Апсурдистан

by Фокус

Прав беше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во едно скорешно интервју констатира дека немаме држава што се грижи за своите граѓани. Заспан рајатински народ, кој одбива да се разбуди од слатката дремка. Сака да живее во лаги, а светогледот го гради на ветувања и илузии. Моќта ја црпе од клиентелизмот и од вредносните фолк критериуми

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Бадијала премиерот Христијан Мицкоски повикува на национално помирување и обединување околу стратешките цели. Оваа и ваква држава, Апсурдистан на Балканот, триесет и три години лебди во времето како вејка на ветрот и никако не се вивнува. Шлајфува во место!

Прекрстена држава и мнозински народ со спорен идентитет, девалвиран во етничка заедница со останатите делови од народи. Произлегува дека бај Ванчо Михајлов бил визионер кога ја дефинирал како „Швајцарија на Балканот“, во која имало Бугари, Албанци, Турци, Грци, Власи, но не и Македонци. Како што во Швајцарија нема етнички Швајцарци…

Параспур територија, во која етнички партии, наместо национално знаме, истакнуваат туѓо и знаме на државата кукловод. Со зомби хомо пасивус, кој не го променува менталитетот, светогледот, ниту функционирањето,  не ферма логика и не слуша разум (лат: absurdus – потполно глув). Држава метафора за надреалност, дистопија, бесмисленост!

Проблемот е што во сите изминати години, таа и таква држава се повикуваше на национално помирување наместо на политичко. Уште во мугрите на плурализмот се формираа етнички партии наместо граѓански и да се воспостави национална основа.

ОД ЕДНОУМИЕ ДО БЕЗУМИЕ

Токму вистината за идентитетите во средниот век ги третира епохалниот труд од македонскиот историчар и копретседател на ОМО Илинден-Пирин, проф. д-р Стојко Стојков, кој пред Нова година беше промовиран во МАНУ. Книгата ги проучува и ги презентира идентитетите во овој период, историските извори, конфузијата околу сето тоа и актуелните злоупотреби во политички и геополитички цели.

Неколку дена подоцна, во Музејот на македонската борба за самостојност се промовира и историјата на една мистификација под наслов „Писма…“, во која коавторите д-р Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски презентираат автентични документи за бугарското креирање „научни“ книги за македонската историја и феноменот на корумпирање на научниците во минатиот век.

По добивањето независност на тацна, се случи бура во кофа со помија. Се потврди сомнежот дека дотогашната федерална социјалистичка република Македонија, која постојано чекаше ишарет од Белград, не е зрела за самостојност и е со пречки во развојот. Веднаш се присламчи кон новите кукловоди од Брисел и Вашингтон, на кои, со менталитет на измеќари, поданички им салутира.

Промената на едноумието и преминот во безумие, го искористија апашите, кои наместо диплома и знаење, преферираат партиска книшка како виза за кариера.

Кадровска селекција со случајни ликови, дури и полуграмотни и криминални досиеја, кои одлучуваа некомпетентно за судбината на државата и народот. Голем број од нив немаа абер во која институција се вработени, па не доаѓаа на работа, а земаа плата.

Со ваквиот модус операнди, фатално се разнебити имунолошкиот систем на државата, која фактички се трансформира во територија. „Зеленото светло“ за корупција стана sвезда водилка и единствен мотив за битисување.

ОПЕРИРАНИ ОД СРАМ И АРАМ

Државната комисија за антикорупција, од своето постоење до денес не спречи ниту една корупција.

Македонските политикантски глодари, за привилегии и пари, го уништуваа националниот супстрат со промена на знамето, прекрстување на името на државата и продажба на идентитетот. Потпишаа и договор со кој се реактуализира т.н. „Македонско прашање“, со кој националната историја ја вратија на крајот од 19 и почетокот на 20 век.

Постепено, но сигурно се креираше зачаурен и придушен систем, во кој формално има закони и Устав, ама како да нема. Систем што глуми европејство, а останува на стари тертипи. Опериран од срам и арам. Прав беше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во едно скорешно интервју, констатира дека „немаме држава што се грижи за своите граѓани“.

Заспан рајатински народ, кој одбива да се разбуди од слатката дремка. Сака да живее во лаги, а светогледот го гради на ветувања и илузии. Моќта ја црпе од клиентелизмот и вредносните фолк критериуми со познатите мак-евергрини: „Така било пишано“, „Јас ли ќе ја оправам државата“, „Молчењето е злато“, „Свој леб јади, туѓо гајле не бери“ и „Кротко јагне од две мајки цица“.

Растурена и ограбена држава, која пред шест години формално-правно престана да постои. Самонаречени „државотворци“, бандити што лажат, па сушат и неродено дете од мајка ќе украдат, ја егзекутираа и конвертираа во неасална Северна.

Легализирана дива градба. Апсурдистан!

Поврзани новости