Апелација со потврда на затворските казни за убијците на хрватскиот ракометар Денис Тот

by Fokus

Скопскиот Апелациски суд ја одби жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот како неоснована, па тој ќе треба да издржи казна затвор во траење од 18 години.

Само делумно се уважени жалбите на Клементина Лефковска и Андреј Костовски во досудениот износ на име нематеријална штета.

Инаку Клементина ќе издржи 18 години, а Костовски 16 години казна затвор.

Тројцата обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да и исплатат 4.000.000 денари.

Идентичен износ ќе треба да му исплатат и на И.Т., татко на починатиот ракометар, додека на неговиот брат Б.Т., треба да му исплатат 3.000.000 денари.

Денис Тот (27), кој настапуваше за македонскиот суперлигаш Бутел, почина на 8 април 2022 откако бил претепан пред ноќен клуб во Градски парк.

Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.

Поврзани новости