Со аплауз, но и извикувања „уаа“, мандатарот Зоран Заев, го заврши своето обраќање од собраниската говорница, од каде што ја презентираше владината програма.
„Се обврзувам дека како премиер заедно со министрите, заедно со граѓаните, ќе покажеме уште еднаш дека можеме повеќе, дека можеме подобро“, со овие зборови мандатарот Зоран Заев го започна експозето за новата владина програма пред новиот состав на Собранието каде денеска почна дискусијата за гласање и на новата Влада.
Тој најави една милијарда евра странски инвестиции и намалување на стапката на невработеност по кризата по 3 проценти годишно со конечна цел едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот. Најави исто така реформа на јавната администрација, изградба на 260 километри државни патишта, доизградба на железниците, одособено на Коридорот 8.
„Доаѓа време на ред правда и дисциплина, време на почитувње на правосудството и неселективно владеење на правото“, ја најави Заев реформата на судството, оценувајќи дека првиот чекор веќе е направен со проверката на имотот на судиите од страна на ДКСК.
За договорите со Грција и Бугарија рече дека овозможиле членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ и посветено ќе продолжат да работат на нивно остварување.
„Имаше моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест. Покажавме дека можеме да живееме заедно. Тоа се европските вредности на кои граѓаните на РСМ се искрено посветени“, оцени мандатарот.
Тој најави амбициозна временска рамка за отворање и затворање на преговарачката поглавја со ЕУ и најави дека ќе ги охрабри домашните компании да улествуваат на пазарот на тендери на НАТО кој вреди 4 милијарди.
Според него, епидемијата со корона вирусот ќе се влоши наредните месеци и затоа се подготвуваат нови пакети и економски мерки, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат заштитните протоколи. Притоа најави нови инвестиции во здравството и дека со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги подноват сите одделенија за интензивна нега во земјата.
„Апсолутно нема место за стоење на страна. секој од нас треба да се вклучи во остварување на оваа програма“, порача Заев.
Околу загадувањето тој рече дека нема да има никаков компромис. Ќе се зголемуваат казните за тие што ќе ја загадуваат нашата заедничка животна средина, за да има гаранција дека тоа што ќе го исчистиме денес, утре нема повторно да го загадиме.
„Ова ќе биде мала ефикасна влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните“, порача Заев, по што ги претстави кандидатите за министри и вицепремиери.