Апостоловски: Да ги подучиме младите што значи да си Македонец, а Андреа да ја поддржиме!

by Fokus

Виктор Апостоловски, поп пејачот на кого народот му даде најголем број на гласови на домашниот избор на песна за Евровизија, а сепак поради правилата на МРТ не беше избран да ја претставува Македонија на настанот, за ,,Фокус” раскажа кои се неговите размислувања по повод настаните со Андреа Коевска.

Скандалот кој се случи со фрлањето на македонското знаме на земја, а кој е уште еден во низата, кога е Евровизија во прашање, е причина поради која денес од МРТ соопштија дека размислуваат од наредната година Македонија да не учествува на светски популарната музичка манифестација.

Според Виктор, кој за поголемиот дел од јавноста е моралниот победник, и кој наместо Андреа требаше да се најде на сцената во Торино, темата веќе треба да се затвори.

Вели дека нема што повеќе да се коментира, затоа што сепак Андреа е избраниот македонски претставник, но во иднина треба да се подучат младите што значи да си Македонец.

-Дека беше грешка – беше! Дека беше ненамерно – сигурен сум! Бидејќи никој не би сакал уште на старт на кариера со еден потег да го сврти цел народ против себе! Деновиве се изначитав секакви коментари, дури и такви кои ги поминуваа сите човечки граници… Го разбирам револтот на народот, ама мислам дека доста беше судење! Јасно е дека во иднина треба да има промени и мора да поработиме како нација на негување на нашето и да ги подучиме младите што значи да си Македонец! И мислам дека треба да почнеме од тука, бидејќи сакале или не, Андреа е нашиот избран претставник и време е да дадеме поддршка!- ни изјави Апостоловски.

Како потсетување, за време на домашниот избор тој освои над 12.000 гласови од народот, додека Андреа освои 4.300 гласови. Уште тогаш јавноста реагираше дека не е испочитувана волјата на народот, и како на Виктор неправедно му беше ускратено учеството на Евровизија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости