Македонското археолошко друштво остро реагира на затворските казни на кои беа осудени музејските работници за кражбите на накит. Нивната реакција следува откако судот изрече неочекувано високи казни, дури за некои и од осум години, иако украдените предмети не се откриени, а не се фатени ниту крадците. Во реакцијата стои:
„Македонското археолошко научно друштво, единствената асоцијација на професионални археолози во Република Македонија, најостро го изразува својот револт и крајното несогласување од разврската на долгиот судски процес, којшто се водеше против седуммина наши колеги и кој на јавноста и е познат како ,,Случај на кражба на археолошки предмети од Музеи на Македонија“. Институциите инволвирани во овој судски процес, нам и на јавноста ни должат транспарентно објаснување како и зошто се случи да бидат обвинети вработени во Музејот на Македонија, имајќи го предвид ноторниот факт дека исчезнатите вредни предмети не се пронајдени ниту пак се откриени сторителите на кражбата. Дигнитетот на нашата професија во изминативе неколку години, вклучувајќи го и овој последен чин на јавно понижување, за жал е урнисан токму пред портите на институциите коишто ја чуваат и ја штитат слободата на мислата и човечката правда и правото.
Во ова наше обраќање до македонската јавност сакаме да истакнеме дека лицата осудени со драконски казни, какви што не и се познати на историјата на македонското право, стручно и чесно ги открија на археолошките терени сега исчезнатите артефакти, истите ги документираа, јавно ги презентираа на археолошки изложби и ги популаризираа во печатените и електронските медиуми. Не е прв пат, но да се надеваме дека е последен, да се стигматизираат и неосновано да се осудуваат наши колеги кои само чесно си ја вршеле својата работа во условите со кои располагаат музејските установи во Македонија, услови кои вопшто не ги задоволуваат ни елементарните музејски стандарди.
Бараме од институците на системот да ги откријат вистинските сторители на овој срамен чин којшто и наштети на државата, на Министерството за култура, на музејските установи, но најмногу на македонската археологија. Исто така бараме надлежните судски инстанци односно повисоките судови, како и досега, да продолжат да работат согласно словото на законот во корист на правдата и вистината.“