Душко Илиевски, во јавноста познат како Млекарот, неговиот татко Томе и брат Цане, откако неодамна добија 6.500 евра обешететување за времето кое по грешка го поминаа во притвор и поради предизвикана материјална штета, сега се соочија со нов удар. Апелациониот суд одлучи да им ја намали отштетата и да им досуди само 2.500 евра.
-Според одлуката на Апелација не сме докажале каде завршиле земјоделските производи, за кои ние пред првостепениот суд тврдевме и вештаците докажаа дека се уништени. Јас не знам што требаше да направиме дополнително за да го убедиме судот дека претрпевме голема психичка, но и материјална штета, вели Илиевски за „Фокус“, објаснувајќи дека сега предметот за штетата околу земјоделските производи е вратен на почеток.
Тој вели дека досега за судски трошоци дал 220.000 денари, а од судот обештетување добил само 160.000 денари.
-Каков е овој суд. Па јас со години морам да се влечкам по судот и да докажувам дека ми е направена голема штета и ми е нанесена голема неправда, а премиерот експресно си доби од Заев 50.000 евра. Каде е овде правдата и еднаквоста? прашува Илиевски.
Овој судски процес започна откако Илиевски, заедно со неговиот брат и татко ја тужеа државата бидејќи неосновано беа обвинети за нелегално одгледување на марихуана, но на крајот успеаjа да добијат ослободителна пресуда, бидејќи беше утврдено дека во нивната нива расте див коноп.
Душко Млекарот е незадоволен и од фактот што судот не му досуди обештетување за нарушување на пресумпцијата на невиност, бидејќи премиерот Никола Груевски, пред целата македонска јавност, го обвини дека садел марихуана.
-Судијката како доказ не сакаше да ги прифати снимките на кои се гледа како премиерот Груевски ме обвинува дека сум садел марихуана, а ја одбија и снимката на која се гледа дека и портпаролот на МВР го говори истото. Судијката рече дека овие докази не биле потребни, вели Илиевски.
Тој додава дека без овие докази му е оневозможено да докаже дека пред целата македонска јавност од премиерот и МВР бил прогласен за криминалец.
-Ја прашав судијката сега како, без овие докази, да докажам дека бев јавно линчуван и дека сум политички затвореник, вели Илиевски.
Илиевски најавува дека не се предава и дека правдата ќе ја бара во Судот за човекови права во Стразбур.
-Во Стразбур ќе докажам дека тука владее ненародна власт и дека во државата нема ниту независно судство, ниту полиција., дециден е Илиевски.
Илиевски, заедно со неговиот татко и брат, во 2010 година беа спектакуларно притворени во нивната нива и подоцна обвинети дека се занимавале со незаконско производство на канабис сатива. Вакво обвинување добија и лично од премиерот, кој пред медиумите предвреме ги прогласи за виновни.
Откако беа притворени тие тројцата 12 дена поминаа во истражниот затвор во Битола.
По неколку месеци судење, Основниот суд во Битола со решение ги ослободи тројцата од обвинението за кое беа товарени и ги прогласи за невини.