Бизнисменот Орце Камчев не се појави на денешната јавна седница во Апелациониот суд, а на која се одлучува дали ќе му биде вратен пасошот, кој му беше одземен како осомничен во случајот “Империја”.
Бизнисменот понудил гаранција од 3 милиони евра, откако Кривичниот суд претходно му ја одби поднесената гаранција од 2,2 милиони евра. Според судијката на претходна постапка гаранцијата не била доволна, бидејќи нанесената штета во случајот “Империја” била над 14 милиони евра, а понудената гаранција се однесувала на имот на “Кара”, која претходно го носела името “Орка”, а истата компанија е дел од истрагата.
Адвокатот на бизнисменот, Антонио Апостолски, оспори дека судијката на претходна постапка Весна Димишкова не смеела да постапува по барањето за гаранцијата, бидејќи во тој период поднеле барање за нејзино изземање, кое подоцна беше одбиено.
Адвокатот додаде и дека понудената гаранција е доволна за враќање на патна исправа, бидејќи тука не станува збор за мерката притвор.
-Со времениот пасош осомничениот неколку пати бил во странство и се враќал, што го демантира тврдењето на обвинителството дека би се дал во бегство, рече Апостолски.
Тој истакна дека штетата во истрагата за “Империја” е паушална, бидејќи не било направено вештачење.
-Истрагата е до никаде. Обвинителството имаше година и три месеци да направи вештачење за наводната направена штета, но тоа не е сторено, рече Апостолски.
В.В.