Апелација за 4 години му ја намали казната на Боки 13 за „Рекет“

by fokus

Апелациониот суд за четири години му ја намали казната на Бојан Јовановски-Боки 13 за случајот „Рекет“, односно од девет на пет години затвор. Ваквата одлука следува по поднесено барање за преиначување на одлуката без повторување на постапката, од страна на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.

-Беше поднесен предлог за преиначување на правосилна пресуда без повторување на кривичната постапка согласно член 447 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, ни изјави адвокатот Туфегџиќ.

- Advertisements -

Јовановски, претходно од Кривичниот суд побара повторување на постапката, но судот го одби ваквото барање.

Во „Рекет“ беше осудена и екс специјалната обвинителка Катица Јанева и тоа на 7 години затвор. Боки 13 беше осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.

В.В.

Поврзани новости