Арачиновци не плаќаат даноци и струја, ама Владата ги награди со 1,1 милиони евра

by Fokus

Според последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации кој излезе минатата година, општината Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година и сепак по вторпат добива парична помош од Владата.

Нови податоци во изминатите две години за наплатата на данок за 2020 и 2021 нема.

Причина за ова како што тогаш рекоа од ЦГК е тоа што општина Арачиново нема база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

И покрај тоа што оваа општина не придонесува во буџетот, Владата на вчерашната  седница по вторпат во време на криза одобрила пари, поточно 1,1 милиони евра со кои ќе се санира каналoт за отпадни води во општина Арачиново, објави првиот вицепремиер Артан Груби.

-На седницата на Владата ја усвоивме одлуката за спроведување на постапка за јавна набавка за регулирање на одводниот канал во оваа општина.Исклучително важна инвестиција во вредност од околу 66 милиони денари во служба на квалитетниот живот на жителите на Арачиново, објави министерот за политички систем.

И претходно владата на 11 декември 2020,  донесе одлука да го помогне Арачиново со 500.000 евра неповратна помош.

-Владата денеска донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата, соопшти тогаш Владата.

Според податоците од ЦГК за 2017, 2018 и за 2019 година, граѓаните и фирмите во просек годишно им плаќаат 21 милион евра на своите општини за имотот што го поседуваат на нивното подрачје. Од нив, 10,2 милиони евра собираат општините што го сочинуваат градот Скопје. Данокот се пресметува како 0,1 отсто од вредноста на имотот, што покажува дека земјиштата и градбите во Скопје вредат колку што вреди сѐ друго заедно.

Прилеп, Велес, Гевгелија, Кавадарци, како и скопските Центар, Карпош, Ѓорче Петров, собрале над 90 отсто од предвидените суми за овој период . Тетово, Кичево, Липково и други не наплатувале ни по 60 отсто, а Гостивар, како поголема урбана општина со најслаба наплата, собрал само 40 отсто од предвидените пари. Послаби од тоа се само некои рурални општини, како Долнени, Маврово и Ростуше и Студеничани.

Незаконско користење струја

Денеска пред канцелариите на ЕВН во Скопје се собраа жителите на Арачиново, кои трет ден се брз струја, а им се придружи и градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими и заедно со граѓаните бараа средба со надлежните на компанијата.

Од ЕВН Хоме  потврдуваат дека во понеделник наутро во општината дошло до голем дефект како последица на големото преоптоварување на трафостаниците поради континуираното незаконско користење на струјата од страна на жителите.

-Во Арачиново нашите екипи често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, што го оневозможува извршувањето на работата во целина. За да се работи мора да се создадат услови за нормално функционирање и работа, како за дефекти, така и за реконструкција и модернизација на мрежата. Се додека нема нормални услови за работа и има пречка во извршувањето на работата, нема да има можност за реставрирање – велат од ЕВН.

С.Т.

Поврзани новости