Апсења на собирите за смртта на Навални – непознати лица ги отстранувале цвеќињата

by fokus

Околу 100 лица се уапсени за време на неколку собири во Русија во спомен на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој вчера почина во затвор, објави невладината организација ОВД-Инфо.

Според податоците објавени утринава на порталот на организацијата која ја следи политичката репресија во Русија, „повеќе од 101 лице се уапсени во десет градови“ главно во големите урбани центри.

Најголемиот број, околу 60 од нив, се приведени во Санкт Петербург, околу 15 во Нижни Новгород и десетина во Москва.

Лидерот на опозицијата Алексеј Навални, главниот противник на претседателот Владимир Путин, почина во петокот во руски затвор на Арктикот каде издржуваше 19-годишна затворска казна.

Од петокот попладне властите на Москва, главниот град на Русија, ги предупредија граѓаните дека не се одобрени никакви манифестации, по најавата за смртта на опозиционерите.

Меѓутоа, во текот на вечерта луѓето чекаа во редици за да положат цвеќе во неколку руски градови на спомениците во спомен на политичките неистомисленици, а веќе беше објавено дека има апсења.

Цвеќињата кои беа положени за Навални беа отстранети во текот на ноќта од групи непознати лица додека полицијата мирно гледаше, според видео снимките објавени на руските социјални мрежи, пренесува агенцијата АП.

Полицијата денеска го блокираше пристапот до споменикот во Новосибирск, а приведе неколку лица, пренесе ОВД-Инфо.

Видеата и сликите споделени на социјалните мрежи покажаа положување цвеќе пред спомениците на жртвите на репресијата од советската ера, што се случи низ цела Русија.

Во Москва, група отстрани цвеќе од споменик во близина на седиштето на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) додека полицијата гледаше, покажува видеото. Но, утрово цвеќињата повторно се појавија.

Во Русија секоја јавна критика на владата се казнува со затвор.

Алексеј Навални (47) беше осуден на 19-годишна затворска казна за „екстремизам“ во казнена колонија на Арктикот, која се смета за најстрог затвор во Русија, каде што се праќаат само оние кои се осудени за најтешки кривични дела.

Неговата смрт, по труењето за кое го обвини Кремљ и по три години поминати во затвор, ја лишува веќе избледената опозиција од водечка фигура, еден месец пред претседателските избори, кои се очекува повторно да ја консолидираат моќта на Владимир Путин.

Поврзани новости