Арафат Муареми бара разрешување и на судијата кој дал наредба за претрес

by fokus

Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми откако поднесе претставка за обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески да го преиспита претресот што беше направен во Финансиската полиција, по наредба на Обвнителството за гонење на организиран криминал и корупција, побарал и разрешување на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, кој издал наредба за претрес на барање на Обвинителството.

-Во архивата на Судскиот совет е заведено барањето за испитување одговорност на судија. На некоја од следните седници на советот по пат на ждребка ќе се формира комисија од три члена која ќе подготви записник дали постапката за судијата ќе продолжи или ќе прекине. Со оглед дека ваквите предмети се доверливи Судскиот совет во моментов не може да изнесува повеќе детали, велат од Судскиот совет за „Фокус“.

По претресот што беше направен во Финансиската полиција пред десетина дена, почнаа препукувањата меѓу Финансиката полиција и Обвинителството за гонење на организиран криминал. Муареми обвини за незаконски претрес и намерно нарушување на угледот на институцијата, додека Русковска неговата претставка ја смета за притисок врз обвинителството.

По претресот на порталите постојано се објавуваат кривични пријави што биле поднесувани за директорот, Муареми, дека отворал фиктивни истраги од анонимни пријавувачи против неколку фирми, па се до кривични пријави за злоупотреба за службена положба и насислтво.

Сите овие пријави засега не се потврдени и официјално од обвинителството не откриваат за што се кривичните пријави повикувајќи се на тоа дека предистрагата е тајна.

Муареми пак тврди дека поднесената кривична пријава до него која е актуелна деновиве во јавноста и се однесува за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за кривично дело „насилство“ е само продолжение на нападите против него и Управата кои доаѓаат од ист центар на моќ, откако претрес во Управата, неодамна направи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

– Јас како директор, како и вработените во Управата за финансиска полиција препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во завиност од надлежностите на институцијата.

Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови, се додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција, вели Муареми.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости