Студенти од Италија заедно со свои професори од Факултетот за архитектура „Политехнико“ од Торино, придружувани од заменик амбасадорот на Италија во Македонија, Марио Де Роса, ја посетија Општина Кисела Вода. Тие се заинтересирани за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадник, па дојдоа лично да ја разгледаат оваа градска четврт и да се информираат за некои поединости околу конкурсот.
Како што информираше нивниот професор, Алесандро Армандо, тие се студенти на четврта година, еден цел семестар ќе го обработуваат Расадник, па оваа посета има непроценливо значење за нив, како идни архитекти и можни апликанти на конкурсот.
На самиот почеток, гостите ги поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, им се заблагодари за интересот и ја истакна важноста на овој меѓународен конкурс за жителите на општината и нивните очекувања, оваа урбана заедница да добие лик кој ќе ја идентификува како хуман кварт за живеење.
– Распишаниот Меѓународен кокурс за идејно решение за градската четврт Расадник е еден од еклатантните примери за нашиот начин на работа, како ново раководство на Општина Кисела Вода. Со доследно почитување на законската рамка, во целосно транспарентен процес, со вклученост на жителите, со меѓународна жири комисија, го бараме идејниот лик за оваа градска четврт, која е сместена во централното јадро на Кисела Вода – рече тој.
Во текот на дискусијата, беа претставени потенцијалите на оваа градска четврт, програмските насоки кои треба да им бидат смерница на учесниците на Меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник, како што се постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк-шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина…