Повод за нашата реакција е најавата на политичката партија Алијанса за Албанците за поднесување предлог измени на Законот за игри на среќа и забавни игри. Согласно најавеното од претседателот на партијата, г-динот Зијадин Села предлог измените би предвидувале игрите на среќа исклучиво да се одвиваат во луксузни хотели со пет ѕвезди.
Дали во партијата Алијанса на Албанците некој знае дека во Северна Македонија всушност нема хотел со пет ѕвезди, а за да се адаптира некој постоечки или да се изгради нов таков хотел треба огромна инвестиција? Дали се свесни дека нивниот предлог, како и предлогот за дистанцирање на објектите за игри на среќа на 500 метри од образовни институции, се предлози за целосно затворање на конкретната индустрија?
Во услови на растечка економска криза како последица на застрашувачките глобални предизвици, сметаме дека е неодговорно да се затвори еден цел економски сектор и најмалку 10 илјади луѓе да останат без работа. Државата ќе изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи годишно. Се затвора 100% законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци.
Земајќи го ова во предвид, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС ги упатува следните пораки до сите пратеници, без разлика на нивната политичката и етничка припадност.
Прво, не потпаѓајте на црната кампања која ја води неформалната организација „Антикоцкање“ од Тетово. Тие никогаш нема да преземат одговорност за штетните последици кои ќе следат доколку законските измени стапат на сила. Уште повеќе затоа што освен притисок врз политичките партии се прави обид суптилно да се инволвираат и верските заедници. Тоа е апсолутно недозволиво и претставува злоупотреба на верските чувства на граѓаните за оцрнување на секој кој има допирна точка со игрите на среќа.
Второ, погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени.
Трето, ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 000 до 100 000 работни места во земјата и ред е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години на ист начин како и другите странски инвеститори.
Конечно, постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми.
Клучното прашање е ако во цела ЕУ и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?
АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА – АПИС