Македонското археолошко научно друштво денеска преку соопштение ја информираше јавноста за својот став за неодамнешното осудување на нивните колеги, обвинети за кражба на археолошки предмети од Музејот на Македонија.
Нивното обраќање го објавуваме интегрално:
„Одлучивме преку оваа прес-конференција да é се обратиме на македонската јавност со цел да ги искажеме нашите ставови во врска со два немили настани случени неодамна во нашата средина – кражбата на драгоцени археолошки предмети од Музејот на Македонија и неправеднотo осудување на нашите колеги вработени во таа установа. Досега, истото претставуваше тема на прес-конференции исклучиво на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство, за што и се извинуваме на македонската јавност.
Воедно го користиме овој повод да иницираме поширока јавна дебата за многу наталожени проблеми во сферите на археологијата – професијата на која припаѓаме, а која е задолжена за откривање, проучување, заштита и презентација на културното наследство на нашата држава. Но, во овој момент исклучително е важно да го соопштиме нашиот професионален став за проблемите поврзани со оттуѓувањето на културното наследство во контекст на непријатните случувањата во изминатите неколку години. Почитувани граѓани, македонската археологија не претставува копање, крадење, продавање и оттуѓување на националното археолошко богатство. Таа не треба да се изедначува со несовесното работење, пречекорувањето, искористувањето или какво било друго злоупотребување на службената положба и овластувањата на вработените во музејските институции, Универзитетот или Министерството за култура.
Меѓутоа, – сè додека се во сила несреќни, неевропски и неспроведливи законски и подзаконски решенија, а се однесуваат на културното наследство и неговата заштита, – сè додека жестоко се казнуваат музејски установи и нивни вработени, без да се постави елементарното прашање од страна на креаторите на вакви закони, како е можно сите музеи во оваа држава во долга низа години да грешат на истоветен начин, – сè додека манипулативното толкување на овие закони внесува наши почитувани и чесни колеги во притворските и затворските одделенија, – сè додека нема јасно дефинирана стратегија за заштита на културното наследство што ќе биде донесена после една опсежна и транспарентна стручна дебата, 2 – сè додека буџетските средства за заштита на културното наследство варираат со брзина од 0 до 100 и назад до 0, во целосен дисбаланс со институционалните капацитети и потреби, – сè додека депоата во македонските музеи се импровизирани простори што не ги исполнуваат основните стандарди и наместо да ја обезбедуваат, ја загрозуваат безбедноста на музејските предмети и на кустосите што работат со нив, – сè додека музејските публикации и археолошките научни трудови и студии се објавуваат при речиси празни и неупотребливи стручни библиотеки, – сè додека неукиот збор е замена за стручното знаење и научното толкување, Сè дотогаш ќе остане горчливиот факт дека, наместо вистинските виновници, на обвинителната клупа се најде самото културно наследство: понижено, незаштитено, изнесено преку граница, украдено секогаш од непознати сторители….
И сооопштуваме на македонската јавност дека најрешително ќе се бориме за дигнитетот на нашата професија, за археологијата како фундаментална наука за човекот. Со најискрена човечка и професионална намера ќе продолжиме да отвораме јавни дебати во медиумите и во надлежните институции, исто така. При тоа, убедени сме и дека изминатите години на интензивна работа на генерации археолози не беа залудни – дека сè уште има надеж да победи вистината.
Во таа насока, ги охрабруваме надлежните институции да започнат ефективно да се борат против кражбите, оттуѓувањата и другите форми на загрозување на културното наследство. Посакуваме што поскоро да се откријат вистинските сторители на овие недела, а украдените предмети да бидат вратени во нивната најприродна околина – музеите и јавните установи задолжени за нивна стручна заштита и презентација.