Арбитражната комисија: Југославија е во процес на дисолуција

by Фокус

Во македонски интерес беше да сопре војната и сите конфликтни ситуации меѓу републиките и во нив да се решат на конференциската маса. Оттаму и отпорот кон словенечкиот и хрватскиот став, подеднакво како и кон српскиот.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Додека Конференцијата за Југославија беше дипломатскиот и политичкиот форум за решавање на кризата, Арбитражната комисија беше нејзиниот правен орган. Составот од пет претседатели на уставни судови на земји-членки на европската заедница јасно укажуваше на типот на проблеми со кои ќе се занимава Комисијата – уставните.

Првобитната идеја, комисијата да ја сочинуваат тројца судии од земјите-членки на ЕЗ и двајца од Југославија се напушти поради атмосферата на недоверба и националистичко сомничење меѓу југословенските републики.

Средбите се одржуваа во Париз, градот на претседателот на Арбитражната комисија, Робер Бадентер. Членовите, првпат се сретнаа на 11 септември, четири дена по инаугуралната седница на Конференцијата за Југославија. Комисијата немаше посебен секретаријат, туку ги користеше услугите на секретаријатот на Конференцијата за Југославија формирана од Европската заедница.

Комисијата одлучуваше по пат на консензус, не објавувајќи поинакви мислења кои, веројатно, постоеле во дебатите.

ВО ИГРА БЕА СИТЕ ОПЦИИ

Во почетната фаза на работата на Конференцијата за Југославија, Европската заедница беше посветена на идејата за зачувување на единството и на територијалниот интегритет на југословенската федерација.

Но, набргу, заедницата почна да разбира дека такво нешто не е можно. Имено, настаните на теренот одеа во насока на воена пресметка на противставените страни, продлабочувајќи ја кризата од ден на ден. ЕЗ мораше да се приспособува на новонастанатите состојби.

Така, одлуката на заедницата да прифати „…нови односи и структури…“, значеше напуштање на политиката за зачувување на Југославија. Значи, новата цел стана редефинирање на односите меѓу републиките на конференциската маса преку еден процес на преговарање, проследен со нужните компромиси од сите страни.

Се сметаше дека тоа е единствениот начин да се сопре крвавата етничка војна, која се наѕираше на политичкиот хоризонт.

Согласно промените во политиката на ЕЗ и Арбитражната комисија како нејзин правен орган што требаше да ја обезбеди правната аргументација, ја смени својата позиција. Барајќи излез меѓу противставените позиции на Словенија и Хрватска за итна независност, Македонија и Босна за некоја форма на конфедерација и Србија и Црна Гора за централизирана држава, Заедницата прво ја изрази својата подготвеност да прифати „…секакво решение што е резултат на преговори водени во добра намера…“.

Значи, во игра беа сите опции. Европската заедница, Конференцијата за Југославија и Арбитражната комисија ги приспособуваа своите погледи со реалните состојби на теренот.

А, сепак, меѓу двата екстрема, сецесија и централизација, се определија за концептот што го застапувавме ние – асоцијација на суверени држави.

Во македонски интерес беше да сопре војната и сите конфликтни ситуации меѓу републиките и во нив да се разрешат на конференциската маса.

Оттаму и отпорот кон словенечкиот и хрватскиот став, подеднакво како и кон српскиот. Лорд Карингтон беше согласен дека е тоа најдобриот пат, но, како што ми кажа во еден разговор, Словенија сака да избега, а Србија ја турка да си оди.

Сепак, на крајот на Конференцијата за Југославија, сите претседатели, со исклучок на српскиот Милошевиќ, го потпишаа решението на Карингтон зад кое стоеjа ЕЗ и САД, за асоцијација на суверени држави.

Оваа политика не беше популарна во Македонија. Понесени од националистичката еуфорија што ја зафати Југославија, наши политичари и новинари, некои од кои мои некогашни студенти, почнаа да ме обвинуваат за доцнење со независноста.

Преку тебе како министер за надворешни работи, ме критикуваат мене, знаеше да каже претседателот Глигоров, или попрецизно, „не те критикуваат тебе, туку мене“.

ОДБРАНА НА ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ДРЖАВА

Нашата геополитика и етничката композиција на македонското општество го дефинираше нашиот државен интерес, а тој беше – мирно раздружување преку редефинирање на односите меѓу народите на Југославија, а не уривање на федерацијата преку етнички судири и војни. Конструктивноста секогаш бара време, додека уривањето е полесно.

