СПОРОВИ И МЕЃУ УКРАИНА И РУСИЈА

И поранешниот владин агент Богданов вели дека законот дозволува ангажирање странски правни експерти, иако, како што вели, ретко досега се користеле нивни услуги.

Од проверката на имињата на адвокатите се доаѓа до нивната импресивна биографија. За Тимоти се вели дека е признат водечки практичар во меѓународното јавно право, државниот и дипломатскиот имунитет, правото на санкции, јавното право и граѓанските слободи и човековите права.

Тој е претставник на Обединетото Кралство во Европската комисија за демократија на Советот на Европа, Венецијанската комисија и професор на Кралскиот колеџ во Лондон и на Универзитет во САД.

Како адвокат учествувал во повеќе од 50 случаи пред Европскиот суд за човекови права. Еден од неговите најзначајни случаи се смета успешното оспорување на смртната казна во Турција.

Тој е дел од тимот што дејствува за владата на Украина во нејзиниот случај во Стразбур против Русија, а поврзан со неодамнешната руска инвазија на Украина. Тој е вклучен и во голем број арбитражи на договори за инвестиции вредни милијарда долари“, се наведува во неговата биографија.

Во продолжение се споменува и неговиот ангажман од нашата држава, односно пишува: „ангажиран од Владата на Македонија во серија случаи поврзани со помилувања дадени од претседателот“…

Учествувал и во случаи во САД што се воделе против претседателите Трамп и Бајден, а имал чест да правно да застапува и принцеза од Јордан и шеик од Дубаи.

Во изјави за него се наведува:

Исклучително интелигентен и посветен. Најимпресивниот застапник и без сомнение најдобриот адвокат, кој го практикува јавното меѓународно право, државниот и дипломатскиот имунитет.“

За неговиот помлад колега Џорџ, исто така, од биографијата може да се заклучи дека работел на случаи пред Европскиот суд за човекови права.

Најважните моменти од неговата работа вклучуваат Украина против Русија (значителен меѓудржавен случај пред ЕСЧП, во кој Џорџ дејствува про боно за Украина)“, се наведува во биографијата.

Неговите клиенти, пак, се поединци од сиромашни затвореници до милијардери. Го опишуваат како исклучително интелигентен адвокат, кој е многу вреден и посветен.

СЛУЧАЈОТ „ЛЕКСА ПРОТИВ СЛОВАЧКА“

Засега е непознато дали доколку прашањето за аболицијата повторно дојде пред европскиот суд, владата повторно ќе ги ангажира странските правни експерти.

Се претпоставува дека и за нив македонскиот случај е предизвик, бидејќи не постои идентичен случај во Стразбур, што значи дека преку него би се изградила и судската меѓународна пракса.

Во Стразбур постои пресуда за случајот „Лекса против Словачка“, на кој во апликациите се повикаа и жалителите, но, покрај сличностите, постојат и разлики во предметите.

Имено, Иван Лекса беше озлогласен шеф на тајната полиција во време на авторитарниот премиер на Словачка, Владимир Мечијар, во првите години од осамостојувањето на државата.

Додека тој беше директор, се случија големи криминали поврзани со тајната служба, како грабнување на синот на претседателот на државата и негово тајно исфрлање во Австрија и атентатот на еден висок безбедносен офицер.

Кратко време пред изборите во 1998 година, Мечијар го амнестираше Лекса. Новото парламентарно мнозинство во 1998 година ја повлече аболицијата, Лекса беше уапсен, помина три месеци во затвор и по излегувањето побегна во Јужноафриканската Република, каде што со помош на Интерпол беше уапсен и екстрадиран во 2002 година во Словачка.

Словачките судови првично го гонат, а потоа запираат, бидејќи заклучуваат дека немало основ за повлекување на помилувањето.

Иако кривичниот прогон бил запрен, сепак, Лекса поднесува тужба до Судот во Стразбур, за тоа што воопшто бил гонет во одреден период по неговото помилување и Судот пресудил во негова корист.

Судот во Стразбур, во оваа пресуда детално го проучува проблемот на повлекувањето на амнестијата од аспект на човековите права, заклучувајќи дека во случајот тоа претставува повреда на Европската конвенција за човековите права.

Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со Уставот на Словачка.

Оваа одлука, како и сите други донесени од Судот во Стразбур, создаваат обврска за сите земји-членки на Советот на Европа, во идентична ситуација да ја следат практиката од Судот за човекови права.

Но, во Словачка, со оваа пресуда не заврши случајот на Иван Лекса. Собранието на Словачка ја укина амнестијата на Мечијар и беше отворена вратата за продолжување на процесот на грабнатиот син на претседателот против Иван Лекса.

Иако навидум има сличности, сепак овој случај се разликува од македонскиот. Пресудата на Судот во Стразбур за Лекса е последица на незаконитоста на повлекувањето на помилувањето, додека во Македонија проблемот е во законитоста на самото помилување.

Исто така, Лекса бил само еден, а кај нас се помилувани 56 лица, што всушност е амнестија, а, според Уставот, претседателот не е овластен за тоа, бидејќи тоа е право на Собранието. Помилувањето, на кое има право претседателот, пак, е корекција на правдата во поединечни случаи.

Сепак, не треба ниту да се заборави дека Врховниот суд во Грција ја аминуваше аболицијата на Иванов. Повикувајќи се на неа во 2018 година, Врховниот суд донесе одлука грчките власти да не ги испорачаат бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, двајцата високи оперативци во УБК.

Тогаш грчките судии пред себе имаа само еден дел од приказната, бидејќи македонските власти не се ни обидоа да ја докажат ништовноста.

Сепак, сега топката е префрлена на домашен терен, па затоа треба да се почека да се види како ќе одиграат домашните судови. Веќе немаат простор за дриблање.

Поврзани новости