Апелација: Пресудата за „Титаник 2“ е целосно незаконита и неправилна!

by fokus

Апелациониот судија Сафет Кадрии денеска појасни дека до крајот на неделата судот ќе објави детално соопштение во врска со укинувањето на првостепената пресуда за случајот „Титаник 2“.

„Со оглед на големиот интерес на јавноста и бројните различни информации кои протекоа во текот на денешниот ден, Апелациониот суд Скопје го соопштува следното:

-По одржана јавна седница на ден 04.11.2019 година, Апелациониот суд Скопје, донесе одлука со која ги уважи жалбите на обвинетите, изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

Апелациониот суд Скопје при разгледување на пресудата констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Во таа насока жалбениот совет констатираше дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

Исто така, определените мерки на претпазливот изречени према обвинетите, судот одлучи да останат во сила.

Вака донесената одлука и причините за истата ќе бидат објавени во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, се наведува во соопштението на судот.

Поврзани новости