Со свој став околу формирањето на 10 пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието излезе и Алијансата за позитивна Македонија.
Тие сметаат дека членот 33 став 2 од Деловникот за работа на Собрание, кој гласи „пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или повеќе политички партии“, не дава можност од една партија да се формираат повеќе пратенички групи.
„Поучени од воспоставената практика што го наметна претседателот Иванов пред доделувањето на мандатот за премиер на Зоран Заев, АПМ апелира до претседателот на Собранието Талат Џафери, да не прифати создавање на повеќе од една пратеничка група на пратеници од ВМРО-ДПНМЕ и коалицијата, се додека најмалку 5 пратеника не достават гаранции дека повеќе не се членови на таа партија или коалиција предводена од ВМРО-ДПНМЕ, како и програма за нивно делување. При тоа да побара и писмени гаранции од ВМРО-ДПМНЕ дека секој одметнат пратеник, нема никакви обврски кон ВМРО-ДПНМЕ и коалицијата, имајќи во предвид дека во минатото на пратениците им биле побарани меници или други инструменти за гаранции на лојалност – се вели во соопштението од Алијансата за позитивна Македонија.
Според нив, со ваков пристап ќе се сочува угледот на Собранието, ќе се пресретне тенденцијата за блокирање на работата на Собранието, како и достоинството на секој пратеник или група пратеници што се одметнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и сакаат да делува самостојно како самостојна пратеничка група.