Земајќи предвид дека повторно станува актуелно прашањето за изработка на ново законско решение за игри на среќа, сметаме дека е неопходно да апелираме до Министерството за финансии и Владата да не ја повторува грешката на претходниците. Сметаме дека учеството на стручни претставници на асоцијациите и здружението на вработени во еден инклузивен процес за изработка на соодветни законски решенија за игрите на среќа, ќе донесе квалитет плус во регулацијата на овој економски сектор, кој вкупно гледано е најголем приватен работодавец во Македонија.
Со самиот факт што во објектите на сите категории игри на среќа се вработени речиси 10 илјади луѓе, а индиректно се засегнати најмалку 23 илјади граѓани, кои токму преку овие работни места обезбедуваат егзистенција, дополнително оваа дејност индиректно поддржува и помага речиси 54 илјади работни места, а целиот економски сектор придонесува во годишниот државен Буџет финансиски средства во износ од околу 280 милиони евра, сметаме дека сме значаен дел од домашната економија чие стручно мислење, професионално и деловно искуство треба да се слушне, особено при изработка на законски измени кои може да предизвикаат драматични финансиски импликации.
Свесни сме дека Владата, Собранието, политичките партии, па дури и закуподавците на објектите и играчите се под постојан притисок на негативна кампања која се води против сите видови игри на среќа, создавајќи перцепција во јавноста дека овој економски сектор е сигурна закана за младите и затоа треба да се затвори. Како Асоцијација со особено внимание и целосна почит за интересот на јавноста за оваа тема, ги проследуваме сите информациите кои се изнесуваат, но уверуваме и потенцираме дека истите не се одраз на фактичката состојба. Ја разбираме загриженоста на јавноста дека спортските обложувалници, видео лотаријата, автомат клубовите и казината можат да ги заведуваат младите, но пред да се изнесува конечен став и да се критикува треба да се запознаат околностите. Ние сме претставници на реномирани светски компании, затоа кај нас одамна е задолжително да се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ. Во нашите објекти влегуваат најмногу 3 проценти од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Кај нас многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле, најчесто на запад и тука си ја пробуваат среќата. Дури, во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање на секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа, може веднаш да го контактира за стручна помош. Во ниту еден објект, не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Не постои ниту еден записник на надлежните институции каде во објектите кои се под надлежност на членките на АПИС се затечени малолетници.
Правните тимови кои ние ги формиравме уште во 2020 година до законодавниот дом доставија предлози – амандмани за подобрување на тогаш предложениот законски текст за измени на Законот за игри на среќа и забавни игри. Тоа е најдобра потврда дека ниту еден чинител во оваа дејност не бега од дополнителна регулација. Како една од најстрого регулираните професии во земјата, се уживаат сите права од работниот однос, се плаќаат и прекувремени часови и работа на празници. Се е целосно законски! За жал, претходно немаше вистинска волја да се влезе во суштинска расправа за придобивките од имплементацијата на нашите предлози.
Сметаме дека државата треба да ги предвиди сите потенцијални ризици и последици од одредено законско решение. Компаративната пракса упатува дека секое избрзано и ригидно решение ќе стимулира создавање предуслови за отворање „диви“ играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции, каде младите ќе бидат далеку повеќе загрозени, а државниот буџет со намалени приходи.
Затоа, бараме од сите надлежни државни институции пред да ја носат одлуката како ќе интервенираат во законот за игрите на среќа, да ни дозволат со нашите предлози, мислења и лично искуство да влијаеме на носење поквалитетно решение со целосен опфат и државна контрола на сите видови игри на среќа.