Архиепископот oхридски и македонски г. г. Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејски синод на СПЦ за признавањето на автокефалноста.
-Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест. 55 години седевме и чекавме во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи некој за нас. Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена својата Охридска Архиепископија, да ја видат автокефална, или се правнуци на сите оние кои некогаш живееле обединети под едниот омофор на Охридскиот Архиепископ, рече г.г. Стефан за време на говорот по заедничката литургија на СПЦ и МПЦ-ОА во Соборниот храм во центарот на Скопје.
-Нашата 80-годишна посветеност на независната црква никогаш не била насочена кон тоа да не одвои од телото Христово, туку да ни овозможи, како и секогаш, како и другите православни народи, слободно да ја извршуваме нашата мисија, додаде архиепископот Стефан и посочи дека овој историски момент е исполнување на сонот на многу генерации.
– Во Белград, во црквата Свети Сава, а сега и во Скопје, како гласно да се слушаше воздишка на олеснување и за нашите предци и за нас. А таа радост на олеснување дојде од мајката црква, Вселенската патријаршија и од сестринската СПЦ, рече меѓу другото г. г. Стефан.
Патријархот на СПЦ Порфириј денеска изјави дека Соборот на СПЦ ја прифаќа и благословува автокефалноста на МПЦ-ОА и дека сега следуваат сите технички и организациски детали за свеченото прогласување на службениот акт на автокефалност.
Изјавата на Порфириј беше проследена со долг и громогласен аплауз од голем број верници во Соборниот храм.