Веќе петнаесетина дена Апелациониот суд се мисли дали да ја прифати понудената гаранција од екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со која бара да се брани од слобода или барем да биде во домашен притвор.
Жалбата до Апелација адвокатите на Јанева ја поднеле уште на 25 октомври, а од Апелациониот суд за „Фокус“ велат дека сѐ уште не одлучиле. Претходно Кривичниот суд ја одби понудената гаранција.
-Предлогот на обвинетата К.Ј. за укинување на мерката притвор определена со решение на судија на претходна постапка, а продолжена со решнија на кривичен совет, поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.1 од ЗКП, со прифаќање на гаранција или определување на мерки на претпазливост – СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.
Иако второстепениот суд нема рок за да одлучи по жалбата, сепак се очекува тоа да биде итно, бидејќи станува збор за притвор. Јанева како гаранција дека нема да избега ги нуди становите на своите деца, во вредност од 160.000 евра.
Јанева, заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милевски -Кичеец се обвинети во случајот „Рекет“, бидејќи наводно земале мито од 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев кој за возврат требало да се спаси од кривичен прогон за случајот „Империја“.
Наскоро обвинетите ќе седнат на обвинителна клупа, бидејќи обвинителниот акт неодамна беше оценет позитивно, по што се очекува и да биде закажан датум за главна расправа.
В.В.