Археолозите на протест за коридорите: Зад поголемиот јавен интерес се крие профитерска зделка

by fokus

Археолозите на протест за коридорите: Зад поголемиот јавен интерес се крие профитерска зделка

Претставниците од Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија на денешниот собир пред Собранието испратија апел до пратениците да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство, со кои, како што велат, бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, а во име на „поголем јавен интерес‟, зад кој се крие „профитерска зделка од огромни размери“.

Инаку, со предложените измени и дополнувања на членот 65 од овој Закон, се предлага во членот 65 по ставот 2 да се додаде нов став 3, кој би овозможил, доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено арехолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно октритие да го извести надзорниот инженер, заобиколувајќи ја постојната законска одредба истото да биде пријавено непосредно до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.

Орданче Петров од Македонско археолошко друштво за време на собирот денеска изјави дека со предлогот за дополнување на членот 65 од овој Закон, по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Како што посочи, во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети.

– Не смеете да дозволите надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство. И што понатаму? Со кои правни или оперативни ресурси тој ќе постапува за негова заштита? Или тоа е целта на измената, да се прикрие, заташка и уништи кутурно наследство за да не „се соочи реализацијата на проектот со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење‟, посочува тој.

Според Петров, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривиично дело.

-Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на Унеско? Дали сте свесни колку закони и меѓународни конвенции кои се ратификувани во оваа држава ќе прекршите со дигањето рака „за‟ овие измени? Господа пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривнично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за истото, додаде Петров.

Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија за време на денешниот собир изјави дека со ваквата предложена измена и дополнување на овој член од Законот за заштита на културното наследство, се овозможува исклучување и дерогирање на компетентните стручни и надлежни инстанци за заштита на културното наследство, односно на институциите од системот за заштита кои се специјализиран, квалификувани и одговорни да преземат мерки за зашптита на културното наследство.

– Во нивна „замена“, како досега нечуен преседан, се предвидува овие надлежности да му бидат доверени на надзорен инженер, кој ја нема потребната стручност ни знаење да идентификува дали се работи за случајни откритија кои претставуваат археолошки наоди ниту да постапува на стручен начин со истите, ниту да примени соодветни стандарди за нивна заштита, додаде Бицева.

Исто така, како што рече, овој предлог закон е спротивен на сите меѓународни конвенции за заштита на културното наследство, вклучително и на Ревидираната Европска конвенција за археолошкото наследство на Советот на Европа од Ла Велета, ратификувана од нашата земја во 2005 година.

-Предлог-законот е во спротивност и со Повелбата за заштита и управување со археолошкото наследство на ИКОМОС која ја нагласува потребата од тесна соработка меѓу инвеститорите на развојни проекти и стручните лица за заштита на археолошкото наследство. Ова е и во контекст на веќе остварената интегрирана заштита на културното наследство во нашиот правен систем, во повеќе закони кои гарантираат соодветен третман на културното наследство во системот на просторно и урбанистичко планирање, како и при изведувањето на инфраструктурни проекти, вели Бицева.

Како што посочи, доколку и спротивно на научните принципи и нивните укажувања овој предлог-закон биде ставен на собраниска расправа, бараат од пратениците во Собранието истиот да не го прифатат, апелирајќи на нивната индивидуална свест и совест.

Поврзани новости