АПИС: Мнозинството пратеници ќе гласаат за игри на среќа на црно!

by Fokus

Вчера после 14 часот, без да биде известена јавноста, за истиот ден во 15 часот беше експресно закажана и одржана 106-та Cобраниска седница, на чиј дневен ред во прво читање се противуставните и скандалозни измени на Законот за игри на среќа и забавни игри со ЕУ знаме. Во дискусијата се јавија само тројца опозициски пратеници и со тоа истата беше исцрпена. Гласањето беше одложено заради немање кворум.

Да резимираме:

• Мнозинството пратеници се решени да ги донесат овие законски измени по секоја цена, без разлика на штетните последици. Притоа, воопшто не им грижа што сериозни забелешки за злоупотребата на ЕУ знамето упати и Евроамбасадорот Дејвид Гир и истите се нотирани во последниот Европски Извештај од Европската Комисија.
• Истовремено, мнозинството пратеници со овој “мижи-бутај” пристап во законодавниот дом без грижа на совест им порачува на 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства што ќе останат без работа, да си резервираат билет во еден правец и егзистенцијата да си ја бараат со иселување во западните земји.
• Мнозинството пратеници покажува целосна неукост со бранењето на дистанцата од 500 метри на објектите за игри на среќа од образовните институции, бидејќи истата е неизводлива на терен и тоа неминовно ќе предизвика целосно затворање на економскиот сектор.
• Мнозинството пратеници треба да и соопшти на јавноста дека свесно и со умисла се откажува од 280 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. Колку за илустрација, тоа е повеќе од 5 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2024 година.
• Мнозинството пратеници треба да биде искрено и да не крие дека со гласањето на овие противуставни и скандалозни законски измени отворено застанува и дава поддршка на игрите на среќа на црно, кои ќе се одвиваат во подруми, без контрола на државата, каде младината навистина ќе биде загрозена. Доволно е да се потсетат на аферата “Детонатор” од 2011 кога беа запленети 1500 покер апарати поставени на црно.

Длабоко жалиме што Северна Македонија станува општество полно со апсурди. Во исто време кога Владата преку Државна Лотарија ја промовира платформата “Мегавин” за организирање онлајн игри на среќа, кои преку интернетот се достапни на буквално секој мобилен и статичен уред, да се тврди дека дистанцирањето на легалните објекти за игри на среќа се воведува за да се заштитат учениците е чист популизам и груба предизборна манипулација. Ние сме сигурни дека тоа на што предупредуваме ќе се случи. Не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажа од четиригодишната забрана за игри на среќа заради отворање на диви играчници и удар врз нивната економија. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање на игри на црно.

Кога веќе институциите немаат слух за забелешките на асоцијациите, здружението на вработени и апелот на сериозните странски инвеститори во секторот игри на среќа, тогаш ние немаме друг избор освен да се служиме со сите демократски форми на делување со кои ќе им покажеме на извршната и законодавната власт дека грешат. Наша обврска е да ги заштитиме нашите вработени и нивното уставно загарантирано право на работен однос.

До крај ќе се бориме против законски решенија кои ќе предизвикаат силни општествени потреси и ќе креираат хаос во еден многу чувствителен економски сектор. Прашањето е кој ќе ја понесе одговорноста за тоа што следи. Очигледно пратениците не се свесни во што влегуваат и што реално ќе се случи после изгласувањето на овие законски измени.

АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА – АПИС

 

Поврзани новости