Арапските и муслиманските министри повикаа на итен прекин на огнот во Газа пред посетата на Пекинг, првата од петте земји што ќе ги посети во обид да посредува за прекин на непријателствата и хуманитарна помош за разурнатата палестинска енклава.
Делегацијата треба да посети пет земји, постојани членки на Советот за безбедност на ОН, а исто така го засилува притисокот врз Западот да го отфрли израелското оправдување за неговите постапки против Палестинците како самоодбрана.
Во делегацијата, меѓу другите, се и претставници на Саудиска Арабија, Јордан, Египет, Индонезија, Палестина и на Организацијата за исламска соработка.
„Тука сме да испратиме јасен сигнал: односно веднаш да ги прекинеме борбите и убиствата, мора веднаш да доставиме хуманитарни материјали во Газа“, изјави саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд.
Вонредниот заеднички исламско-арапски самит во Ријад овој месец, исто така, го повика Меѓународниот кривичен суд да ги истражи „воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од Израел“ на палестинските територии.
Саудиска Арабија се обиде да изврши притисок врз САД и Израел да ги прекинат непријателствата во Газа, а престолонаследникот Мохамед бин Салман, ги собра арапските и муслиманските лидери за да ја засилат таа порака.
Амбасадорката на Израел во Пекинг, Ирит Бен-Аба, им рече на странските новинари на брифингот во понеделникот дека се надева дека „нема да има изјави за прекин на огнот од оваа посета, сега не е време“.
Таа рече дека Израел се надева оти делегацијата ќе разговара за заложниците заробени од Хамас „и ќе повика на нивно итно ослободување без услови“, додавајќи дека вклучените страни треба заедно да разговараат за „улогата на Египет во олеснувањето на хуманитарната помош“.