Оттаму и мојата констатација дека Македонија не доцнеше, туку дека другите брзаа во војна. Тие мои ставови ми донесоа лош глас кај националистички настроените маси во Македонија поттикнувани од измамници што посегаа, и до денес(!?) посегаат, по една лага дека некаде сум рекол: „Независна Македонија само преку мене мртов, без мене или нешто слично… Одговор на таа лага се и моите „Белешки од годините на независноста“.

Значи, наспроти желбите на националистите и другите нетрпеливи луѓе, да трчаме со Словенија и Хрватска, бевме против сецесијата на овие две републики и нивното бегство од конференциската маса, но и против централистичката политика и политиката на прекројување на границите на републиките на Слободан Милошевиќ.

Не разбирајќи дека возот ја напуштил појдовната станица, или за да го спречи да стаса до целта изложена во планот на Карингтон, Милошевиќ побара спас од реалноста во меѓународното право.

Опкружен со истакнати српски правници, меѓу кои посебно место имаше професорката по меѓународно право, Смиља Аврамов, српскиот претседател покренува правна процедура во одбрана на југословенската држава.

Имено, изложен на притисок да го прифати планот на Карингтон за сојуз на суверени држави и во обид да добие на време, Милошевиќ, иницијаторот на етничките војни, почнува една пеколна дволична игра и бара заштита од правото.

Во моите белешки сум запишал дека, обраќајќи ѝ се на Арбитражната комисија, тој се повикува на „…виталните принципи на меѓународното право…, кои се „…основа на светскиот поредок…“, повикувајќи ја да се изјасни по три прашања:

  1. Кој е ентитетот што има право на самоопределување, народот или федерацијата,
  2. Легалноста на сецесијата во меѓународното право и условите под кои таква сецесија може да се оствари,
  3. Статусот на внатрешните или административните граници и на надворешните или државните граници од гледна точка на универзалното меѓународно право, Хелсиншкиот финален акт и Париската повелба.

Карингтон се согласува да ги пушти во процедура овие барања, но го проширува правото на сите учесници на Конференцијата. Го кани претседателството на Југославија и министрите за надворешни работи, доколку имаат, да му упатат „…разлики…“ што би ги упатил до Арбитражната комисија.

ПРАВОТО ЈА СЛЕДЕШЕ ПОЛИТИКАТА

На 20 ноември 1991 година се огласи Арбитражната комисија со своето правно мислење.

Простата правна логика на Комисијата, во одговор на српските прашања, ги урна надежите на Милошевиќ за некакво дого „парничење“.

Арбитражната комисија заклучи дека една држава „…вообичаено се дефинира како заедница, која се состои од територија и население подредени на еден политички авторитет и дека таквата држава ја карактеризира суверенитет…“.

Потоа, што се однесува на внатрешната политичка организација на државата и нејзиниот уставен поредок, Комисијата запишува дека се тие „…само факти“, кои покажуваат колкава е контролата на владата врз територијата и населението на една држава.

Што се однесува до федерации и на тоа кога почнува да постои или престанува да постои таквата држава, Комисијата заклучува дека „…во држава од федеративен тип, која опфаќа заедници што поседуваат степен на автономија и што учествуваат во вршењето на политичката власт во рамките на институции кои се заеднички во федерацијата …“, непречено постоење на таква држава подразбира дека федералните органи ги претставуваат деловите на федерацијата и дека вршат ефективна власт…“.

Комисијата го задава конечниот удар врз ставовите на Србија со констатацијата дека таа го базира своето мислење врз фактичката ситуација во земјата, а таа е дека „…составот и функционирањето на основните органи на федерацијата, било да се Сојузното претседателство, Сојузниот совет, Советот на републиките и на покраините, Сојузниот извршен совет, Уставниот суд или Сојузната армија, повеќе не ги задоволуваат критериумите, партиципативноста и репрезентативноста својствени за една сојузна држава…“.

Заедно со останатата приложена аргументација, Арбитражната комисија заклучува дека Југославија е „…во процес на дисолуција…“. Правото, како и секогаш, ја следеше политиката, зашто, во крајна линија, тоа почива врз принципот на ефективност.

Македонија, заедно со другите републики, го следеше распоредот предложен од Карингтон дека, на крајот од Конференцијата ќе бидеме подложени на процедура низ која ќе се изјасниме дали сакаме да сме самостојна и суверена држава. Наскоро ќе дојде и тој ден.

(Продолжува)

Поврзани новости