Апостолов за „Фокус“: Дали соодветно стручен кадар ги лекува болните од ковид?

by Fokus

„Јас ќе тргнам со она исконското: ,,Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравствените работници.” Вака две години по ковид пандемијата во изјава за „Фокус“претседателот на Здружение на медицински лаборанти , Ивица Апостолов алармира за сите проблеми во здравствениот систем, а кои до некаде доведоа и до алармантната бројка од над 9.000 починати од ковид. 

„Првиот дел е околу улогата на здравствените работници, вториот дел е совесноста и одговорноста на секој еден граѓанин, а третата е политичката одговорност, односно дали креаторите на здравствената политика кај нас имаат правилна доктрина, а можеби и погрешна перцепција за тоа што се случува со ковидот кај нас“, истакна Апостолов. 

Тој еден по еден ги лоцира проблемите со кои години наназад се соочува македонскиот здравствен систем,  што очигледно најмногу до израз дојде за време на корона кризата.

„Сите треба да се запрашаме каде се наоѓаме во моментов како држава? Дали имаме доволно медицински персонал? Дали имаме соодветно стручно обучен медицински персонал? Дали децениското заборавеност и невложувањето во здравството не донесе до ова дереџе? Дали медицинскиот персонал е доволно мотивиран? Дали платите на здравствените работници се на ниво кое треба да го имаат? Одговорите се НЕ!

 

Дали можеби треба да се направат законски измени за да здравствените работници добијат бенефициран работен стаж? Одговорот е ДА! Дали треба повеќе да се разговара на овие теми? Одговорот е ДА!“, тврди во изјава за „Фокус“, Апостолов.

МОРА ДА СЕ ЗНАЕ КАКОВ ПРОФИЛ НА ЛЕКАРИ ЛЕКУВААТ КОВИД ПАЦИЕНТИ

Според него, редно време е да се изградат здравствени капацитети, кои ќе ја подигнат довербата помеѓу пациентите и здравствениот работник, затоа што секој оној кој што одвојува средства како доприноси за здравствена заштита и осигурување, тој има право таа заштита да ја добие на начин како што заслужува, а не да доживува голготи со секое доаѓање на лекар, без оглед дали се работи за примарно ниво или терциерно здравство.  

„Компликациите од инфективната болест и потребата за хоспитализација на пациентите од ковид се тесно поврзани со ова што го наведов, но и поради ненавременото и неадекватното лекување во домашни услови, а кај хоспитализираните болни поради недостаток на медицински кадар и соодветни протоколи за лекување, вели Апостолов и додава дека многу голем проблем е незапазувањето на стандардите на бројот на вработените во Ковид центрите,.

„За тоа постојат бројки и критериуми колку и каков профил се потребни на медицински кадар и помошно технички персонал за секоја болница, за секоја единица на интензивна нега или на респираторен оддел за анестезија, реанимација и интензивно лекување, и тука не смее да има компромис по однос на бројките на персоналот кој мора постојано да се надополнува, надоградува и соодветно да се обучува со тренинзи и пракса“, додава претседателот на Здружението. 

ГРЕШКА ДО ГРЕШКА ВО ЛЕКУВАЊЕТО ПРОТИВ КОВИД

Исто така, според Апостолов,  луѓето кои биле поставени на местото за Ковид координатори и кои требало да ја превземат улогата на соодветно и навремено заменување на медицинскиот и другиот персонал, не си ја завршиле работата како што треба. 

„Беа само празен лист хартија, вистинска ‘tabula rasa’ и само го продлабочија ,,спорот” помеѓу рационалистите и емпиристите со тоа како да се настапи во борбата против ковидот“, додава Апостолов.

 Тој ги критикува и донесените мерки во изминатиот период, кои според него биле погрешни и  медицински неиздржани.

„Некои мерки кои се применуваа беа дури на границата на разумно размислување и ние како здравствени работници тоа треба да го признаеме и јавно да го кажеме, а отпорот на кој се наиде од страна на населението и граѓаните е одговор на таквите неразумни мерки и здравствени политики, а тоа никако не смееме како здравствени работници и професионалци да го користиме за да ги осудуваме граѓаните. 

 

Сакам да потсетам на неколку иницијативи на мои уважени и почитувани професори, на кои заедно со нив и неколкумина од нас од здравствената фела, јавно укажувавме уште во почетокот на пандемијата, едната во рационализацијата на употребата на лековите и лабораториските испитувања, како и во импактот на лабораториската улога во иницијативата за рационализација на дијагностиката, заедно со биохемиските и имунолошките испитувања.

 

На жалост, не наидовме на разбирање кај надлежните, па моравме преку социјалните мрежи и медиумите да делуваме“, тврди претседателот на Здружението на медицински лаборанти. 

Досега во земјата се направени вкупно 1.930.788 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 302.548, бројот на оздравени пациенти е 291.431, на починати е 9.162, а бројот на активни случаи изнесува 1.955.

Ирена Мулачка

Поврзани новости