По трет пат се одложи судењето против лекарот Жан Митрев и неговата клиника на барање на одбраната. Одбраната денеска побара одложување на судењето поради тоа што не им биле доставени сите докази од листата на докази од јавното обвинителство и побара дополнителен рок од 20 работни денови за да извршат увид во доказите и 10 работни денови за подготвување на одбраната.
– Одбраната мора да ги добие сите докази што се наоѓаат на листата на Јавното обвинителство, во иста форма како што ги доставил јавниот обвинител, побара еден од бранителите, дополнувајќи дека одбраната бара да ѝ се овозможи, како што рече, „елементарното право за подготовка на одбраната со одложување на ова рочиште“.
По долга дискусија, јавниот обвинител не го оспори барањето, а судот го прифати барањето и следното рочиште го насрочи за 13 јуни.
Провото рочиште за овој предмет беше закажано за 28 февруари, но, се одложи поради тоа што обвинетиот ангажирал нови бранители. Потоа, рочиштето беше насрочено за 5 април, кога повторно не се одржа, а причина беше тоа што одбраната, како што посочија своевремено, „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои сѐ уште се во Апелација“.
-Се надевам дека наредното конечно ќе почнеме, за да се соочиме во судница, каде единствено може да ги изнесеме фактите и доказите. Веројатно е страв од доказите овој обид за одбегнување на почнување на расправата, изјави обвинителката што го води овој случај Искра Хаџи- Василева.
Адвокатот на Митрев, Никола Додевски пак чекаше да заврши аплаузот за Митрев кој му го дадоа група граѓани кои денеска дошле да му дадат поддршка на лекарот.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.