Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи против 12 лица, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, врз основа на расположливите докази донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело „Злосторничко здружување“ и како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Примање поткуп“, додека останатите пријавени лица осомничени дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ се опфатени во скратена постапка.
По повеќемесечна предистражна постапка, врз основа на сознанија дека на ГП Табановце група полициски службеници на организиран начин извршуваат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи, под раководство на предметниот јавен обвинител беше спроведена полициска акција. Во акцијата, се извршени претреси на 27 полициски службеници, како и претреси во службените простории на ГП Табановце и домовите на дел од пријавените и притоа се приведени 9 полициски службеници.
Во почетокот на 2020 година, осомничените – командир на ПС за гранични проверки, двајца виши полицајци во истата ПС и еден полициски службеник, опфатени во Наредбата за истражна постапка, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, создале група со цел да вршат кривични дела Примање поткуп од чл. 357 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл 353 од КЗ за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.
Првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата.
Тројцата како полициски службенци кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10 ,20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат – да пропуштат возила што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ.
Така, од почетокот на 2020 година сѐ до 25.12.2022 година во повеќе наврати примиле поткуп, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра.
На 25 декември при спроведените претреси кај осомничените се пронајдени предмети, подароци и поголема сума на пари за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од извршените кривични дела за кои се осомничени. Па така, кај четвртоосомничениот пронајдени се 15.795 евра во банкноти во апоени од по 5 евра, 10 евра и 20 евра и 30 швајцарски франци, додека кај првоосомничениот се пронајдени 210.000,00 денари во апоени од по 1.000 и 2.000 денари.
Воедно, во зградата на ГП Табановце во просторијата – кујна во метален сад сместен во висечки орман пронајдени се 420 евра и 20 франци што осомничените ги сокриле како пари примени тој ден како поткуп.
Во текот на вчерашниот ден предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изрекување на мерката притвор за четворицата осомничени, додека за петмина за кои се води скратена постапка предложи мерки за обезбедување на присуство.