Апелите за помош на девојчето од Трновац вродија со плод: Билјана заминува на интервенција во понеделник

by fokus

Малата Билјана Пешевска од кратовското село Трновац во понеделник заминува на операција. Станува збор за отстранување односно демонтажа на катетар, кој и бил вграден во времето кога примала хемотерапија.

Приказната за Билјана, чиј татко Даниел денес преку медиумите апелираше за помош, односно за сума од 60.000 денари, која што му била потребна за да се извади катетарот во клиниката Систина, допре до целата земја.
Јавноста реагираше како може за сума од 1.000 евра, потребна за лекување на дете од сиромашно семејство да не се реагира и да не се помогне.Сепак, помошта се понудила набргу по апелите и објавените текстови за Билјана.

-Катетерот го вградивме пред повеќе месеци, и тоа во приватната клиника Систина, затоа што на државните клиники немаа лекар кој ќе ја изведеше потребната операција. За тоа плативме 60.000 денари, пари собрани од хуманите граѓани, за што сме многу благодарни. Сега, кога дојде време да се извади катетерот, од Детска клиника ни велат да одиме да го вадиме таму кај што сме го вградиле, како да ние сами сакавме да биде тоа во Систина. Проблем е што немаме 60.000 денари за потребните снимки и демонтажа на катетерот, колку што ни побараа од Систина – апелираше Даниел Пешевски.

Тој е самохран родител кој живее со Билјана и нејзиното братче во две мали сопчиња, со социјална помош од околу 2.500 денари, па сумата потребна за интервенцијата единствено можел да ја собере со донации.
Но, веднаш по објавата на неговиот апел, неговиот телефон започнал да ѕвони. Како што ни раскажа, среќен е што помошта му била понудена веднаш, и се надева дека целиот зафат ќе помине во најдобар ред.

-Набргу по објавата на веста дека ни е потребна парична помош, ми се јавија од клиниката Систина. Докторот Караѓозов ни кажа да дојдеме во понеделник и како тој ќе ја изведе демонтажата. Ни се јавија и од министерството за здравство, веднаш ни понудија помош. Исто така, добив повик и од доктор Жан Митрев, кој се понуди да го отстрани катетарот. На сите сум им бескрајно благодарен. Во понеделник заминуваме во Скопје кај доктор Караѓозов, бидејќи тој и го постави катетарот на Билјана. Не чека долг пат, таа е оперирана од тумор на малиот мозок, имаме редовни контроли, снимања, потребни ни се средства за пат до Скопје и назад, за лекарства. На сите кои можат да ни помогнат, им се заблагодарувам – вели таткото.

Билјана беше оперирана пред повеќе од една година од медулобластом, односно малиген тумор на малиот мозок. И по операцијата таткото бараше средства, кои му биле потребни за продолжување на терапијата. Се работеше за радиотерапија и хемотерапија, а малото девојче тогаш пред камерите изјави дека сака да оздрави, замолувајќи ги хуманите граѓани да помогнат. Исто така, таа тогаш раскажа дека голема желба и е да добие и лап топ.

Поради лошата финансиска состојба, помош на семејството Пешевски сеуште му треба.
Сите кои се во можност да помогнат, можат да донираат на следните жиро сметки:

Даниел Пешевски Централно-кооперативна банка
Денарска сметка 320-5000266219-22
Девизна сметка ЕУР IBAN MK07 3205 4002 6635 209 SWIFT CECBMK22 CENTRAL COOPERATIVE BANK AD SKOPJE
Девизна сметка УСД IBAN MK07 3205 1002 6635 162 SWIFT CECBMK22 CENTRAL COOPERATIVE BANK AD SKOPJE

Вики Клинчарова

Поврзани новости