За смртта на 15-годишниот Иван Билински, кој во 2014 година беше прегазен и усмртен на пешачки премин кај Млечниот ресторан во Скопје, осудениот возач не одлежа ниту еден ден во затвор.
Апелација, откако претходно му ја намали казната на 2 години и шест месеци на обвинетиот Џенис Мекиќ, неодамна му го прифати и барањето за ново судење, кое доколку биде дозволено и од последниот судски филтер, Врховниот суд, ќе значи и автоматска слобода за Мекиќ, бидејќи делото е застарено во ноември, минатата година. Ваквата скандалозна ситуација се обидува да ја спаси Обвинителството кое поднесе жалба до Врховниот суд.
Мекиќ во 2017 година беше осуден на 2,5 години затвор, Апелација ја потврди казната, но Врховниот суд во 2019 ја поништува пресудата, поради пропусти во постапката. Одбраната цело време тврдеше дека друго возило, а не „туарегот“ на Мекиќ ја предизвикало сообраќајката.
На новото судење, Мекиќ не се појавуваше на рочиштата, беше недостапен за органите на прогонот. Во 2023 скопскиот Кривичен суд, во отсуство, го осуди на 4 години затвор, но Апелација мериторно одлучи да ну ја намали казната на 2,6 години, а Врховен ја потврди пресудата.
Сега пак, на барање од осудениот, Апелација му одобрува ново судење, кое доколку не биде запрено од Врховниот суд ќе значи и слобода за Мекиќ.
На оваа барање се противи Вишото скопско обвинителство, односно обвинителката Фатиме Фетаи која го добила предметот за работа.
„Имено, неспорно е дека осудениот во текот на постапката пред Основниот суд Скопје 1 Скопје беше достапен и му се судеше во присуство, за подоцна кога постапката повторно се водеше пред првостепениот суд истиот стане недостапен на органите на прогон (што упатува на тоа да тогаш обвинетиот јасно покажа дека сака да одбегне кривичен прогон), причина на што му се судеше во отсуство.
Исто така, во отсуство се водеше и постапката пред Апелациониот суд Скопје, по чие завршување беше донесена мериторна одлука со која истиот беше осуден на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци, а во чие времетраење се направија неколку обиди за доставување на писмена до осудениот токму на адресата која сега тој ја наведува во барањето за повторување на постапката, меѓутоа, на таквата адреса доставуваните писмена од страна на осудениот не беа примени“, пишува вишата обвинителката Фатиме Фетаи во поднесената жалба.
Таа тврди дека не се исполнети законските услови за повторување на судењето. Во конкретниот случај, нема ниту еден доказ дека постојат услови на осудениот Џ.М. да му се суди во негово присуство, тврди обвинителката.
„На овој начин,лице кое е осудено во отсуство може и додека е во странство (недостапно на органите на прогон) да дознае за пресудата со која е судено во отсуство, да поднесе барање за повторување на постапката, судот да му го дозволи тоа, како што е направено во случајов и повторно да биде недостапно. Во такви околности, во зависност од предвидените рокови за застареност на кривично гонење, дозволувањето за повторување на постапката може да резултира само со нов почеток на кривичната постапка, констатирање на настапена застареност и завршување на постапката без кривична одговорност, што секако не била интенција на законодавецот кога го предвидел институтот Повторување на постапката на лице судено во отсуство, во смисла на чл.456 ст.1 од ЗКП“, навел обвинителката Фетаи.
Исто така, според јавниот обвинител, Врховниот суд на Република Северна Македонија при одлучување по оваа жалба, неопходно е да го има предвид целиот тек и динамика на постапките кои се воделе пред Основниот кривичен суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје, кои покажуваат дека интенцијата на осудениот со барањето за повторување на кривичната постапка е одбегнување на издржување на затворска казна за дело во кое животот го изгуби млада личност.
Обвинителката во жалбата го аргументира и делот дека осудениот без ниеден доказ во прилог навел дека ќе биде достапен на истата адреса на која претходно не бил достапен во текот на кривичната постапка. Оттука, за јавниот обвинител неспорно е дека единствено кон што се цели со поднесеното барање за повторување на предметната кривична постапка и што се дозволува со донесеното решение на Апелациониот суд Скопје е одбегнување осудениот да ја издржи казната затвор за сериозно кривично дело со смртни последици.
„Крајно, однесувањето на осудениот кој првично беше достапен на органите на прогон, знаеше какво кривично дело извршил и без трошка каење за стореното, со години беше недостапен на органите на прогон, па потоа во моментот кога знае дека поради роковите на застареност ќе се спаси од издржување на казна затвор се појави со барање за повторување на кривичната постапка со неиздржани аргументи, не оди во насока на исполнување на она на што пред се инсистира законодавецот, а тоа е остварување на правдата“, потенцира Фетаи.
Таа од Врховниот суд побара решението на Апелациониот суд Скопје да го преиначи и да го одбие барањето за повторување на кривичната постапка спрема осудениот.
Станува збор за случај, добро познат за јавноста. Роднините на жртвата со години ја бараа правдата во судските лавиринти, за сообраќајката во близина на Католичка црква во Скопје, кога на 15 ноември 2014 година, 20-годишниот Џенис Мекиќ, управувајќи со џип со голема брзина, го прегазил 16-годишниот Иван Билински. Момчето по ударот итно бил пренесено во Ургентниот центар, каде им подлегна на повредите.
Валентина Вурмо