Арачиновецот ја застрелал жената во глава и заминал од дома додека таа се борела за живот

by Frosina Fakova

Арачиновецот на возраст од 39 години, кој вчера ја уби сопствената жена во семејниот дом, и пукал со пиштол во задниот дел од главата, соопштуваат од скопското обвинителство.

– Тие откако се вратиле од прошетка и влегле во нивната соба, започнале вербална расправија заради брачни недоразбирања. Во еден момент, осомничениот 39-годишник се упатил кон подрумските простории во куќата каде што неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Берета“ со калибар 7,65 мм. Пиштолот го ставил во џебот од јакната и се вратил во собата каде што била оштетената. Двајцата сопружници продолжиле да се расправаат, а осомничениот го извадил пиштолот, го вперил кон оштетената со закана дека ќе ја убие и испукал еден куршум во задната страна на главата, соопштија од обвинителство.

Откако ја застрелал, мажот излегол од дома. Од друга страна жената, давала знаци на живот и двајца сведоци ја пренеле во болница, но по приемот починала.

Осомничениот е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомниченото лице да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, како и можност да го повтори кривичното дело. Тој се товари за кривичните дела „убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“.

Поврзани новости