Апсолутно не се согласувам со анти-ЕУ и анти-НАТО пораките на Додик, не очекував дека ќе ја злоупотреби Светосавската академија за политички пораки, вели Мицкоски

by Fokus

Премиерот Христијан Мицкоски не очекувал дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик ќе ја злоупотреби свечената Светосавска академија, која се одржа во Скопје по повод празникот на српската заедница во државава – Свети Сава, за да испрати анти-ЕУ и анти-НАТО пораки. Додик во својот говор го негираше и геноцидот во Сребреница.

„Во делот на содржината на говорот кој се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично категорично го отфрлам и апсолутно не се согласувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека тоа е Свечена Академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки.

Додик ја спореди војната во Украина со ситуацијата во Босна и Херцеговина и рече дека Русија на чело со Владимир Путин прави сè што е можно за да го заштити руското малцинство во Украина и тоа во вистински момент и време, притоа велејќи дека жали што сепак мора да има настрадани во конфликтот, но оти Русија не смеела да дозволи НАТО да се постави во близина на Москва.

Во однос на Европската Унија, Додик кажа дека иако тоа е стратешка цел за Србија, таа е лицемерна, што докажала токму со примерот на Македонија.

Поврзани новости