Апсење во скопски трговски центар: Полицијата фати „во мрежа“ двајца изнудувачи, третиот избега

by fokus
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Изнуда. На двете лица им е одредена мерка притвор. Осомничените, дејствувајќи во група заедно со уште едно лице кое е во бегство, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и со сериозна закана по живот на оштетеното лице, се обиделе да го присилат да им даде 10.000 евра.

-Тие во повеќе наврати го контактирале оштетениот и му барале пари, а откако тој ги одбил започнале агресивно да се однесуваат и да му се закануваат по неговиот и животот на неговото семејство. По ова, оштетениот на 14 декември 2018 година се согласил да се сретне со нив во еден трговски центар во Скопје и да им ги даде бараните пари, но настанот го пријавил во полиција, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на РМ.

Откако оштетениот се сретнал со осомничените, тие се обиделе насила да го однесат од договореното место, но во намерата ги спречиле полициски службеници, по што осомничените се дале во бегство. Во близина на лице место биле приведени двајца од нив.

-Тројцата осомничени веќе подолго време биле организирани во група со намера да му наштетат на оштетениот и во повеќе наврати му се обраќале на различни начини со цел да му изнудат средства. Овие околности укажуваат на стравот дека осомничените, доколку се на слобода, ќе го повторат кривичното дело. Освен ова, постои опасност тие да му влијаат на оштетениот или да се дадат во бегство, со што ќе ја попречат кривичната постапка. Од овие причини, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените, се појаснува во соопштението.

Поврзани новости