Апсење во Тиквешијата, позната е причината

by fokus

Полициски службеници во текот на вчерашниот ден, по насока од Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, изврши претрес на осум локации во Кавадарци и Неготино, при што уапсени се 12 лица кои се занимавале со продажба на наркотични дроги.

Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на март, оваа година Н.Н.(30) од Кавадарци организирал криминална група на препродавачи на марихуана и кокаин на подрачјето на Кавадарци и Неготино, при што тој ја набавувал наркотичната дрога, ја препакувал и организирал мрежа за продажба.

На 29 март оваа година, во утринските часови извршен е претрес во домот на Ж.С.(33) во село Ваташа при што биле пронајдени 39 куршуми за автоматска пушка, пакувања со марихуана, кокаин и вага, а при претрес во објект надвор од селото, сопственост на неговите родители, пронајден е куфер со пет големи пакувања со марихуана. На самото место се затекнати Ј.Т.(27) од Кавадарци и Л.И.(25) од Неготино, кои по инструкции на Н.Н. требало дрогата скриена во објектот да ја подигнат и скријат на друго место, соопшти МВР.

Во непосредна близина на објектот запрено е и патничко возило „Ауди А6“, со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од В.Ј.(48) од Кавадарци, во кое како совозач бил Н.Н., кои имале задача да вршат обезбедување на местото. По лишување на сите 12 инволвирани лица, се извршиле претреси и кај Р.Н.(22) и С.А.(24), во Неготино, како и кај В.Д.(31) и А.С.(25) во Кавадарци, при што се пронајдени пакувања со кокаин, ваги и опиум и дополнителни докази за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.

Од МВР додаваат дека при претресите се запленети и четири возила, а по извршеното вештачење на пронајдената дрога утврдено е дека станува збор за марихуана со тежина од над шест килограми, вкупна вредност од 15.000 евра и во текот на денот ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава по член 215 став 3 и член 396 од Кривичниот законик.

Поврзани новости