Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС не е политичка партија и нема да падне во замката која ја сервира дневно – политичкиот ринг. Сепак, земајќи предвид дека пресметката на Алијансата на Албанците според која приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија наводно остварувале профит од 1 милијарда евра годишно е последица на целосно непознавање на економскиот сектор, а можеби и на свесно смислена манипулација, должни сме истата да ја демантираме и да ја запознаеме јавноста со фактите.
Како државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа? Еве ги фактите во кумулативен износ:
• Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет.
• Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата.
• Приредувачите на игри на среќа како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15% данок на истата.
• Приредувачите на игри на среќа плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7), за 10 илјади вработени.
• Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од секторот игри на среќа.
• Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото.
Да резимираме, кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис. Односно, 1 милијарда профит од игри на среќа во Северна Македонија е нереално да се замисли, а камоли да се реализира!
Оттука, предлозите за затворање на индустријата за игри на среќа несомнено значи дека тој што предлага треба да преземе и сериозна одговорност што 10 илјади луѓе ќе ги изгубат своите работни места, државата ќе остане без 280 милиони евра годишен приход и ќе се отворат играчници во подруми, на црно, без државна контрола, како децении наназад.
Апелираме до политичката партија Алијанса на Албанците пред да најавува предлог измени на законот за игри на среќа и забавни игри добро да го проучи овој сериозен економски сектор и да се запознае со начинот на кој што е регулиран.
Во меѓувреме, се уште очекуваме одговор на прашањето, ако во цела Европска Унија и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?