Арапските лидери го осудија двонеделното израелско бомбардирање на Газа

by Fokus

Арапските лидери на денешниот Самит во Каиро го осудија двонеделното израелско бомбардирање на Појасот Газа, повикувајќи на обновени напори за постигнување мировно решение на Блискиот Исток и ставање крај на повеќедеценискиот циклус на насилство меѓу Израелците и Палестинците.

Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас рече дека Палестинците нема да бидат раселени или протерани од својата земја.

– Израелското раководство мора еднаш засекогаш да разбере дека Израел никогаш не може да напредува ако како држава е заснован на неправда. Нашата порака до Израелците е дека сакаме иднина со мир и безбедност и за нив и за Палестинците. Нема да заминеме, ние нема да заминеме, потенцираше Абас.

Јорданскиот крал Абдула го осуди, како што рече, „глобалниот молк“ за нападите на Израел врз Појасот Газа и рамнодушниот пристап кон израелско-палестинскиот спор.

– Пораката што арапскиот свет ја слуша е дека животите на Палестинците се помалку важни од животите на Израелците, рече јорданскиот суверен, додавајќи дека Јорданците се огорчени и тажни поради актите на насилство врз невините цивили во Појасот Газа, Западниот Брег и Израел.

Јорданскиот крал Абдула пред учесниците на денешниот самит во Каиро предупреди дека присилното или внатрешно раселување на Палестинците би било воено злосторство.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Риши Сунак не присуствуваат на самитот во Каиро, а официјален Париз не го најави доаѓањето на францускиот претседател Емануел Макрон.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси на денешниот самит во Каиро изјави дека ги повикал светските лидери да се договорат заради справување со хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и за обновување на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците.

– Одредувањето на рутата за испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа подразбира и договор за прекин на огнот, по што би следеле преговори кои би довеле до решение за две држави, посочи Сиси.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави во Каиро дека го осудува нападот на Хамас врз Израел, предупредувајќи дека овој чин на насилство не го оправдува „колективното казнување“ на жителите на Појасот Газа, спроведено од Израел.

Гутереш повика цивилите да бидат заштитени од израелските напади и да се поштеди цивилната инфраструктура, вклучително болниците, училиштата и објектите на ОН.

Поврзани новости