Апостолска: „Теламон“ е одличен пример кој испраќа силна мотивација и за следни странски инвестиции

by fokus

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денеска ја посети американската компанија „Теламон“, која минатата година ја започна својата инвестиција во општина Гази Баба, каде отвори фабрика за производство на кабли наменети за автомобилската индустрија.

Апостолска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, била информирана од менаџментот на компанијата дека реализацијата на инвестицијата се одвива според бизнис планот согласно кој почетната инвестиција била четири милиони евра и 300 работни места, а проекциите за развој се достигнување на инвестицијата од 11 милиони евра и отворање на 600 работни места.

Министерката Апостолска изразила задоволство од тековното работење на компанијата и од напредокот на реализацијата на инвестицијата и порачала дека Владата е одлучна и посветена во реализацијата на економските политики со кои се создава подобра и атрактивна бизнис клима

– Инвестицијата на „Теламон“ носи реални продобивки за нашата економија, отвори нови работни места, овозможува пристап до напредни знаења и технологии, дава позитивен импакт на извозот, на растот на БДП. „Теламон“ е одличен пример кој испраќа силна мотивација и за следни странски директни инвестиции во Северна Македонија, успешна компанија која покажува дека се движиме во правец на создавање на силна економија со еднакви и стимулативни шанси за сите компании, истакнала Апостолска на средбата со менаџментот.

Компанијата „Телaмон“ е со седиште во Кармел, во американската држава Индијана, а е присутна во Мексико и Кина. Северна Македонија е првата земја во која инвестира во Европа и гради фабрика за опслужување на европскиот пазар.

Поврзани новости