Трите статус кво клана СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со народот правеа пичвајз. Ама, нели е во право и кога греши, како што глаголеше првиот политички премиер, народот почна од кримоси да прави власт. Таа и таква власт се вдаваа како рој скакулци и ја таманеа Македонија. Планот и одлуката за концентрација на политичка и економска моќ беше донесена во средината на 1990-те на „тајната вечера“ во владината вила во Охрид.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Пред години, во колумна во „Фокус“, под индикативен наслов „Мафија облечена во власт“, констатирав дека во Македонија нема организирани криминални организации според класичната матрица, туку само чираци и подизведувачи на регионалните мафии.
Македонската lex specialis мафија е облечена во униформа на власт. Повеќе од три децении безочно краде и ја мафијатизира државата. Министри, државни функционери, градоначалници, директори, царинарници, полицајци, обвинители, судии и останати претставници на централната и локалната власт се арамии и рушветчии без усул.
Македонската ендемска мафио варијанта нема и не трпи конкуренција, бидејќи има монопол. Власт и криминал во едно. Народ, кој со децении упорно гласа и избира арамии и рушветчии, не е жртва, туку соучесник. Што си дроби, тоа си срка. Ако има мака, од својата глава си пати!
ТРИТЕ КЛАНА
Трите статус кво клана СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со народот правеа пичвајз. Ама, нели е во право и кога греши, како што глаголеше првиот политички премиер, народот почна од кримоси да прави власт. Таа и таква власт се вдаваа како рој скакулци и ја таманеа Македонија.
Планот и одлуката за концентрација на политичка и економска моќ беше донесена во средината на 1990-тите на „тајната вечера“ во владината вила во Охрид.
Технологијата на првиот чин на арамилакот на СДСМ беше едноставна и „генијална“ – дотогашните социјалистички директори се трансформираа во менаџери. Во процесот на криминална приватизација со законско покритие, СДСМ беше хардверот, а софтверот Фамилијата, која за ич пари или по багателна цена ги „купи“ општествените и државни претпријатија.
Наследниците на „црвената буржоазија“, вгнездени во „државотворната“ СДСМ, човеци кои „немаа вода во очи“, преку ноќ, од голтари станаа милионери. Криминалната приватизација го трасира натамошниот развој на државата.
Вториот чин од бескрупулозниот масовен арамилак се одвиваше во периодот од 1998 до 2002 година. „Патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да создадат своја бизнис арам(иска) Фамилија, преку трансферирање на преостанатиот дел од националното богатство.
Третиот арамиски чин во периодот од 2002 до 2006 година претставуваше монодрама на незапирливо аздисано галопирање на „државотворниот“ СДСМ, кој мајката ѝ ја расплака и ја разнебити Македонија до балчак.
Четвртиот чин се случи по враќањето на „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Со проширување и надградување, кое траеше една деценија, овој арамиски клан прерасна во злосторничко здружение.
Know-how „проекти“ со антикоманија, распродажба на инфраструктурни и природни ресурси на странци, создавање „обрачи од фирми“, кои ги управуваа корпоративно преку корумпирани политичари и послушни марионети, како и „рејдерството“, т.е. преземањето успешни фирми.
ЌЕ ИМА ЛИ ШЕСТИ ЧИН?
Заеднички именител на двата арамиски клана беше ставањето на бизнисот под своја контрола поради што власта се подели на македонски и албански блок со сопствени територии и сфери на влијанија.
Петтиот чин на арамилак без усул се случи со Шарената револуција, смислена и организирана од „државотворците“, во копродукција со странски продуценти. Таа во 2017 година го прекина арамилакот и аздисаноста на „патриотите“ и продолжи каде што тие застанаа, сѐ до првата половина од оваа година. Нивното дивеење беше во содејство на кланот на „интегративците“, кои, всушност, беа capo di tutti capi на безмилосниот арамилак и рушветчиство.
По речиси седумгодишно бербатење и разнебитување, со благослов на народот, повторно се врати кланот на „патриотите“, кој го шкартира дотогашниот „интегративен“ етнички клан за заеднички арамилак по сфери и влијанија. Се здружи со новоиспилен алчен и испоснички етнички акционер.
Институционалната корупциска рак рана го метастазира системот. Во изминатите триесет години, доминантните акционери Курто, Мурто и Турто опљачкаа најмалку триесет милијарди евра од АД Мафијадонија со неограничена неодговорност и неказнивост.
Трите статус кво клана функционираа како во басната за орелот, ракот и штуката. Едниот крева нагоре, другиот влече назад, третиот трга надолу. Посликовито, секој за себе со модус операнди систем од народната: „Тој држ – јас држ, тој трга – јас тргам, тој натаму – јас наваму“!
Дали ќе има и шести чин на арамилак?